„НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ НА ФАШИСТИЧКИТЕ ГАДОВИ“ Кире и Круме загинаа на олтарот за слободна Македонија

Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа. Последниот куршум го чувал за себе.

1,117

„Титовите борци не се предаваат на фашистички гадови… Да живее слободна Македонија…. Да живеат славните партизански бригади!“ – ова биле последните претсмртни зборови на македонските народни херои Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски-Коља, кои загинале на денешен ден, на 9 мај 1944 година во судирот со полицијата на бугарскиот фашистички окупатор.

Можеа да останат живи, им нудеа слободен премин во Бугарија, награда од милион лева само да се предадат живи и да кажат сè што знаат за партизаните во Прилепско, но тие не прифатија.






Решија херојски да загинат и своите животи да ги положат на олтарот на слободата на македонскиот народ и неговата борба за за создавање сопствена држава.

Чествувањата по повод 80-годишнината од нивната јуначка смрт токму на денешниот ден на победата над фашизмот се пригода за уште потсетување на исклучителниот придонес, кој го дадоа македонскиот народ и Македонија во борбата против фашизмот на Хитлерова Германија и на Царборисова Бугарија, но и против нивните домашни албански соработници од Бали Комбетар.

Антифашистичка Македонија особено жестоко се судри со тогашна фашистичка Бугарија и во таа борба ја извојува својата слобода, во чии темели се наоѓаат младите сурово згаснати животи на Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски-Коља.

Највисок хероизам покажаа прилепските партизани Кире Гаврилоски-Јане и Круме Волнароски-Коља во последната година од Втората светска војна, кога веќе беше извесно дека фашистичките окупатори на Македонија ќе бидат поразени. Тие херојски загинуваат на денешен ден, 9 мај 1944 година откако биле предадени на бугарската окупаторска полиција. Таа ги опколила бргу и сакала да ги затвори и да ги мачи, со цел да ги откријат соборците. Со тоа завршил и нивниот револуционерен пат, но споменот на нив не згаснува.

Кирил Алексов Гаврилоски – Јане е роден во Прилеп на 22 февруари 1918 година. Како трговски помошник се вклучил во работничкото движење во Прилеп. Од своите трговски патувања во градот често носел брошури и книги со револуционерна содржина. По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија Гаврилоски, како член на КПЈ, од таа година активно работел во подготовките на НОВ. На 13 јули 1941 година бил меѓу првите прилепчани, кои биле уапсени од страна на бугарската окупаторска полиција. Бил притворен две недели.

Кога на 11 октомври 1941 година започнало вооруженото востание против окупаторот, во Прилеп следниот ден имало апсења од страна на полицијата. Гаврилоски бил уапсен и бил брутално мачен. По пуштањето од затвор од Месниот комитет добил препорака да дејствува низ селата. Тогаш го добил прекарот Јане и дејствувал во Поречието. Одвреме навреме одел во Прилеп да реферира, да добива директиви и да испраќа извештаи.

Откако во поречките села била воспоставена добра организација, Гаврилоски бил испратен во селата југозападно од Прилеп, во пелагониските села до крушевско и битолско. Одржувал врски со одредот „Димитар Влахов“ и учествувал во борби околу селата Дреновци, Горно Село и Дабница. Од 16 септември 1942 година преминува комплетно во илегала и дејствува во партизанските одреди. Есента во 1943 година бил избран и како член на Вториот областен комитет на КПМ во Битола. За време на првото ослободување на Кичево, во септември 1943 година, станал секретар на Срескиот комитет во Кичево.

Круме Ицков-Волнароски, познат како Коле, или како Коља, е роден 1909 година во Прилеп. Почнал да работи како трговец и потоа се вклучува и во револуционерното движење. Поради своите активности во политиката и активизмот на здружената опозиција, тој во 1938 година бил прогласен за најактивен пропагандист на идејата. Тој бил и еден од потписниците Методија Андонов Ченто да биде на списокот на здружената опозиција. На професионален план, Круме имал одлична соработка со Ченто и тие ги здружиле трговиите. Ченто имал ан, а Круме бакалница. Тогашните локални власти се посомневале дека во анот и бакалницата се собираат антифашисти. По нападот на нацистичка Германија врз СССР Круме и Ченто пуштиле проглас на ПК на КПЈ за Македонија низ Прилеп. Тоа било проследено со апсење и тортура. Тие биле ослободени откако не признале ништо за нивниот политички активизам.

Круме Волнароски станал член на КПЈ во 1941 година и работел во Партиската техника на МК на КПЈ во Прилеп. Како илегалец во 1942 и 1943 година во прилепските села собирал народна помош и формирал воени комитети и НОО. Во 1943 година имал задача да оди по прилепските села и да формира народноослободителни одбори. Оваа задача ја завршил со особен голем успех за 3 месеци. Во тој период формирал мрежа на одбори во Коњаријата и Тополчанско. Се стекнал со големи симпатии меѓу луѓето. Поради овој успех, тој станал секретар на ОК на КПМ, во периодот на 1943/1944 година. Како негова помош му пристигнал Кире Гаврилоски со кого заедно и ќе загинат на 9 мај 1944 година.

Ноќта на 8 кон 9 мај 1944 година во Прилеп Кире Гаврилоски и Круме Волнароски оствариле средба со други делегати од иницијативниот одбор на АСНОМ, заради избор на претставници од Прилеп и околината за собранието. По вечерниот состанок утрото делегатите започнале да заминуваат кон своите дотогашни локации. Гаврилоски и Волнароски останале во куќата, каде што бил состанокот. Биле предадени од Вера Ѕвездова каде се наоѓаат

Околу 15 часот бугарската полиција го опколува маалото каде се наоѓа куќата, во која се криеле партизаните. Престрелката на почетокот била слаба со цел борците да бидат фатени живи од полицијата. Тие добиле и понуди дека ќе им бидр овозможен слободен премин во Бугарија и ќе им се даде награда од милион левови, ако се предадат и ако кажат се што знаат. Гаврилоски и Волнароски решиле да се борат до крај.

„Титовите борци не се предаваат на фашистички гадови… Да живее слободна Македонија…. Да живеат славните партизански бригади!“, извикуваа тие.

Куќата била запалена но борците продолжиле храбро да стрелаат од неа и покрај пламенот. Паралелно тие пееле и извикувале разни антифашистички пароли, во кои особено се истакнал Волнароски. Тој, откако сфатил дека во пожарот ќе се урне кровот, истрчал низ вратата, со намера да го пробие обрачот. Но бил покосен пред самиот праг на куќата. Гаврилоски најверојатно се самоубил пред да биде проголтан од огнените јазици во пламената куќа.

Последниот куршум го чувал за себе. И двајца по војната биле прогласени како народни херои.

Поврзани содржини