📽 ОВА Е ПРВИОТ ЧИН ОД ТРАГЕДИЈАТА НА ЖАРКО ЛАУШЕВИЌ Шешељовци го нападнаа додека го играше Свети Сава во претставата режирана од Владимир Милчин
Погледнете како хулиганите на Воислав Шешељ во 1993 ја прекинаа претставата „Свети Сава“ на Југословенско драмско позориште. По инцидентот во Зеница, по совет на полицијата, Жарко купи пиштол, а оптоварен со постојани закани, при една кавга во кафуле во Подгорица, го употреби...
По веста за смртта на актерот Жарко Лаушевиќ (63), кој почина денеска по кратко и тешко боледување, медиумите се потсетуваат на трагичната судбина на еден еден од најпознатите и најпризнати југословенски актери во 1980-те години, чија кариера нагло беше прекината поради злосторството што го направи во 1993 година, за што беше осуден на неколку години затвор во родната Црна Гора.
Малкумина денес се сеќаваат на настаните што му претходеа на злосторството. Повозрасните треба да се потсетат, а помладите да научат кој настан засекогаш ги промени животот и кариерата на овој исклучително талентиран и харизматичен драмски актер.
Првиот чин на трагичната судбина на Жарко се случи на 31 мај 1990 година, кога беше најавено дека Народниот театар од Зеница ќе биде домаќин на култното Југословенско драмско позориште со претставата „Свети Сава“, по текстот на Синиша Ковачевиќ, во режија на Владимир Милчин.
Во една прилика, на прес-конференција, Лаушевиќ рече дека последната ноќ на Балканот во 1994 година, пред да биде осуден на затворска казна за двојното убиство, ја поминал во Скопје. Неговата сопруга беше жена Македонка. Една од работите кои судот му ги запленил било и сценариото за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Тогаш рече дека во животот ја имал и таа чест да работи со македонските режисери Владимир Милчин и Слободан Унковски.
Лаушевиќ тогаш беше во зенитот на популарноста. Зад себе имаше впечатливи улоги на современи и на историски ликови: Шиље од „Сивиoт дом“, поручникoт Петр Хорват во „Офицерот со роза“, усташoт Браца Гавран од филмот „ Браќа по мајката“, Милош Обилиќ во „Битката на Косово“… За улогата на Свети Сава тој во 1990 година во Нови Сад ја доби Стерјината награда.
„Кога се обидов да ја изведам истата претстава во мојот матичен театар се случи еден од најтемните настани во историјата на југословенскиот театар. Воислав Шешељ, лидерот на Радикалната партија, засилен со еден поранешен поп Жарко Гавриловиќ и луѓе од неговата Светосавка партија, дивјачки ми ја прекинаа претставата и ја оневозможија изведбата. Педесетина хулигани ги провоцираа актерите на сцената, уверени дека таа го навредува ликот на Свети Сава. Врисоците, пцостите и повиците за линч беа неподносливи, а актерите беа во шок и неверување, многумина трогнати до солзи“, пишува познатиот актер во својата книга.
– Ве замолувам да ја зачувате својата проценка, каква и да е, за крајот на претставата – им рекол Лаушевиќ на провокаторите во салата.
Бидејќи Шешељовите хулигани сè уште не им дозволувале на актерите да продолжат со претставата, во тој драматичен момент, Жарко, облечен во средновековна носија, во лицето на „патриотите“, ја кажа антологиска реченица:
– Ќе ја одиграме целата претстава. Вие не сте поголеми Срби од мене, ниту од Синиша Ковачевиќ, ниту од некој учесник овде.
Погледнете што се случувало на сцената во Зеница:
По тој инцидент за Жарко Лаушевиќ ништо не беше исто.
– Да не беше таа ноќ немаше да добивам закани дека ќе бидам ликвидиран. Од истата причина, многу брзо по овој настан, по совет на полицијата, купив пиштол, а по уште еден немил настан во „Бојан Ступица“, односно повторно под ист покрив, почнав да го носам со мене цело време во кожна торба – раскажа Жарко.
Недолго потоа, во ноќта помеѓу 30 и 31 јули 1993 година, тој се најде во ситуација да пука со тој пиштол во самоодбрана. При расправија и конфликт пред едно кафуле во Подгорица, Лаушевиќ со пиштол ги уби напаѓачите Драгор Пејовиќ и Радован Вучиниќ, а тешко го рани Андрија Кажиќ.
Беше осуден на 13 години затвор за двојно убиство. Лаушевиќ првпат го опиша настанот и неговите последици, кои суштински ќе му го променат животот, во автобиографската книга „Годината поминува, денот никогаш“ (2011), како и во продолжението „Втора книга“ (2013). Третата книга „Сè поминува, па дури и доживотната“ (2018) е дневник од затворот во Забела, каде што поминал две и пол години.
Откако Федералниот суд во 1998 година му ја намали казната на четири години, Лаушевиќ беше ослободен откако отслужи малку повеќе од тоа и замина во САД во 1999 година.
– Тие први денови, недели, надвор од затворските ѕидови, во Спушка, во Забела или најмрачните, во Централниот затвор, би можеле да се сумираат во еден единствен стих на Арсен: „Како после болест, пак учам да јадам, да шетам…“ – напиша Лаушевиќ во својата последна објавена книга „Падре, идиот“ (2022).
Со одлука на Врховниот суд на Црна Гора во 2001 година, актерот повторно беше осуден на 13 години затвор, додека во 2011 година беше помилуван од тогашниот претседател на Србија Борис Тадиќ.
Бранка Бешевиќ Гајиќ во 2014 година го сними документарно-играниот филм „Лауш“ за судбината на актерот. Ова е официјалниот трејлер за тој филм:
ПОЧИНА ЖАРКО ЛАУШЕВИЌ Беше актер, миленик на жените, затвореник, бунтовник…