НАШИТЕ ГРАДОВИ ВЕЌЕ НЕ ПОСТОЈАТ Ни останаа само тезгите со стари и фрлени предмети
Славниот музички новинар и уредник Петар Пеца Поповиќ го оплакува својот Белград во збирката „Чувар на бувјиот пазар“, но неговите текстови како да се пишувани за Скопје.
Што да прават луѓето коишто се вљубени во своите градови? Во градовите во кои се родиле, пораснале, ја пронашле љубовта на својот живот и ги добиле своите деца. Што тие да направат, кога некој ќе започне од темел да го менува нивниот град?
Славниот музички новинар и уредник Петар Пеца Поповиќ го оплакува својот Белград во збирката „Чувар на бувјиот пазар“, но неговите текстови како да се пишувани за Скопје. Од атакот на урбаната мафија, до политичкото самоволие и агресивното наметнување на градските власти во урбанистичкото решение на главните знаменитости на градот. Пеца чувствува болка за секоја промена на име на улица, како и за секое едно дрво што некој градски „татко“ го пресекол.
„Чувар на бувјиот пазар“ е збирка на раскази, посветени на минатото, за кое самиот автор вели дека било помирно. Тој пишува за Белград, но и за Лондон, а го споменува и своето патување во Мемфис, САД. Токму низ сказните за минатото, преку градот и патувањата, славниот новинар всушност ја пишува својата биографија.
Оваа збирка е третата во низа напишана од перото на Пеца Поповиќ. Него повозрасните го паметат како еден од најпознатите и највлијателни музички новинари на поранешна Југославија. Тој е некогашен уредник на култните списанија „Џубокс“ и „Рок“, со кои растеа тинејџерите во Југославија.
Во негова режија се случија и двата најголеми музички карвани во Југославија, кога во Загреб и во Скопје ги донесе најголемите регионални музички ѕвезди. На негова идеја за голем бесплатен концерт во Белград, Горан Бреговиќ и „Бијело дугме“ на 28 август 1977 година го одржаа антологискиот „Концерт код Хајдучке чесме“, настан кој и денес се смета за „југословенски Вудсток“.
На почетокот од месецот во Скопје се одржа промоцијата на „Чувар на бувјиот пазар“, а многубројните почитувачи на Пеца Поповиќ вистински уживаа во дружењето со него. За жал, неговата трета збирка по ред, сè уште не е преведена на македонски јазик.