ОСУДЕНИ НА СМРТ ОД БУГАРСКИОТ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР 80 години од бесењето на Ѓорѓи Наумов, Блаже Рогозинаро и Кочо Десано

Вчера навршија 80 години од смртта  на Ѓорѓи Наумов, Блаже Рогозинаро и Кочо Десано, кои од бугарскиот фашистички окупатор биле осудени на смрт со бесење, а пресудите биле извршени на 21 јули 1942 година  во Скопскиот затвор.

999

На вчерашен ден, 21 јули, во 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Ѓорѓи Василев Наумов. Тој бил истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија.

Роден бил во Битола на 18 јануари 1916 г. Потекнувал од земјоделско семејство од селото Битуша, Леринско, егејски дел на Македонија, кое по Првата балканска војна се доселило во Битола. Бил брат на народниот херој Стеван Наумов – Стив. Работел како шофер и бил вклучен во разни активности на работничкото движење во Битола од пред Втората светска војна. Од 1941 година станал член на Комунистичката партија на Југославија.






Заедно со својот брат Стив Наумов мошне рано се пројавил како организатор на антиокупаторското и антифашистичко движење во Битола. Кога битолската партиска организација започнала подготовки за формирање на партизански одред, бил еден од активистите кои најмногу биле ангажирани на таквата задача. На 12 април 1942 г. се префрлил во Лавчанската корија, каде бил организиран во партизански логор. Откако пристигнале сите доброволци, на 22 април 1942 г. бил формиран Првиот битолски партизански одред „Пелистер“, а Ѓорѓи Наумов бил назначен за командант на одредот.

Спроти празникот Први мај, при извршување на илегални задачи во селото Лавци, Ѓорѓи Наумов бил откриен и заробен од бугарската полиција. На 3 мај 1942 година, Првиот битолски партизански одред „Пелистер“ бил уништен од бугарската војска и полиција. При натамошните испитувања во бугарскиот истражен затворот во Битола, Ѓорѓи Наумов бил подложен на страшна физичка тортура, која храбро ја издржал. Скопскиот воен прек суд со пресуда бр. 228 од 21 јули 1942 г., на смрт со бесење осудил девет комунисти и партизански борци, од кои неколку во отсуство. Осуден на смрт со бесење бил и Ѓорѓи Наумов. Истиот ден пресудата била извршена во скопскиот затвор.

На 21 јули 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Блаже Димитровски – Рогозинаро, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во селото Путурус, Битолско, во 1904 г. Пред Втората светска војна бил печалбар во Франција. Тогаш, најнапред, станак симпатизер на комунистичката идеологија, а потоа и член на Комунистичката партија на Франција. По враќањето во родниот крај ги продолжи своите прокомунистички и македонски национално-ослободителни активности.

По бугарската окупација во април 1941 г. неговиот стан во Битола бил местото каде многу често се криеле и престојувајале најистакнатите партиски раководители од градот и околината и местото каде често се одржувале партиски состаноци. Во април 1942 г. е во борбениот строј на Првиот битолски партизански одред „Пелистер”. При откривањето и уништувањето на Одредот бил заробен од бугарската окупаторска војска и полиција на 3 мај 1942 г. Подоцна, на судењето во Битола, е осуден на смрт, а казната со бесење била извршена во Скопскиот затвор на 21 јули 1942 г.

На 21 јули 1942 година во Скопје од бугарските фашистички окупатори е осуден на смрт и обесен Кочо Десанов – Десано, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во Битола во 1920 г. Во синдикалното движење бил вклучен од пред Втората светска војна. По бугарската окупација на Вардарскиот дел на Македонија е примен за член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ). Во април 1942 г. бил непосредно ангажиран во организирањето, прифаќањето и испраќањето на борците од градот Битола кон партизанскиот логор над битолското село Лавци, каде требаше да биде формиран првиот партизански одред во Битолско.

По уништувањето на партизанскиот одред „Пелистер“, тој е откриен и уапсен од бугарската полиција. Бугарскиот окупаторски воен суд го осудил на смртна казна со бесење, која веднаш била реализирана во Скопскиот затвор на 21 јули 1942 г.

Подготвил: д-р Александар Литовски, историчар

(преземено од apla.mk)

 

 

Поврзани содржини