НЕ БИЛЕ ПОШТЕДЕНИ НИ ДЕЦА! Јапонија насилно стерилизирала 16.500 луѓе во втората половина на 20.век

Активистите во Јапонија остро реагираа на владиниот извештај во кој се открива дека деца на возраст од девет години биле меѓу илјадниците луѓе насилно стерилизирани според Законот за еугеника.

343

Околу 16.500 луѓе меѓу кои и деца, во Јапонија биле стерилизирани без нивна согласност, во периодот од 1948 до 1996 година, потврдено е во извештајот што беше поднесен во јапонскиот парламент оваа недела.

Активистите во Јапонија остро реагираа на владиниот извештај во кој се открива дека деца на возраст од девет години биле меѓу илјадниците луѓе насилно стерилизирани според Законот за еугеника. Тоа е закон кој беше укинат дури во 1990-тите. Извештајот од 1.400 страници, открива детали како бил спроведуван контроверзниот закон.






„Целта на законот примарно беше „да се спречи раѓањето на неквалитетно потомство и да се заштити животот и здравјето на мајката”. Повеќето од жртвите беа жени. Уште 8.000 други луѓе дадоа согласност, речиси сигурно под принуда, додека речиси 60.000 жени абортирале поради наследни болести. Двете деветгодишни деца кои биле стерилизирани биле момче и девојче“, се наведува во извештајот.

Жртвите започнаа кампања за да го истакнат лошиот третман на јапонската држава кон лицата со инвалидитет и хроничните болести во ерата по Втората светска војна. Во 2019 година, пратениците донесоа закон со кој на секоја жртва од програмата за  стерилизација ѝ се нуди 3,2 милиони јени (околу 20.000 евра) како владина компензација, износ што активистите велат дека не го одразува страдањето што го доживеале жртвите, пишува Гардијан.

Рокот за поднесување барања за исплата истекува во април 2024 година, но до денес, според пишувањата на медиумите, сумата ја добиле само 1.049 жртви. Жртвите на програмите за стерилизација со децении водат кампањи барајќи финансиска компензација и признание за физичкото и психичкото страдање што го претрпеле.

Досега, четири судови досудија компензација на жртвите, но други застанаа на страната на владата, велејќи дека поминал рокот од 20 години за застареност на случајот. Адвокатите тврдат дека жртвите премногу доцна дознале за природата на нивната операција за да го испочитуваат законскиот рок за барање компензација. Германија и Шведска имале слични мерки, но во меѓувреме тие им се извинија на жртвите и им дадоа обесштетување. Законите на двете земји беа укинати неколку децении пред да биде укинат Законот за еугеника во Јапонија.

На почетокот на овој месец, високиот суд ги отфрли барањата за обештетување на две жени, вклучувајќи ја и Јунко Изука, која имала 16 години кога била однесена во клиника во североисточна Јапонија и принудена на мистериозна операција. Подоцна било утврдено дека споменатата операција ја спречила да има деца.

– Еугенската хирургија ми ги уништи сите мои скромни соништа за среќен брак и деца. Штом му кажав на мојот сопруг, кому му верував, дека сум оперирана и дека не можам да имам деца, тој ме остави и побара развод. Се разболев психички и не можев да работам. Ми беше дијагностициран пост -трауматско стресно растројство. Еугенската хирургија ми го сврте животот наопаку , изјави сега 77-годишната жена за јапонските медиуми.

Во извештајот на јапонската влада се вели дека стерилизацијата според сега веќе непостоечкиот закон за еугеника – кој им дозволува на властите да ја спроведат постапката за лица со интелектуална попреченост, ментална болест или наследни нарушувања за да се спречи раѓањето на „инфериорни“ деца – била услов за прием во некои установи за социјални благосостојба или за брак.

Јапонската влада, по објавувањето на извештајот објави „длабоко се извинува“ за „огромната болка“ што ја претрпеле жртвите на присилната стерилизација.

Поврзани содржини