НЕШТО ПОМЕЃУ НОРМАЛНОСТ И ПСИХИЈАТРИСКИ СЛУЧАЈ Какви луѓе се родителите кои ги отуѓуваат децата од другиот родител?
Според психологот Дора Попова Узуновски, отуѓеното дете кое било злоупотребувано од родителот отуѓувач може да порасне во човек кој и во иднина пак ќе биде жртва во некоја партнерска релација или пак ќе му го прави истото на своето дете. Родителите-отуѓувачи, пак, иако неофицијално, се сметаат за личности кои се некаде помеѓу она што значи нормални луѓе и психијатриски случаи.
На вчерашниот онлајн настан по повод Светскиот ден за борба против родителското отуѓување, на прашањето во каков човек ќе порасне дете кое е отуѓено од својот родител, психологот Дора Попова Узуновски, рече: „Отуѓеното дете кое е злоупотребувано од родителот отуѓувач може да порасне во човек кој и во иднина пак ќе биде жртва во некоја партнерска релација или пак ќе му го прави истото на своето дете. Во мојата пракса имав дете кое беше сексуално злоставувано од мајката, а сепак не сакаше контакт со таткото. Детето во вакви ситуации верува дека злоставувачот е во право, нему злоставувањето му е идеја за љубов и како што родителот го третирал ова дете, така тоа ќе се третира себеси подоцна во животот или пак ќе биде родител кој ќе му го направи истото на своето дете. Ова се потврди и во споменатиот случај, имено, дека мајката во детството била злоставувана од својот татко. Што се однесува до родителите оттуѓувачи, пак, тие, иако неофицијално, се сметаат за личности кои се некаде помеѓу она што значи нормални луѓе и психијатриски случаи“.
Притоа, Дора Попова Узуновски им порача на родителите чии деца се оттуѓени од нив, да останат присебни и да побараат психолошка помош, иако е тешко, да научат да не го напаѓаат другиот родител како што тој ги напаѓа нив за да не се најде детето во двојна конфликтна ситуација. И секако, да се обидат да одржуваат контакт со детето дури и кога им е целосно забранет пристапот, па на пример, кога му е роденден на детето барем телефонски да му го честитаат и дури и ако нема повратен одговор од детето, да не се откажуваат, зашто ако се откажат, ќе излезе дека примарниот родител бил во право. Детето треба да почувствува дека тој родител за кој другиот родител му вели дека не е заинтересиран, напротив, е заинтересиран за него. Некои деца се резилијентни и нема да веруваат во исказите на родителот – отуѓувач, обично е така ако децата се поголеми во периодот на разводот, но ако се помали, влијанието ќе биде поголемо.
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.