ОД ПРВ ДО ДЕСЕТТИ ДЕН – КАКО СЕ ОДВИВАШЕ ПОТРАГАТА ПО ДАНКА? Никој не ни помислуваше дека е брутално убиена
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, на десеттиот ден од потрагата, соопшти дека Данка е убиена.
Ова е краток преглед на настаните во изминатите 10 дена од потрагата по исчезнатото девојче Данка Илиќ, објавен од српскиот портал Телеграф.
Данка Илиќ беше 2-годишно девојче кое исчезна на 26 март во Бањско Поље во Бор.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, на десеттиот ден од потрагата, соопшти дека Данка е убиена.
Две лица се уапсени под сомнение дека со автомобил ја удриле малата Данка, а потоа го фрлиле нејзиното тело во дива депонија покрај патот Старобањски пут кај Бор.
Според неофицијални информации, несреќата се случила на 26 март во 13.52 часот. Мајката на девојчето претходно во полиција изјавила дека Данка исчезнала околу 13.45 часот.
С. Ј. е осомничен дека со службено возило „фиат панда“, на улицата Радомир Путник, ја удрил 2-годишната Данка и ја убил.
Потоа, како што се сомнева, заедно со неговиот колега Д. Д., го ставиле телото на девојчето во багажникот на возилото, по што се упатиле кон дивата депонија на Старобањски пут каде што го фрлиле телото десно од патот.
Прв ден: Мајката го пријавува исчезнувањето
Малото девојче исчезнува на 26 март во Бањско поле каде што доаѓа да си игра со мајка си и со братчето кое е една година постаро од неа.
Мајката Ивана Илиќ изјавува дека девојчето исчезнува во моментот кога му дава вода на нејзиното друго дете.
– Се свртев да му дадам вода на моето друго дете и кога повторно погледнав, ја немаше – вели тогаш мајката.
Во потрагата по исчезнатото девојче се вклучуваат мештаните и бројни полициски и противпожарни служби, а за првпат се вклучува и системот „Најди ме“.
Втор ден од потрагата: Истрагата продолжува
Откако полицијата утврдува дека исчезнатото девојче Данка Илиќ не е пронајдено на десетте квадратни километри пребарувани 2 дена во градот Бањско Поље кај Бор, потрагата по девојчето продолжува по оперативен пат.
Трет ден од потрагата: Уапсени тројца мажи од БиХ поврзани со исчезнувањето на Данка
Припадниците на Федералната полициска управа (ФУП) во Босна приведуваат 3 лица, според Актот на Интерпол во Белград, осомничени дека преку Тик-Ток објавиле дека се поврзани со исчезнувањето на девојчето Данка Илиќ во Србија.
Тие се уапсени во областа на Општина Хаџиќи.
Еден од уапсените се вика Басар и е државјанин на Босна и Херцеговина.
По претрес на нивната блиска околина, се утврдува дека девојчето не е со нив.
Четврт ден од потрагата: Таткото на Данка зборува по вторпат
Милош Илиќ, таткото на исчезнатата Данка Илиќ по која во тој момент трага цела Србија, го поминува тестот на полиграф.
Таткото не е повикан на сослушување во полициската станица во Бор, додека, пак, мајката е повикана бидејќи последна била со девојчето пред неговото исчезнување.
Петти ден од потрагата: Хеликоптери ги прелетуваат Бањско Поље и Борско Езеро
Според неофицијални информации, потрагата по малата Данка е префрлена во околината на Борско Езеро.
Пар хеликоптери прелетува над Бањско Поље и над Борско Езеро во потрага по исчезнатата Данка Илиќ.
Шести ден од потрагата: Се појавува видео од Виена на кое наводно се гледа Данка
Шестиот ден од потрагата дава надеж кога Министерството за внатрешни работи (МВР) објавува видео од Виена за кое постои сомнеж дека ја покажува Данка.
Српската полиција го алармира Интерпол и се распишува жолта потерница.
Вујкото и најблиските соседи на родителите на девојчето не моеат да потврдат дека тоа е нивната Данка.
Седми ден од потрагата: Се пребарува депонијата
Полицијата ја пребарува депонијата на Старобањски пут, но не пронаоѓа ништо.
Осми ден од потрагата: Мајката на Данка Илиќ првпат се огласува
Ивана Илиќ, мајката на исчезнатото девојче, првпат откако Данка исчезнала, открива дали го гледала видеото, кое наводно е од девојчето, но и објаснува колку е повредена од медиумските шпекулации дека таа стои зад сѐ.
Ивана наведува дека таа и нејзиниот сопруг се заедно, секојдневно се борат што побргу да се врати дома нивното дете, но и дека со денови се шират бројни небулози за неа.
– Се држиме колку што можеме, само што побргу да се најде Данка, чекаме да заврши сево ова, се надеваме на најдоброто, а потоа јас и мојот сопруг ќе се огласиме јавно и ќе одговориме на сите навреди, прозивки и небулози. Затоа не се огласуваме. Повредена сум од сите шпекулации кои нѐ обвинуваат мене и мојот сопруг – изјавува потиштената Ивана.
Деветти ден од потрагата: Се јавуваат Романките на видеото
Порталот Космо тврди дека успеал да пронајде една од жените за кои постои сомневање дека е на видеото.
Едната од нив е вознемирена.
– Што да им кажам? Од неделата сум во пеколот! Бев во Велс кога ноќта добив неколку пораки дека се споделува видео со моето лице на сите социјални мрежи, на телевизиите во Романија и во Србија, а и дека трагаат по мене поради исчезнато дете. Веднаш отидов во полицијата во Велс во неделата и побарав помош, но тие ме испратија дома и ме советуваа да се пријавам во полицијата во Виена во мојот округ. Вчера отидов во полиција во 21-от округ и ги замолив да ми помогнат и да нѐ заштитат мене, моето дете и мајка ми. Само ме испратија дома. Ситуацијата денеска стана алармантна бидејќи моето лице беше лесно препознатливо на сите медиуми. Многу се исплашив, не знаев што да правам, се плашев дека ќе ја загубам работата – вели таа.
Телеграф не може самостојно да потврди дали навистина станува збор за жената од спорното видео.
Десетти ден од потрагата: Вучиќ објавува дека Данка е убиена
За жал, денеска се објави веста која никој не сакаше да ја слушне.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на итната седница соопшти дека Данка Илиќ е убиена.