ПОРАКИТЕ НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ СÈ ПОАКТУЕЛНИ Не да им станете робови на лажните пророци!
На денешен ден пред 29 години починал Блаже Конески, поетот и лингвистот што го кодифицираше македонскиот јазик. „Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без кров над главата“, гласи една од неговите пораки, актуелни и денес.
Тешко е да се опише големината на Блаже Конески, кодификаторот на македонскиот современ литературен јазик и еден од „виновниците“ за негово осовременување, за продирањето во неговите длабочини. Корифејот од Небрегово починал токму на денешен ден пред 29 години. Оставил 13 поетски книги и многубројни текстови. Народот го познава по синтгамите од неговата поезија, кои и денес, години подоцна, стануваат своевиден фолкор и аманет да не се заборави посебноста на македонскиот јазик. Бидејќи, како што вели поетот, „да останеш без татковина е како да останеш без кров над главата“.
Во „Песните“ тој ќе напише:
Неук, си мислев:
па тие така случајно се јавуваат.
А сега назад погледнувам, гледам
– па тие ме обврзуваат!
Кон оваа поема може да се надоврзе и „Спомен по многу години“, во која Блаже Конески како да им се враќа на некои свои дамнешни стихови и мисли („ти што ќе стоиш на Гази-Баба, потомче, чуј…“), но со горчината на историските, животните и филозофските сознанија за себе и за својот народ:
Уште рика маката во мене
дека сум роден во смачкано
племе!
Но, во времето на нивното создавање, стиховите на Конески, кој претежно пишувал поезија, биле своевиден експеримент во јазикот, осовременување на јазичната форма, нејзино прилагодување во модерната поезија. Конески бил и прв преведувач на современи поети и класици, бидејќи „нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“, како што ќе каже еднаш бардот во 1948 година.
Во песната „Љубов“, една од многуте современи љубовни песни, поетот си игра со глаголот заледува, го става во повратна форма „се леди“, користи архаизми како зборот „цибрина“, а глаголот копнеам којшто обично оди со „по“, копнеејќи „по нешто“, сега добива директна форма, „те копнеам“.
Не иди зашто жалосна би била,
и колку да те копнеам – се ледам.
Што младоста во темен неврат скрила
ме влече назад со измамна сила,
но зар со подбив тоа да го гледам!
Сум сакал, сега цибрина ме свила,
не иди, љубов, жалосна би била.
Песната „Кафез“ звучи модерно, како да е пишувана денес. Во многу од песните тој ги открива и своите лични душевни состојби.
Триесет години. И што е сторено?
Триесет скршени врчки.
Детето во мене е затворено
во еден кафез од брчки.
Прилепчанецот којшто студирал во Белград, па во Софија, дојде во Скопје по студиите, за да го даде своето најдобро, својот завет за јазикот. За да ни ги остави „Везилка“, „Стерната“, „Болен Дојчин“, „Одземање на силата“, „Тешкото“ …
Како да се роди проста и строга македонска песна?
„Легендите, коишто подоцна ќе најдат обработка и во некои мои текстови, јас не сум ги запознал од книги, ами сум ги слушал од старите во својата селска куќа, во првото детство“, се потсетува Конески укажувајќи: „Уште оттогаш преминала во мене Стерна, страшната подземна вода“.
И еве пак е ноќ и пак е ниедна доба.
Сите спијат, а јас го загубив сонот.
Ми бучи стерната в уши како никогаш,
Како да претекла сета во мене
Конески вели дека поезијата не се создава од ништо, туку дека тоа е тријада која оди по насоката традиција – колектив – поет.
„Јас вршев иновација, ги вклопував старите пораки во современ израз и ги варирав по начин што му одговара на интересот на современиот човек“.
Во својот „Дневник по многу години“, Конески дава неколку анегдоти од своите средби со Иво Андриќ. Две искажувања на нобеловецот се многу податливи за одбележување. Едната, е за академиите:
,,Кога бев надвор, си мислев дека за среќа има едно тихо место, каде што спокојно луѓето си ја вршат својата сериозна работа. Кога влегов во Академијата, видов дека е таа најголемо змиско гнездо“.
Другата позната реченица е за татковината:
,,Сетете се како е да останеш без татковина. Тоа е исто како да останеш без кров над главата“.
Видливо е како Конески низ работниот век се борел со негаторите на македонскиот јазик кои и ден-денес знаат. Покрај редовната работа во МАНУ (избори, проекти, собири итн.), требало да се брани и татковината, што ќе рече покривот над главата од отворените и прикриените оспорувачи.
Ќе дојде време на лажни пророци
што божем во мое име
ќе ве збираат по плоштадите,
ќе креваат врева до небеси,
ќе се бувтаат во градите.
Немојте да им верувате!
Тие мислат само на себеси.
Бес ги распина внатре
душите да ви ги затре.
Тие варосани гробови!
Не да им станете робови!
Кој ќе се препознае меѓу можниве пророци?
При пишување, Конески тврди дека доживеал една речиси мистична визија: „… одеднаш бев обземен од чувство дека јас песната заправо не ја пишувам, ами ја откривам.“ Тој прави паралела меѓу тоа како Микеланџело ги работел своите скулптури, всушност, отсекувајќи ги парчињата кои се непотребни, за скулптурата сама да биде откриена во каменот.
Незаменлива е неговата песна посветена на ангелот од фреската во црквата Света Софија во Охрид кој со векови чекал да биде реставриран, да биде откопан од малтерот со кој османлиите го покриле во времето кога црквата била џамија.
Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен,
пак слободен си в простор зрачен
— о сине тих на мисла сина —
со живот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот.
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и — утеха од дните млади —
по убост како сестра ти е,
не, нема мајстор да ја спаси,
со мојот живот ќе се згаси
Кица Колбе во колумна за Дојче Веле пишува дека „Да се биде Македонец значи според Конески да се избере свесно товарот на противречната, трагична македонска историја. Токму затоа тој, надоврзувајќи се на истакнатите претставници од Преродбата, на учебникарите од почетокот и од средината на 19-от век, на Мисирков и на литературните творци како Кочо Рацин од периодот меѓу двете светски војни, целосно се посветува на одбраната на посебноста на македонскиот јазик“.
„Тој учествувал не само во историските настани со кои се поставиле темелите на македонската држава. А тоа е, пред се‘, кодификацијата на македонскиот литературен јазик и создавањето на азбуката, на правописот, на граматиката. Коневски бил основач и на сите значајни културни и научни институции во Македонија“, се додава во написот.
(Користени се статии од повеќе извори)