ПАРАНОИЧНИОТ ЖИВОТ НА ВЛАДИМИР ПУТИН Се крие во својата „држава во држава“, излегува само со таен воз, други ја пробуваат храната…
Во малата држава во држава, Путин сите го викаат шеф, тој има свои тестери на храната, инженери, па и пожарникари. Целосно е отсечен и не зборува на мобилен телефон. Уште важат правилата за карантин ако треба да се види со некој, а ако сака да оди во своите викендички користи таен воз. За разузнавачите да бидат збунети се користат и лажни авиони за да се исценира дека Путин заминал од некое место.
Рускиот лидер Владимир Путин е патолошки исплашен за неговиот живот и затоа живее во „држава во држава“ со своја тајна железница, тајни протоколи, ретко излегува од својот „бункер“, а никогаш не зборува на мобилен телефон за да не биде следен. Ова го тврди висок руски безбедносен функционер кој лани пребегнал од Русија, пишува Гардијан.
Во интервју за Центарот за досие, невладина органзиција на милијардерот Михаил Ходорковски, кој е голем критичар на Путин, 36-годшниот Глеб Каракулов открива детали за Путин.
Држава во држава
Каракулов служел како капетан во Федералната служба за заштита (ФСО), моќно тело задолжено да ги штити највисоките функционери во Русија. Тој е инженер за комуникации. Тој ги шифрирал пораките на руски функционери и бил на повеќе од 180 патувања со Путин. Но, за него Путин е „воен злосторник“.
– Нашиот претседател изгуби контакт со светот. Тој живее во информативен кожурец во последните неколку години, поминувајќи го поголемиот дел од своето време во неговите резиденции, кои медиумите многу соодветно ги нарекуваат бункери.
Каракулов опиша виртуелна држава во држава која вклучува пожарникари, тестери за храна и други инженери кои патуваат со Путин на неговите патувања во странство.
– Тие го нарекуваат шеф, го обожаваат на секој начин и за него зборуваат само со тие зборови – рече тој.

Тајниот воз до Огариово и до Сочи
За тајниот воз на Путин Каракулов вели дека тој се користи бидејќи „не може да се следи на ниту еден информативен ресурс. Тоа е направено за скришни цели“. Претходно, рускиот истражен медиум „Проект“ објави сторија за оваа железница, која наводно вклучуваи паралелни линии и станици во близина на резиденциите на Путин во националниот парк Валдај во Ново-Огариово и во близина на неговата резиденција Бочаров Ручеи во црноморското одморалиште Сочи.
Каракулов, исто така, опиша дека воспоставил тајни комуникации за Путин на авиони, хеликоптери, раскошни јахти, па дури и во засолниште за бомби во руската амбасада во Казахстан за време на посетата во октомври 2022 година. Тогаш била шансата Каракулов да побегне. Избегал во Турција и оттаму во неоткриена земја на запад.
Нема телефон, интернет, целосно е отсечен
Тој потврди дека Путин во голема мера се потпира на информациите на извештаите обезбедени од неговите безбедносни служби. Путин не користи мобилен телефон или интернет, рече Каракулов, а со себе не носи ниту специјалист за интернет на патувањата во странство.
– Тој добива информации само од неговиот најблизок круг, што значи дека живее во информативен вакуум – рече тој.
Путин, исто така, сè уште е во карантин и бара од целиот персонал кој работи во иста просторија со него, исто така, да помине двонеделен карантин, сериозно ограничувајќи го бројот на луѓе кои имаат личен контакт со него. Всушност, според Каракулов, целата параноја кај Путин започнала со короната.
– Тој се исклучи од светот. Неговото сфаќање за реалноста стана искривено – вели поранешниот служеник, иако не смета дека здравјето на Путин е сериозно влошено.
Исти канцеларии и лажни авиони за да се збунат разузнавачите
Каракулов рече дека Путин користел идентични канцеларии во Санкт Петербург, Сочи и Ново-Огариово и дека тајните служби користеле лажни мотори и авиони мамки за да се преправаат дека тој заминува.
– Ова е измама да се збуни странското разузнавање, на прво место, и второ, да се спречат какви било обиди за негов живот – рече тој.
Каракулов сакал и претходно да избега, но му требало време да ја убеди сопругата да избегаат заедно со децата. Лани во Казахстан тој нашол погоден момент, им кажал на колегите дека не се чувствува добро и заминал за аеродромот.
Таму го чекале жената и ќерката кои претходно долетале од Русија.