ОТКРИТИЕ НА СРЕДНОШКОЛЕЦ ЈА ОТВОРА МОЖНОСТА ЗА НОВА ЗЕМЈА Планета оддалечена 146 светлосни години наликува на нашата

Дополнителните модели покажуваат дека ѕвездата околу која орбитира HD 137010 b е поладна и послаба од Сонцето. Тоа би значело површински температури слични на Марс, со можни падови под -70 степени Целзиусови. Иако планетата е космички блиска, патувањето до неа со сегашната технологија би траело десетици илјади години.

0

Потенцијално населлива планета, речиси со големина на Земјата, се појави на хоризонтот на астрономијата, оддалечена околу 146 светлосни години. Научната приказна доби неочекуван пресврт бидејќи првиот траг го забележал средношколец, тогаш вклучен во проект за граѓанска наука.

Планетата, означена како HD 137010 b, орбитира околу ѕвезда слична на Сонцето. Според проценките, таа е околу 6 проценти поголема од Земјата. Орбитата траела околу 355 дена, ритам што наликувал на земјиниот календар. Научниците пресметале дека постои приближно 50 проценти веројатност планетата да се наоѓа во зоната погодна за живеење во однос на нејзината матична ѕвезда.






Податоците потекнувале од 2017 година и биле собрани од вселенскиот телескоп „Кеплер“ на НАСА, во рамките на продолжената мисија К2. Меѓународен тим од Австралија, Велика Британија, САД и Данска подоцна ги анализирал сигналите и ја издвоил оваа кандидат-планета како особено значајна.

 

Д-р Челси Хуанг од Универзитетот во Јужен Квинсленд објаснила дека релативната близина на ѕвездата ја правела планетата исклучително интересна за идни набљудувања.

– Она што е возбудливо е што ѕвездата е на само околу 150 светлосни години, многу поблиску од други слични кандидати – истакнала таа.

Детекцијата се случила кога планетата накратко поминала пред својата ѕвезда, предизвикувајќи минимално затемнување. Токму тој слаб сигнал првично го забележале граѓани научници. Меѓу нив бил и д-р Александар Венер, тогаш средношколец, денес доктор на науки.

– Тоа искуство ме насочи кон науката. Неверојатно е да се вратам и да видам дека откритието има вистинска тежина – рекол Венер.

Првичната реакција на истражувачите била скептична.

– Мислевме дека е грешка. Проверувавме двапати и трипати. На крајот сфативме дека навистина гледаме транзитна планета – објаснила Хуанг.

И покрај оптимизмот, научната заедница повикува на претпазливост. Д-р Сара Веб од Универзитетот Свимбурн, која не учествувала во студијата, потсетила дека е регистриран само еден транзит.

– Златниот стандард се три детекции. Можно е да станува збор и за таканаречена „супер снежна топка“, голема и ледена планета со замрзната вода – рекла таа.

Дополнителните модели покажуваат дека ѕвездата околу која орбитира HD 137010 b е поладна и послаба од Сонцето. Тоа би значело површински температури слични на Марс, со можни падови под -70 степени Целзиусови. Иако планетата е космички блиска, патувањето до неа со сегашната технологија би траело десетици илјади години.

Поврзани содржини