НЕ БИВА ЕВРОПСКА ВЛАДА БЕЗ ПОВЕЌЕ КОМЕСАРКИ Кој е кој во новата Европска комисија на чело со Урсула фон дер Лајен?
Бугарија прва попушти под притисокот на Фон дер Лајен за повеќе жени во ЕК. Романија номинираше комесарка, а најголема фрка се направи во Словенија. Составот на новата европска влада ќе се знае следната недела, кога Европскиот парламент заседава во Стразбур.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, го одложи за следната недела објавувањето на распределбата на ресорите меѓу кандидатите за 26 комесари во новата eвропска „влада“.
Повеќе медиуми ја пренесоа оваа инфпормација што ја лиферува Политико, повикувајќи се на тројца неименувани функционери запознаени со одлуката.
Како што се наведува, Фон дер Лајен утре претпладне требаше да се сретне со лидерите на различни политички групи во Европскиот парламент, по што се очекуваше да го соопшти составот на следната Комисија. Но, таа средба сега е одложена за следната недела, кога Европскиот парламент заседава во Стразбур.
Кризата настана кога Фон дер Лајен побара од земјите членки на ЕУ да номинираат и мажи и жени како кандидати за нејзиниот иден тим од 26 комесари.
Словенија во понеделникот потврди дека поранешната амбасадорка на земјата Марта Кос ќе биде нејзин кандидат за еврокомесар, откако Томаж Васел ја повлече својата кандидатура, помагајќи ѝ на Фон дер Лајен да ја постигне својата цел за еднаква застапеност на половите. Но, парламентот на Словенија допрва треба да ја потпише оваа замена на кандидатите, а тоа води до одложување на објавувањето на следниот состав на Комисијата.
Со назначувањето на Кос, предложениот состав на новата Европска комисија би вклучувал 10 жени од 26 номинирани за комесари.
Бугарија е единствената земја која веднаш одговори на барањето на Фон дер Лајен, поради што таа изврши притисок врз најмалку пет други помали земји од ЕУ да ги заменат машките кандидати со женски.
Така, Романија неодамна ја именуваше европратеничката Роксана Минзат за свој кандидат за комесар, откако првично предложи машки кандидат.
Сите 26 кандидати за комесари треба да бидат одобрени од Европскиот парламент, а следната Европска комисија се очекува да започне со работа на 1 декември.
Се уште не е до крај одлучено кој ќе ја преземе функцијата извршен потпретседател за проширување и обнова на Украина. Се шпекулира дека на тоа место био можел да дојде Валдис Домбровскис, член на Европската народна партија во Европскиот парламент, кој веќе беше задолжен за економските ресори во Комисијата како нејзин актуелен потпретседател.
Проблем за Домбровскис може да претстапува мислењето дека политичарите од Балтикот се презастапени во врвот на ЕК, поради фактот дека поранешната естонска премиерка Каја Калас е назначена за висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Актуелниот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји би можел да ја добие функцијата комесар за повеќејазичност, образование и спорт. Но, ако тој не ја помине расправата во ЕП, Унгарија ќе мора да испрати друг кандидат, прогнозира Политико.
Во новиот состав, додава Политико, функциите на извршните потпретседатели, покрај Калас, би можеле да ги добијат и Тјери Бретон од Франција, кој би бил задолжен за индустријата и за стратешката автономија, Рафаело Фито од Италија за кохезијата, економијата за и закрепнување по пандемијата, Марош Шефчович од Словачка за администрација, имплементација, поедноставување и за меѓуинституционални односи и Тереза Рибеира од Шпанија, за зелена и дигитална транзиција.
Во Комисијата ќе бидат вклучени и Магнус Брунер од Австрија, кој би можел да стане комесар за финансиски услуги, Аѓа Лабиб од Белгија би можел да биде комесар за внатрешни работи, Екатарина Захаријева од Бугарија за управување со кризи и хуманитарна помош и Дубравка Шуица од Хрватска за демографија и правда.
Функцијата комесар за Медитеранот би можел да ја добие Костас Кадис од Кипар, Јозеф Сикела од Чешка би бил именуван за комесар за енергетика, а Дан Јоргенсен од Данска за меѓународна климатска политика.
Според предвидувањата, Хена Виркунен од Финска ќе биде комесар за технологија, Апостолос Цикикостас од Грција комесар за транспорт и Мајкл Мекграт од Ирска комесар за иновации.
Се разбира, составот не е конечен и зависи од тоа дали „премиерката“ Урсула Фон дер Лајен ќе успее да обезсбеди повеќе жени во владата.