НАСИЛСТВОТО ВО СВЕТОТ ПОСТИГНУВА РЕКОРД 2023 година обележа најмногу оружени конфликти од Втората светска војна досега
Додека бројот на загинати во борбени дејствија се намали лани, акумулираниот број во изминатите 3 години е највисок за тригодишен период во последните 30 години.
Во светот во 2023 година се случиле повеќе оружени конфликти од која било друга година од крајот на Втората светска војна, според норвешка студија објавена денеска.
Лани имало 59 конфликти од кои 28 во Африка, покажа Институтот за истражување на мирот во Осло (ПРИО). Но, бројот на земји кои доживеаја конфликти се намали од 39, во 2022 година, на 34.
Бројот на загинати во борбите, исто така, се преполови на околу 122.000 во текот на претходната година, според податоците собрани од шведскиот универзитет во Упсала од невладини и меѓународни организации. Оваа бројка, сепак, остана трета највисока од 1989 година, во заднина на војната во Украина и конфликтот меѓу Израел и палестинското движење Хамас.
– Насилството во светот е на највисоко ниво од крајот на Студената војна. Бројките сугерираат дека конфликтниот пејзаж станува се посложен, со повеќе конфликтни актери – рече истражувачката на ПРИО и главна авторка на извештајот што ги опфаќа трендовите во периодот 1946-2023 година, Сири Аас Рустад.
Додека бројот на загинати во борбени дејствија се намали лани, акумулираниот број во изминатите 3 години е највисок за тригодишен период во последните 30 години.
Во Африка се регистрирани вкупно 28 оружени конфликти, потоа Азија со 17, Блискиот Исток со 10, Европа со три и Америка со еден.