НОВА КНИГА ФРЛА ПОГЛЕД НА ТАЈНИОТ СВЕТ НА ПУТИН?! Луксуз, операција „Скуратов“ и учителот по џудо како симбол за моќта
Во Ленинград во 1970-те, младиот Владимир Путин го пронашол својот ментор во џудо, тренерот Леонид Усвјацов, човек со криминално досие и со склоност кон насилство, од кого наводно ги наследил вкусот за ризик и вербата во силата. Усвјацов наводно му помогнал да се запише на Правниот факултет, а во 1994 година бил убиен од мафијаши. На неговиот споменик пишува: „Конечно умрев, но мафијата живее вечно“.
Еден стриптиз-бар во Санкт Петербург. Позајмено станче за тајни сексуални средби. Брак на работ на распаѓање. Пријатели од подземјето. И план да се преземе контролата врз Русија во корист на семејството и на доверливите пријатели.
Некои од најинтимните и најчувствителни делови од приватниот живот на Владимир Путин, а и како тие се испреплетени со политичката историја на Русија, се опфатени во нова книга од двајца од најдобрите руски истражувачки новинари, Роман Баданин и Михаил Рубин, објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.
Книгата, насловена „Царот лично“ (на латински: The Tsar In Propria Persona), ја спротивставува официјалната слика на рускиот претседател, кој е на власт веќе 26 години, како бранител на традиционалните вредности спроти западната декаденција, со реалноста на неговиот приватен живот, според авторите, каде што преовладуваат вонбрачни афери, непотизам и врски со организиран криминал.
– Однесувањето на Путин далеку од камерите кажува многу повеќе за неговиот вистински светоглед отколку неговите јавни говори. Приватниот живот на Путин, едноставно кажано, е многу поважен од неговиот јавен живот – изјави Баданин во интервју за Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИКИЈ).
Книгата „Царот лично“ е резултат на долгогодишното новинарско истражување на Баданин и Рубин во рамките на истражувачкиот медиум „Проект“..
И покрај личниот ризик, Баданин и Рубин успеале да се доближат до внатрешниот круг на Путин – неговото семејство и најдоверливи пријатели – кршејќи го децениското табу на Кремљ за неговиот приватен живот.
Со тоа, книгата ја пополнува празнината оставена од официјалните биографии и од замолчените извори, создавајќи една од најдеталните досега портрети на Путин и на неговата околина.
Според Баданин, поради контролата што Кремљ ја има над судовите и над медиумите во Русија, повеќето знаат и помнат многу малку за тоа што се случувало под Путин пред 15 или 20 години.
– Медиумите се уништени, архивите се затворени, многу сведоци се веќе починати, а останатите не ги паметат деталите. Ова е важно да се има предвид кога зборуваме за диктаторски земји. Лошите момчиња ја бришат нашата меморија за нив… Заборавот е главен сојузник на Путин – вели тој.
Апетит за ризик
Во Ленинград од 1970-те, младиот Путин нашол ментор во својот џудо тренер Леонид Усвјацов – човек со криминално досие и со склоност кон насилство. Според сведоци на „Проект“, од Усвјацов Путин најверојатно ги научил вкусот за ризик и вербата во употребата на сила.
Усвјацов, пишуваат авторите, можеби ги искористил своите врски за да му помогне на Путин да влезе на Правниот факултет при Ленинградскиот универзитет – голем скок за ученик што завршил средно образование со фокус на природни науки. Усвјацов бил убиен од мафијаши во 1994 година. На неговиот надгробен споменик пишува: „Конечно умрев, но мафијата живее вечно.“
Ноќниот живот и распадот на бракот
Книгата открива и интимни детали од ноќниот живот на Путин во Ст. Петербург, особено од стрип-клубот „Луна“, каде како заменик-градоначалник на Анатолиј Собчак одржувал состаноци и присуствувал на настапи. Клубот бил под заштита на личниот телохранител на Путин – криминалецот Роман Цепов. Фотографија од клубот покажува слика на Путин, со посвета од декември 1999 година.
Во тоа време, неговиот брак со Људмила, склучен во 1983 година, веќе бил на работ на крај. Според мемоари на нејзина германска пријателка, Ире́на Пи́етш, Људмила доживувала „незамислива болка“ од „постојано понижување“ и од „предавства“ во бракот. Портретот на Путин од тој период е на човек опседнат со луксуз, скапи пијалаци и со дискусии за „дополнителни извори на приходи“ откако се приклучил на претседателската администрација.
Една од причините за распадот, според извори на новинарите, биле неговите вонбрачни афери, кои, наводно, се случувале во стан во државна сопственост.
Операција „Скуратов“
Паралелно со аферите, Путин учествувал и во организирање на политичка стапица против главниот државен обвинител Јуриј Скуратов – жесток критичар на семејството Јелцин. Снимка од Скуратов со проститутки беше емитувана на државната телевизија во март 1999 година.
Неколку часа подоцна, Путин – тогашен директор на ФСБ – бил назначен за шеф на комисијата за овој скандал. Скуратов, кој истовремено водел истрага за корупција во која бил вмешан и самиот Путин, бил разрешен, и покрај сомнежите за автентичноста на снимката.
„Оваа книга нè чинеше татковината“
Книгата открива и како Руската православна црква станала моќна политичка алатка, како Кремљ презел контрола над медиумите, а и како блиски лица на Путин се збогатиле преку неговиот политички подем.
Авторите денес живеат во САД, откако беа прогонувани во Русија. Во 2021 година, полицијата им упадна во домовите поради нивната истрага за Иља Трабер – наводен мафијаш и пријател на Путин.
– Во поширока смисла, оваа книга нè чинеше татковината. Руската влада нè прогонуваше зашто копавме по животот на Путин, неговите пријатели и нивните злодела – вели Баданин.