ОРБАН ГО УРНА ЕВРОПСКИОТ КОНСЕНЗУС ПРОТИВ ВЕТОТО Доби ли Софија нов сојузник во Будимпешта?

Иако фокусот на унгарската блокадата е опасноста Украина да стане членка на ЕУ, индиректните последици се чувствуваат и во Македонија. Останува фактот дека земјата е заробена во спорот со Бугарија. Одлуката на Орбан само ја потврди реалноста – Македонија е дел од процес во кој една држава може да ја држи како заложник.

1,404

На самитот на Европскиот совет во Копенхаген, пропадна предлогот на претседателот Антонио Кошта за укинување на принципот на едногласност во одлучувањето за проширувањето на Унијата. Наместо консензус, идејата беше одлуките да се носат со квалификувано мнозинство. Но, против ова најгласно се изјасни унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој со тоа го сопре чекорот кон поголема функционалност на ЕУ и го задржа правото на вето.

Веста предизвика лавина реакции, особено бидејќи токму Унгарија последниве години често го користи своето право на вето. Европските дипломати потсетуваат дека Брисел е заложник на ова правило, а Орбан одамна го претвори во алатка за политички пазар. „Европа не може да оди напред ако секојпат чекаме дозвола од Будимпешта“, остро реагираше еден висок дипломат во изјава за „Политико“.






Зависност од рускиот гас и проблемот на Украина

Еден од клучните мотиви зад унгарското противење е силната енергетска зависност од Русија. Додека повеќето земји на ЕУ се обидуваат да ја намалат употребата на руски гас, Будимпешта и натаму е врзана со долгорочни договори со „Гаспром“. Слична позиција има и Словачка, која исто така е загрижена дека со укинувањето на правото на вето ќе се изгуби единствената можност за одбрана на своите интереси во однос на енергетската политика.

Втората, уште поважна причина е односот на Унгарија кон Украина. Орбан одамна јавно кажува дека не ја гледа соседната држава како подготвена за членство во Унијата. „Украина е далеку од европските стандарди и секој обид за забрзано членство е опасен“, порача неодамна унгарскиот премиер. Со блокирањето на промената на правилата, Будимпешта си гарантира дека може во секој момент да стави сопирачка на украинскиот пат кон ЕУ.

Стратегиски избор или идеолошки инает

Сепак, зад овој став не стојат само прагматични енергетски или безбедносни интереси. Орбан последниве години се позиционира како лидер на европската десница, кој сака да покаже дека Брисел не може да диктира на националните држави. Тој често зборува за „суверена Европа“ и инсистира на тоа дека одлуките мора да се носат со согласност на сите членки. За него, задржувањето на правото на вето е симбол на таа сувереност.

Многу европски лидери го обвинуваат Орбан дека работи против европските интереси и дека всушност ја користи зависноста од Москва за да ја блокира ЕУ. Германскиот канцелар Фридрих Мерц го укори Орбан од Унгарија, „додека ЕУ се обидува да изгради единство околу одбранбените планови.“ Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека ваквите блокади се „опасни и заедничкиот проект го прават ранлив“.

За Будимпешта на прво место се националните интереси

Унгарија одговара дека секојпат се води од националниот интерес. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто повтори дека „нема ништо лицемерно во тоа да се штитат интересите на сопствените граѓани“. Но, европските критичари укажуваат дека зад „штитењето интереси“ се крие политичка агенда која ја подрива европската кохезија.

Прашањето за укинување на ветото не е само техничко. Тоа е директно поврзано со довербата во процесот на проширување. Со сегашниот систем, секоја земја има право да го стопира патот на кандидатите, па така Украина и Молдавија, а и земјите од Западен Балкан, остануваат зависни од милоста на една или две членки.

На страната на Унгарија е Словачка, но и Бугарија?

Иако Унгарија е најгласна, таа не е осамена. Словачка, делумно и Бугарија, делат слични резерви. Но, Орбан е тој што најсилно се поставува против реформите, што го прави централна фигура на контроверзијата.

Со ваквата позиција, унгарскиот премиер си обезбедува простор за политички маневри. Тој може да преговара за финансиски средства од ЕУ, за попуштања околу санкциите кон Русија, или за други отстапки. „Орбан знае да ја користи својата моќ до максимум“, коментира еден дипломат од Брисел.

Опасноста од замор од проширувањето

Но, цената ја плаќа Унијата. Колку повеќе се блокира процесот, толку повеќе кандидатите губат верба во ЕУ. „Не смееме да дозволиме регионот да стане жртва на европската парализа“, предупреди европратеник од групата на Зелените.

Долгорочната опасност е заморот од проширувањето. Ако ветото остане единствено оружје во рацете на една или две држави, целиот процес може да стане нефункционален. А тоа значи дека Европската унија ќе ја изгуби својата најсилна геополитичка алатка – перспективата за членство.

Софија добива нов сојузник во блокирањето на Македонија?

Иако фокусот на блокадата е Украина, индиректните последици се чувствуваат и во Македонија. Останува фактот дека земјата е заробена во спорот со Бугарија и дека без едногласност нема напредок. Одлуката на Орбан само ја потврди реалноста – Македонија е дел од процес во кој една држава може да ја држи како заложник.

Ако ветото се укинеше, влијанието на Бугарија ќе беше ослабено, а процесот ќе добиеше нова динамика. Сега, пак, Софија има силен сојузник во Будимпешта, што ја зголемува веројатноста спорот да продолжи да го блокира македонскиот пат.

Самитот во Копенхаген покажа дека Европа е длабоко поделена. Унгарија го слави правото на вето како гаранција на суверенитетот, а останатите го гледаат како сопирачка на иднината. На тој крстопат, Македонија и целиот Западен Балкан повторно се најдоа на страна, чекајќи ги внатрешните расправии на Унијата да завршат.

СЕ КРЧКА УКИНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ Австрија, Словенија, Германија и Италија бараат едногласноста да остане само на почетокот и на крајот

Поврзани содржини