НИШТО НЕ Е СИМЕТРИЧНО, НО НЕЈЗИНАТА ТЕОРЕМА Е СКАПОЦЕНА! Која е Емили Нeтер, заборавениот „женски Ајнштајн“?

Новата теза на Емили, дека за буквално секоја симетрија во природата, за сè што ќе се случи мора да се избалансира енергијата ни го дала Стандардниот модел, а преку теоријата беа предвидени оние честички како Хигзовиот бозон кои живот значат...само за години подоцна да сфатиме дека некои честички не се однесуваат исто ако часовникот отчукува наназад.

441

Универзумот во кој живееме не е симетричен во однос на времето. Со други зборови, не само што нештата не се исти од двете страни на една оска, туку тие не се ни повторуваат исто. А, што е најинтересно токму оваа асиметрија, која на научниците „им штрчи“ во равенките, можеби помогнала да постои животот!

На пример, тоа што нема исто материја колку што и антиматерија во универзумот било клучно да имаме еден „нормален“ универзум.






А сè почнало кога една жена, која денес ја викаат женскиот Ајнштајн ја развила својата теза за симетријата, толку битна во физиката, а заборавена. Не, не се работи за сопругата на Ајнштајн, Милева Мариќ, која му ги решаваше равенките. Зборуваме за Емили Нeтер, математичарката која правеше журки по Гетинген во Германија во 1920-тите, мажите ѝ се восхитуваа, но академската средина ја понижи дозволувајќи ѝ само да биде асистентка без плата, сиот свој живот. Такво круто било тогаш времето кон жените. Дури, морала да користи машко име.

Ова не ја спречило Емили да реши една навидум досадна загатка во теоремите на Ајнштајн за релативноста. Нејзината теорема објавена во 1928 година ќе отвори цело поле во математиката наречено апстрактна алгебра.

Нејзината равенка вели дека за да се зачуваат симетриите, мора да се зачуваат и количествата. Во тоа време тоа изгледало обично – физичарите одамна си умислуваат дека законот за заштита на енерегијата, на пример, е универзален. Потпирајќи се на ова тие пресметувале многу нешта.

Две топчиња за билијард ќе се судрат на масата на ист начин каде и да бидат поставени затоа што законите на физиката не се менливи…

Но, со релативноста на Ајнштајн ова било ставено под прашалник. Всушност, сите закони на физиката биле ставени под прашалник! Зошто би биле симетрични? Ова го мачело математичарот и геометар Хилберт, кој му бил конкурент на Ајнштајн и ја истражувал гравитацијата која се чинело дека произлегува од нашиот брановиден универзум полн со вектори и тензори, па ја најмил Емили која била умешна во разбирањето на равенките.

Кога таа починала, Ајнштајн во Њујорк Тајмс напишал:

„Нeтер беше најзначајниот креативен математички гениј досега создаден од почетокот на високото образование на жените“.

Новата теза на Емили, дека за буквално секоја симетрија во природата, за сè што ќе се случи мора да се избалансира енергијата ни го дала Стандардниот модел, а преку теоријата беа предвидени оние честички како Хигзовиот бозон кои живот значат…

Само има еден проблем, научниците открија честички кои не се однесуваат симетрично како што течат низ времето! Toa значи дека ако часовникот се движи наназад истите работи, за жал (или за среќа!) нема да се повторат на истиот начин како во огледало.

Ова, секако, важи за одредени парови на честички. Откритието првично се однесуваше на
други типови на симетрија, на пример, С и П-симтеријата каде честичките се заменуваат со своите античестички, но по аналогија тоа значеше дека и Т-симетријата, онаа низ времето, мора да е нарушена!

Тоа што симетријата на овие честички е скршена, автоматски не ја поништува теоремата на Емили. Напротив, таа е дел од моделите. Научниците сега бараат начин да објаснат како успеале да се „изместат“ количествата кога симетријата била скршена. Еден од тие начини е да се каже дека со постоењето на полето наречено Хигс одеднаш, од нигде никаде се појавува масата на честичките. Друга теорија е суперсиметријата каде фермионите и бозоните оперираат преку оператори. Се чини дека конзервацијата на енергијата или пак на други количества е фундаментална за универзумот, било тој да е симетричен или асиметричен!

Во теоријата на струните, на пример, оваа суперсиметрија оди и во повеќе димензии, поточно 11. Замислете да сте симетрични во 11 оски.

Останува прашањето, дали универзумот е левак или деснак?

Проблемот е што дури и во најновото истражување на професорот Захари Слепиан заедно со колеги тие не можеле точно да кажат што универзумот преферира, пишува ФизикаОрг. Тие истражиле огромен број небули за да видат дали се симетрични само да за да сфатат дека им треба нова математика…иако асиметријата постои дури и кај силите, на пример, кај слабата нуклеарна сила. Чудно.

Слепиан истовремено пробува да ја реши мистеријата зошто имало отповеќе материја од антиматерија во универзумот. Дури, според него, ако по големиот Биг-Бенг имало инфлација, токму во тоа време имало асиметрија во законите на физиката.

Тоа би значело дека брзината на светлината не била иста во раниот универзум или пак водата не испарувала на 100 степени отсекогаш. Ваквите идеи во моментот се оспорувани во академската средина, но можеби нивното време допрва доаѓа како еден нов научен релативитет.

Поврзани содржини