НЕ Е САМО МЕЛОНИ, УШТЕ 4.000 СЛАВНИ СЕ ЖРТВИ НА ДИПФЕЈК ПОРНО Вештачката интелигенција влезе и во филмската индустрија за возрасни
Британски ТВ Канал 4 направи анализа на петте најпосетувани веб-страници со лажна порнографија, која покажа дека речиси 4.000 познати личности се на листата на злоупотребени, од кои 255 се Британци.
Речиси 4.000 познати личности се идентификувани како жртви на лажна порнографија, а информативниот ТВ Канал 4 откри дека 255 Британци биле злоупотребени за генерирање експлицитни снимки, меѓу кои и водителката Кети Њуман.
Оваа статистика е проследена откако се појави лажното порно-видео од италијанската премиерка Џорџа Мелони во 2020 година на порно веб-страница во САД, а Мелони сега бара 100.000 евра отштета од таткото и од синот кои го направиле видеото.
ТВ Канал 4 направи анализа на петте најпосетувани веб-страници со лажна порнографија, која покажа дека речиси 4.000 познати личности се на листата на злоупотребени, од кои 255 се Британци, пренесува лондонскиот Гардијан.
Меѓу познатите личности, чиишто лица биле користени и вметнати во порнографски содржини со помош на вештачка интелигенција, има актерки, ТВ-ѕвезди, музичари и јутјубери, но никој од нив не е именуван.
Анализата покажа дека петте најпосетувани веб-страници имале приближно 100 милиони прегледи во период од 3 месеци.
– Злобно е што не можам да ги видам луѓето кои го направија ова и тие ја гледаат оваа лажна верзија од мене – рече на вестите на Канал 4 водителката Кети Њуман, која беше идентификувана меѓу жртвите.
Според Законот за безбедност на интернет, кој беше донесен како одговор на ширењето лажна порнографија генерирана од вештачка интелигенција, споделувањето такви фотографии без согласност е нелегално во Обединетото Кралство од 31 јануари, но создавањето таква содржина не е.