ПАНДЕМИЈАТА Е ВО РАЦЕТЕ НА ШОЛЦ! Мора да дозволи патентот на вакцината на „Фајзер“ да им се даде на сите
Германија веќе не е во чекор со остатокот од ЕУ во врска со приклучувањето на глобалното движење вакцините против ковид-19 да се направат достапни за сите, и треба да испрати силен сигнал до Џо Бајден, пишува нобеловецот Џозеф Стиглиц во колумна во британски Гардијан.
Најавувајќи ја „новата ера“ за Германија минатиот месец, новиот канцелар на земјата, Олаф Шолц, јасно ги кажа своите смели намери. „Ние сме обединети со нашата верба во напредокот, и дека политиката може да постигне нешто добро“, рече тој, започнувајќи ја програмата на неговата коалиција СПД-Зелени-ФДП, под слоганот „Осмели се повеќе да напредуваш“, пишува нобеловецот Џозеф Стиглиц во колумна во британски Гардијан.
Оваа самонаречена „коалиција за напредок“ ветува низа социјално-либерални домашни политики – но воопшто може да има најголемо влијание доколку се осмели да се приклучи на глобалното движење за да ги направи вакцините против ковид-19 достапни за сите, како глобални јавни добра. Изјавата „Никој не е безбеден додека сите не се безбедни“ мора да биде повеќе од убав и звучен слоган: Германија има можност и обврска да помогне тоа да стане реалност.
Шолц е оправдано горд на водечката улога што ја одигра во последниве години за глобалната правичност. Како министер за финансии на Германија, минатиот јули тој беше клучен играч во постигнувањето консензус за глобална минимална стапка на корпоративниот данок.
Како нов канцелар на земјата, тој мора да направи втор чекор во интерес на глобалната правичност. Досега Германија не можеше да се натера да го одработи својот дел за да обезбеди достапност на вакцини против ковид-19 за сите луѓе во светот. Тоа е императив за глобалното јавно здравје – но тоа е и во личен интерес на Германија.
Она што е потребно е Германија да се согласи на привремено изземање од правилата за интелектуална сопственост на Светската трговска организација. СТО моментално го задушува светското производство на вакцини и антивирусни третмани за ковид-19. Доколку се отстрани оваа бариера, би можело да се произведат повеќе дози вакцини во и за земјите во развој. Токму тоа му треба на светот, како што повторно тоа ни го покажа и појавата на сојот Омикрон.
Досега германската влада беше главниот проблем за да се согласи на откажување од патент во рамките на СТО. Додека големите земји на ЕУ, како Франција, Италија и Шпанија го поддржуваат изземањето, германската влада активно лобираше кај другите земји-членки на ЕУ да го отфрлат одобрувањето на откажувањето.
Охрабрувачко е што Карл Лаутербах, политичар од СПД и епидемиолог, кој јасно се изјасни за откажување од СТО, е назначен за министер за здравство на Германија. Но, сега Шолц треба да дејствува.
Фактите зборуваат сами за себе: додека околу 56 проценти од 7,9 милијарди луѓе во светот примиле барем една доза вакцина против ковид-19, бројката е 7,2% во земјите со ниски приходи. Стапките на вакцинација се особено ниски во Африка.
Дури и пред да стане очигледна потребата од засилувачки вакцини, и пред да се одобри вакцинацијата на децата, на светот му беа потребни помеѓу 11 и 15 милијарди дози до крајот на 2021 година, што е далеку повеќе од сегашниот производствен капацитет. Јазот помеѓу побарувачката и понудата може дури и да се зголеми во наредните месеци.
Замислете откажувањето од СТО да беше одобрено пред една година, кога за првпат и беше предложено: ќе имаше помалку заразени луѓе, помалку болнички пациенти и помалку смртни случаи денес, особено во земјите и економиите во развој. Затоа производствените капацитети на глобалниот југ мора да бидат пуштени во употреба што е можно поскоро. Во спротивно, немаме реални шанси да победиме во борбата против пандемијата во скоро време.
Откажувањето од СТО е повеќе од само хуманитарна грижа и глобална правичност. За Германија како главен извозник, како и земја на туристи кои патуваат низ светот, ова е исто така прашање на личен интерес. Секој ден читаме наслови за тоа како ковид ги нарушил синџирите за снабдување. Ова има директно влијание и врз глобалната економија. Основната логика е јасна: колку помалку луѓе ширум светот се вакцинирани, толку повеќе простор има вирусот да мутира во опасни варијанти.
Промената на позицијата на германската влада, исто така би испратила важен сигнал преку Атлантикот. Пред шест месеци, администрацијата на Бајден ја објави својата поддршка за привремено откажување од правата на интелектуална сопственост, и ги повика и другите богати земји да го сторат истото. Како што знае Шолц од глобалната борба за даночна правда, соработката со администрацијата на Бајден може да биде токму таа клучна цигла за градење на напредокот.
Сојот Омикрон нагласува колку итно јавното здравје и глобалната економија се загрозени, сѐ додека болеста беснее. Прашањето за сите луѓе е: „Дали правам сѐ што можам за да го контролирам овој вирус?“ Ова особено важи за политичарите на кои им е доверена благосостојбата на луѓето на кои им служат.
За жал, одговорот на ова прашање не е наменето само за Џо Бајден и за Олаф Шолц. Тоа важи и за претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој исто како и Бајден, ја изрази својата поддршка за откажување од СТО во средината на 2021 година, но сѐ уште не постапил по него. Тој треба да го искористи француското претседателствување со ЕУ во првата половина од 2022, за да обезбеди поддршка од целата ЕУ за откажувањето.
Само кога сите ќе се согласат од откажувањето од СТО, ќе го направат она што е неопходно. Но, ќе мора и уште повеќе да се направи, вклучувајќи и поттикнување на трансферот на технологија. Само тогаш може адекватно да се зголеми производството на вакцини низ целиот свет. И само тогаш навистина ќе може ефикасно да се спротивставиме на ширењето на вирусот.
(Џозеф Е. Стиглиц е нобеловец по економија и професор на Универзитетот Колумбија)