НЕМА ДОКАЗИ ВО ПОЛЗА НА ИЗРАЕЛ „Њујорк Тајмс“ преклопи повеќе снимки од нападот врз болницата во Газа
Помеѓу последната палестинска ракета и експлозијата на болницата поминале повеќе од 25 секунди, пишува „Њујорк Тајмс“.
Спротивно на тврдењата на израелското и на американското разузнавање, весникот „Њујорк Тајмс“ смета дека клучните снимки кои Израел ги понуди како доказ во врска со трагедијата во болницата Ал Ахли во Газа не докажуваат ништо. Поконкретно, весникот пишува дека видеото не докажува дека Израел не сноси вина за ракетниот напад.
На видеото се гледа како проектил експлодира на небото над Газа, а потоа уште една експлозија се случува на земјата. Израел тврдеше дека се работи за залутан проектил на силите на Исламски џихад, теза зад која денеска застана и американското разузнавање. Снимката стана широко цитирана. Меѓу другото, една проценка вели дека 15 отсто од ракетите лансирани од милитантните групи во Газа не успеваат.
Меѓутоа, „Њујорк Тајмс“ пишува дека проектилот експлодирал на три километри од болницата. Со други зборови, дека проектилот прикажан во видеото најверојатно не е причината за експлозијата.
Весникот тврди дека анализирал повеќе видеа и дека тие покажуваат оти милитантите испукале десетици ракети неколку минути пред експлозијата. Тие ракети биле испукани од југозападниот дел на болницата. Меѓутоа, весникот пишува и дека уште две експлозии одекнале во близина на болницата две минути откако објектот бил погоден.
Потоа израелската војска рече дека доказот лежи во видео на Ал Џезира и го сподели видеото три пати. Њујорк Тајмс го споредил видеото со пет други видеа кои ги покажуваат проектилите од север, југ, исток и од запад.
Користејќи сателитски снимки за триаголник на точката за лансирање во тие видеа, весникот утврди дека проектилот бил истрелан кон Газа од близина на израелскиот град Нахал Оз непосредно пред смртоносната експлозија во болницата. Наодите се совпаѓаат со заклучоците на некои онлајн истражувачи.
Тоа значи дека проектилите во видеото не се оние кои ја предизвикале трагедијата. Помеѓу последната палестинска ракета и експлозијата на болницата поминале повеќе од 25 секунди, пишува весникот.
Од друга страна, „Њујорк Тајмс“ признава дека не можел самостојно да го идентификува типот на ракетата што била истрелана од Израел, иако била лансирана од област за која се знае дека има одбранбен систем „Железна купола“.
Проблем се и информациите кои доаѓаат од Хамас. Групата прво објави дека загинатите се 500, а потоа 471 лице. Хамас не понуди докази дека Израел стои зад нападот.
За разлика од Хамас, израелските сили понудија секакви споредни информации – дневници за воени активности, податоци собрани од радарски системи, други пресретнати аудио и видео снимки.