ПЕЛОСИ ПРИЗНА ДЕКА БАЈДЕН НЕ МОЖЕ ДА ГО ПОБЕДИ ТРАМП Демократите го убедуваат претседателот да се откаже 

Многу демократи веќе го повикаа Бајден да се откаже од трката по неговиот катастрофален настап во дебатата за Си-Ен-Ен, сега притисокот се зголемува уште повеќе иако американскиот претседател има „дефанзивен“ став кон анкетите.

333

Поранешната претседателка на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, демократката Ненси Пелоси, неодамна му рекла на претседателот Џозеф Бајден дека анкетите покажуваат дека тој не може да го победи републиканскиот ривал Доналд Трамп.

Таа, исто така, посочи дека Бајден би можел да ги уништи шансите на демократите да го освојат Претставничкиот дом, ако продолжи со кампањата за втор мандат, потврдија четири извори запознаени со овој разговор, пренесува Си-Ен-Ен.






Според еден извор, американскиот претседател се спротивставил на овој став, велејќи и на Пелоси дека видел анкети кои покажуваат дека може да победи, а друг извор го опиша Бајден како „дефанзивен“ во однос на анкетите. Се наведува дека во еден момент Пелоси го замолила Мајк Донилон, долгогодишен советник на Бајден, да се вклучи во разговорот за податоците од анкетите.

Ниту еден извор не потврди дека Пелоси му кажала на Бајден во разговорот дека верува дека претседателот треба да се откаже од кандидатурата за нов претседателски мандат.

– На претседателот е да одлучи дали ќе се кандидира. Сите го охрабруваме да ја донесе таа одлука бидејќи времето истекува – рече Пелоси минатата недела.

Белата куќа вчера потврди дека американскиот претседател Џо Бајден е позитивен на Ковид-19. Дијагнозата тешко дека би можела да дојде во полош момент за Бајден, пишува Политико. Новонастанатата ситуација ја продлабочи внатрепартиската анксиозност и отпорот кон неговата реизборна кампања.

Многу демократи веќе го повикаа Бајден да се откаже од трката по неговиот катастрофален настап во дебатата за Си-Ен-Ен. Сега дури и оние демократи кои јавно не го повикаа Бајден да се откаже, но приватно се склони кон таа идеја, би можеле да го зголемат притисокот.

– Тајмингот за ова не може да биде полош. Тоа ги потсетува сите колку години има Џо Бајден – рече демократ запознаен со внатрешните дискусии во Белата куќа.

Паралелно со објавувањето на дијагнозата, ABC News објави дека лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер во приватен разговор му рекол на Бајден дека би било добра идеја тој да се пензионира.

Во тој разговор, Шумер му признал на Бајден дека е загрижен за потенцијалниот пораз на демократите на ноемвриските избори, потврди за Политико човек близок и на Бајден и на Шумер.

Бајден ја паузираше кампањата додека не закрепне од короната.

Поврзани содржини