НЕ Е БОГАТ ТОЈ СО ФЕРАРИ, ТУКУ ОНОЈ СО ПРВИОТ БРОЈ НА „СУПЕРМЕН“ Стрип продаден за 6 милиони долари
Стрипот „Action Comics #1“ му е продаден на неименуван купувач по највисоката цена досега.
Примерок од стрипот од 1938 година, во којшто првпат се појавува суперхеројот Супермен, е купен за рекордни 6 милиони долари, објави аукциската куќа „Херитиџ окшнс“ што го продаде на наддавање минатата недела.
Стрипот му е продаден на неименуван купувач по највисоката цена досега. Аукциската куќа го опишува „Action Comics #1“ како „најважниот стрип што некогаш бил објавен“ додавајќи дека Супермен е „неверојатно сличен“ на тој што го знаеме од стриповите и од филмовите денес.
Според проценките, во светот денес има само околу 100 примероци од овој стрип, инаку отпечатен пред 86 години.
Компанијата „Нејшнал елајд пабликејшнс“ (National Allied Publications), претходник на „Ди-си комикс“ (DC Comics), издала вкупно 200.000 копии.
Американската „Сертифицирана гарантна компанија“ на продадениот примерок минатата недела му даде оценка 8,5 – „исклучително добар“.
Цената од 6 милиони долари го надмина претходниот рекорд во продажба на стрипот, чиј главен лик беше и Супермен. Тој стрип е платен 5,3 милиони долари во 2022 година.
И други копии од истиот стрип достигнаа милиони со текот на годините, вклучително и онаа што беше продадена за 3,56 милиони долари во 2021 година, објави „Супермен хоумпејџ“.
Оваа копија беше продадена како дел од четиридневното наддавање за ретки стрипови за неколку познати суперхерои.