НЕГОВИТЕ РЕПЛИКИ ТРАЈНО ЌЕ ЖИВЕАТ ВО МАКЕДОНСКАТА КОЛЕКТИВНА МЕМОРИЈА Маестро Мето Јовановски остави зад себе импресивен актерски опус
Мето Јовановски настапи во повеќе од 60 македонски и југословенски филмови. Листата со негови домашни и меѓународни награди и признанија е импресивна. Некои реплики од неговите филмови, како на пример од „Тетовирање“, засекогаш ќе останат во македонснката колективна меморија и во македонскиот јазик.
Легендарниот македонски актер Мето Јовановски, кој почина денеска во 77 година од животот, зад себе остави богат филмски и театарски актерски опус. Ќе остане запаметен по многу успешни улоги во најголемите македонски и во многу југословенски филмови, како „Тетовирање“, „Опстанок“, „Среќна Нова 49-та“, „Трето полувреме“…
Јовановски е роден во 1946 во село Панчарево, Пехчевско. Завршил Театарска академија во Софија, а кариерата ја почнал во Народниот театар во Штип. Брзо станал водечки актер на македонската театарска сцена, а подоцна се посветува на филмот, настапувајќи во повеќе од 60 филмски остварувања.
Двапати е добитник на државната награда „11 октомври“ и на бројни други државни признанија. Добитник е и на државната награда за животно дело „Војдан Чернодрински“. Пет пати бил прогласен за Глумец на годината според списанието „Екран“. Седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Четири пати лауреат на наградата „Милтон Манаки“.
Листата на меѓународни награди е уште поимпресивна: Мето Јовановски е почесен член на Црногорско народно позориште, добил „Златна значка“ на Филмскиот фестивал во Врњачка Бања, „Златна клапа“ во Белград, за придонес во филмската уметност, наградуван е на фестивали во Риека, Сплит, две Гран-при награди во Ниш…
Мето Јовановски доби и награда за животно дело „Златен чадор” на осмиот Балкан панорама филм фестивал во Измир, Турција, во 2022 година.
Некои негови реплики ќе останат засекогаш во сеќавањето на македонската публика: „Кофер ко кофер, празан“ од „Тетовирање“, „Што е тоа офсајд“ во „Трето полувреме“, „Волчкоо…“ од серијата „Опстанок“… И легендарното „Признај, п.. материна, признај!“ исто така од „Тетовирање“.
Мето Јовановски последниве месеци го снимаше својот последен филм „Павилјон“ во Зеница, Босна и Херцеговина. Филмот во режија на Дино Мустафиќ е македонско-српско-босанска копродукција.
МЕТО ЈОВАНОВСКИ ЗАМИНА ВО ЛЕГЕНДИТЕ Македонската филмска ѕвезда почина на 77 години