НАРОДНАТА ХЕРОИНА ОПЕАНА ВО ПЕСНИТЕ НА АЦО ШОПОВ На денешен ден била родена Вера Јоциќ
Три дена на раце те носевме збрана, со тага и болка во погледот срчен, и секоја капка од твојата рана, ко крвава жар ми капеше в срце, ќе напише Ацо Шопов во песната „Очи“ за смртта на Вера Јоциќ. Слушнете како поетот ја рецитира песната што ја пеат генерации Македонци.
Народната хероина опеана во антологиските песни „Очи“ и „Љубов“ на Ацо Шопов била родена на денешен ден во скопската населба Сингелиќ. Вера Јоциќ потекнувала од семејство кое по Балканските војни ја напуштило Србија и се преселило во Македонија. Станала члена на СКОЈ уште во 1941 година, кога била гимназијалка. Загинува во 1944 година во селото Страцин, во првиот јуриш кон бугарските фашистички сили во Пролетната офанзива кога партизаните требало да се пробијат кон Беласица и Егејска Македонија.
Тогаш партизаните три дена и три ноќи на шаторско крило ја носеле на раце. Како што пее Шопов:
„Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка во погледот срчен,
и секоја капка од твојата рана
ко крвава жар ми капеше в срце“
Слушнете како Ацо Шопов ја рецитира песната очи:
Претходно, за време на војната Вера сменила неколку баталјони во Ваљево, Ниш и Врање, во Србија. Нозете ѝ премрзнале од зимските студови, ја лечеле по околните села за да заврши во Ниш каде се вработила во фабриката за тутун.
Од крајот на 1943 година била заменик-политички комесар на Tрeтиот кумановски партизански одред и на кумановските баталјони „Орце Николов“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“, а од 24 февруари 1944 година и на Првиот баталјон на Третата македонска народноослободителна ударна бригада.
За народна хероина била прогласена во 1951 година. Едно основно училиште во населба „Гази Баба“ го носи нејзиното име.
Јоциќ е една од многуте жени, знајни и незнајни кои го дале својот живот за ослободување на Македонија во НОБ. Нивното дело и заслуги допрва се актуелизираат.