„ЈОРУКЛУК“, НОВИОТ БИСЕР ОД ГРЛОТО НА ЕЛЕНА ХРИСТОВА Слушачка промоција на новиот албум на пејачката на „Баклава“

Албумот „Јоруклук е комплетно мој авторски албум. Инспириран е од моите долгогодишни истражувања на Јоруците од Македонија, вели Елена Христова која утре (1 јули), во Бифе Тафталиџе ќе ја раскаже приказната за неговото создавање.

158

Утре вечер, 1-ви јули, на преубавата тераса на Бифе Тафталиџе, ќе се одржи слушачка промоција на албумот „Јоруклук“ на Елена Христова од „Баклава“, а ќе може да се купи и цеде или плоча од албумот.

Во пресрет на промоцијата, Елена ни кажа само дека албумот „Јоруклук“ е комплетно нејзин авторски албум, инспириран е од нејзините долгогодишни истражувања на Јуруците од Македонија. Целата приказна за неговото создавање Елена ќе ја раскаже на самата промоција.






Ако и вас ве збунува називот на албумот Јоруклук, да објасниме дека Yörük на турски е името за Јуруците, номадски или полу-номадски народ кој живее претежно во планинските подрачја на југозападна и јужна Турција, но историски и на Балканот (вклучително и во Македонија). „Yörüklük“ е турски збор и се користи за да го означи „јоручкиот начин на живот“, „јоручката традиција“ или „припадноста на јоруците“.

Интересно е и дека дизајнот на албумот е на Дивна Пешиќ Грозданов, македонска сликарка и членка на тимот на Македонија на Олимписките игри во 2000 и 2004, во стрелаштво.

Инаку, ова не е прва промоција на албум на Елена во Бифе Тафталиџе. Таму таа и нејзиниот бенд Баклава пред две години го промовираа албумот „За Скопје со љубов“, затоа што тоа е вистинското место кога станува збор за сите муабети, во случајов и песни, поврзани со Скопје.

Инаку, годинава Баклава прославува и две децении од своето постоење во текот на кои имаше пет различни изданија, претежно авторски песни, мешавина од повеќе јазици и музички стилови…

Нивниот прв албум „Баклава“ е концертен, „Калемар“ е нивниот прв студиски албум, создаден од композиции од самите членови. На третиот албум „Многу ми недостигаш“, се мелодии од различни народи, култури и религии.

„Четворката“ е нивниот најличен албум, кој излезе првпат и на винил, и буквално е дефиниција за World Music или музика на светот.

Петтиот албум „За Скопје со љубов“ излезе на ЦД и винил во 2023 година, под брендот на издавачот CPL Music.

Со музиката на Елена Христова, тие успеваат да ги спојат традиционалните звуци со модерни звуци од целиот свет…

Поврзани содржини