КУЛТУРНИ НАСТАНИ СО АКЦЕНТ НА ИНКЛУЗИЈА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИТЕ ГРУПИ Четврто издание на манифестацијата „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“

Културната манифестација „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ не е интересна само поради тоа што е автентичен обид за иницирање и развој на независна културна сцена надвор од урбаните центри, туку и по тоа што посветува и особено внимание на маргинализираните групи, вклучувајќи ги и штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар.

108
Во петок, на 18-ти јули, на театарската сцена при Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар со почеток во 21 часот, ќе биде прикажана претставата „Синиот портокал“ од Џо Пенхол, во режија на Александар Ивановски, а во изведба на велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов-Џинот.
„Синиот портокал“ е македонска праизведба на истоимениот драмски текст на британскиот автор Џо Пенхол.





Во центарот на оригиналната пиеса се двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад  пациент со шизофренија, афроамериканец кој доаѓа од црнечкото гето, а кој во постановката на драмата во Велешкиот театар се вика Ерџан и е Ром, кој заглавува во лавиринтот на својата шизофренија, но и во лавиринтот на психијатриската клиника.
Претставата е во рамки на фестивалот – Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста – во организација на Центарот за креативни индустрии – НЕБО кој годинава се одржува по четврти пат.
За Јасмина Котевска и нејзината мисија

Културната манифестација чија мисија е заживување на културната клима во овој рурален град во западна Македонија, дефинитивно, успева во тоа. За ова е најзаслужна Јасмина Котевска, историчарка на уметност, претседател на Центарот за креативни индустрии „Небо“ од Суводол, но и жена која по магистерските студии и комплетирањето на своето образование, се враќа во родното село за да им помогне на своите родители, но и на пошироката заедница.

Навистина единствена личност со голем број интереси и целосна посветеност на развојот на независна културна сцена надвор од урбаните центри, а особено посветена на инклузијата на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар, жена која освен со уметност, се занимава и со сточарство и со производство на сирење на семејната фарма во Суводол.

Во 2018 година заедно со група пријатели Јасмина го формира Центарот за креативни индустрии-НЕБО од Суводол со кој досега имаат реализирано голем број на проекти од областа на културата и уметноста, а во 2019 година ја добиваат наградата од Советот на Европа за фото приказната „Многу луѓе-многу погледи“.

Приказната го претставуваше македонското културно наследство, конкретно културно-историските богатства на Охрид, доловено преку фото-објективот на маргинална група лица од Психијатриска болница во Демир Хисар. Селектирани фотографии, кои учесниците имале можност да ги изработат за време на нивната тридневна посета на културното наследство на градот Охрид, како и ликовни дела инспирирани од истиот настан, беа претставени на изложбата „Охрид/поглед од другата страна“ чии куратори беа токму Јасмина Котевска и Стефан Шашков, историчар на уметност и фотограф.

Јасмина беше и кураторка на мултимедијалниот проект „Одејќи по тенки линии“, кој минатата година беше поставен во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ во Скопје. И тука повторно во центарот на нејзиниот интерес е темата за психолошкото здравје.

Имено, активностите во рамките на проектот „Одејќи по тенки линии“ беа осмислени за да поттикнат дискусија за менталното здравје и да ја зацврстат борбата против предрасудите за менталните болести.

Манифестацијата која стартува на 18 јули со претставата „Синиот портокал“, а која ние ја нарековме демирхисарско културно лето, ги обединува различните уметнички изрази – театар, ликовна уметност, музика, поезија и креативни работилници – во една целина што ѝ овозможува на локалната заедница директен контакт со современата културна продукција. Активностите се наменети за пошироката јавност, но им посветува особено внимание на маргинализираните групи, вклучувајќи ги и штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар, преку инклузивни содржини и уметнички проекти кои го надминуваат стереотипното разбирање за уметноста и културата.

Со секое ново издание, „Демир Хисар низ боите и звуците на уметноста“ ја потврдува својата вредност како простор за среќавање, инспирација и заедничко творештво – таму каде што уметноста е најпотребна.

Програма на манифестацијата 2025

Манифестацијата ќе започне со прикажување на театарската претстава „Синиот портокал“, а во рамки на програмата се организира и работилница за креативно пишување под менторство на поетот Митко Гогов, како и визуелна работилница за цијанотипија со фотографот Иван Алушевски – долгогодишен соработник на манифестацијата. Цијанотипијата е стар фотографски процес развиен во 19 век, познат по своите интензивни сини тонови, кој овозможува уникатен визуелен израз преку експериментирање со светлина и сенка.

Во ликовниот дел од програмата е вклучена изложбата „Преиспитувања“ на Никола Пијанманов и Тони Попов. Изложбата нуди визуелни размисли за личните и универзалните човекови искуства, раскажани преку автентичен ликовен јазик што ги поврзува интимните и општествените сфери.

Манифестацијата продолжува со посебна програмска активност посветена на штитениците од Психијатриската болница во Демир Хисар – музичка терапија под водство на музичарите Сашко Костов и Славчо Коцев, членови на здружението АРТ ГЕНЕРАТОР од Велес.

Како завршен настан, предвидена е премиерна проекција на документарниот филм „Железната тврдина – Демир Хисар“ од реномираниот македонски режисер Митко Панов. Филмот е снимен токму во Демир Хисар и претставува спој на документарна и уметничка визија, во кој покрај професионални актери како Игор Џамбазов и Синоличка Трпкова, учествуваат и локални жители, странски актери, членови на ЦКИ-НЕБО и штитеници од Психијатриската болница, кои се вклучени и како актери и како сценаристи.

Поврзани содржини