НОВ ТЕСТ НА КРВТА МОЖЕ ДА ОТКРИЕ 50 ВИДОВИ РАК Тестот Галери е наречен „светиот грал“ за рак

Револуционерен тест на крвта може да открие рак кај пациенти кои биле лажно уверувани дека ја немаат болеста, покажа истражувањето.

183

Тестот Галери – наречен „светиот грал“ за рак – разликува повеќе од 50 видови рак, честопати откривајќи знаци дури и пред да се појават симптомите.

Сега, британски експерти во испитувањето на NHS (National Health Service ) откриле дека тестот правилно идентификувал повеќе од една третина од луѓето кои мислеле дека имаат „лажно позитивен“ резултат – кога се означени како потенцијално заболени од рак по тестот, а потоа им е кажано дека немаат рак – всушност ја имале болеста.






Во речиси сите овие случаи, тој исто така точно идентификувал од кој орган или ткиво потекнува ракот, објавува Дејли Меил.

Експертите велат дека наодите даваат дополнително уверување дека тестот треба да се прошири и може да биде корисна алатка за матичните лекари, помагајќи им да ги насочат пациентите кон вистинските испитувања.

Службениците на NHS претходно го поздравија тестот како потенцијална „револуционерна промена“.

Ова доаѓа само неколку дена откако резултатите од клучното американско испитување во кое учествувале повеќе од 23.000 пациенти, покажале дека тестот Галери може точно да открие 74 проценти од 12-те најсмртоносни видови на рак, вклучувајќи ги ракот на дебелото црево и белите дробови. Тестот, развиен од американската компанија Grail, бара ситни фрагменти од туморска ДНК што циркулираат во крвотокот.

Тестот открил третина лажно позитивни

Разговарајќи за новото истражување, Сер Харпал Кумар, раководител на меѓународен бизнис и биофармацевтски производи во Grail и поранешен раководител на Cancer Research UK, вели: „Овие робусни податоци ја покажуваат потенцијалната корисност на тестот како алатка за луѓе кои имаат симптоми на рак, особено кога тие симптоми се неспецифични. Во текот на две години, од луѓето кои биле прогласени за лажно позитивни, повеќе од една третина всушност биле дијагностицирани со рак во тој двегодишен период, при што повеќе од половина од нив во првите девет месеци. Ова сугерира дека тестот воопшто не бил лажно позитивен.“

Во студијата, истражувачите процениле 6.238 пациенти на NHS, од кои сите имале симптоми за кои нивниот матичен лекар сметал дека може да бидат рак. Тие биле упатени на дијагностички тестови и прегледи.

На пациентите им биле анализирани и примероци од крв со помош на тестот Галери, а неговите предвидувања биле споредени со дијагнозата дадена од стандардната здравствена заштита на NHS.

Матични лекари немале пристап до резултатите од крвните тестови на Галери и не можеле да ги користат за да одлучат кои тестови ќе ги направат луѓето.

Резултатите покажале дека кај 35,4 проценти (28 од 79 лица) од оние кои биле пријавени како лажно позитивни, всушност им бил дијагностициран рак во рок од две години.

Но, во 27 од 28 случаи, тестот на Галери правилно го детектирал сигналот за рак, што можело да доведе до побрза или поефикасна дијагноза.

Чека објавување во рецензирано списание

– Ако ги додадете тие дополнителни лажно позитивни резултати, позитивната предикативна вредност на тестот се зголемува на 84 проценти, што е извонредно. За да го ставиме тоа во контекст, моментално ги упатуваме луѓето на итни тестови, а само шест проценти од нив се дијагностицирани со рак. Затоа тврдиме дека тест што би можел да ве доведе до 84 проценти би бил многу вреден додаток и би овозможил многу поефикасно дијагностичко пребарување.

Друг клучен наод е дека кај тие дополнителни случаи што беа конвертирани од лажно позитивни во вистински позитивни, во сите освен во еден, предвидениот тип на рак беше точен. Имаме нешто што навистина би можело да им помогне на матичните лекари брзо да ги испратат пациентите во вистинската клиника за брзо да ги направат вистинските испитувања и брзо да добијат дијагноза – додаде Сер Харпал.

Резултатите од испитувањето ќе бидат презентирани во целост на Конференцијата за рано откривање на рак во Орегон во САД, но сè уште не се објавени во рецензирано списание.

Грејл постојано изјавува дека неговиот тест Галери нема да ги замени рутинските скрининзи за рак и наместо тоа треба да се комбинира со нив. Програмите за скрининг на NHS моментално ги вклучуваат оние за рак на дојка, грлото на матката и цревата.

На околу 385.000 луѓе во Велика Британија им се дијагностицира рак секоја година, што е еквивалентно на повеќе од 1.000 случаи што се откриваат секој ден.

Истражувањето објавено во списанието BMJ Open во мај покажало дека годишниот тест на крвта за рак може да доведе до 49 проценти помалку дијагнози во доцна фаза и 21 процент помалку смртни случаи во рок од пет години во споредба со пациентите кои примаат вообичаена нега, објави Дејли Меил.

Поврзани содржини