НАМЕСТО ВЕЛОСИПЕДСКА ПАТЕКА, ПАРКИНГ ЗА АВТОМОБИЛИ! Кој ги собори столпчињата од стазата за велосипеди на „Лондонска“?

Во општина Карпош, поточно, на улица „Лондонска“ спроти Сити Мол, кадешто неодамна беше одвоен простор за велосипеди, столпчињата се смачкани надолу, а просторот е претворен во паркинг за автомобили

779

Ако возите велосипед низ Скопје, сигурно знаете дека ова бара отварање не две, туку четири очи, фокусираност и внимание, ако сакате да стигнете безбедно таму кадешто сте тргнале, оти буквално од сите страни ве демнат опасности.

Од луди возачи кои со автомобилот поминуваат на пешачки премин или прелетуваат на улица на црвено светло, преку возачи на тротинети кои тивко ви приоѓаат од грб и ве претркуваат без да употребат ѕвонче, па сѐ до пешаци со затки во ушите кои лежерно си се движат по велосипедските патеки.






Исто така, веројатно многу пати досега возејќи се по стазите одвоени со столпчиња од остатокот на улиците, сте наидувале на вешто паркирани автомобили помеѓу две такви препреки.

Активистите екологисти и велосипедисти настојуваа да се постават столпчиња на сите велосипедски ленти во градот, бидејќи се надеваа дека тие ќе бидат доволни за да се спречи узурпацијата на стазите, за паркирање на автомобили.

Очигледно, тоа не е случај. Лентите во градот каде што веќе има вакви столпчиња постојано се узурпираат од автомобили и мотори кои се паркираат на овие места, а безбедноста на бројните велосипедисти и непреченото одвивање на сообраќајот, се целосно загрозени.

Така е, ако сакате со велосипедот да го заобиколите автомобилот кој се паркирал на велосипедската стаза, мора да излезете од неа, нели?

А дали некој залетан автомобил ќе ве собере, е прашање на среќа.

За тоа дека ваквите столпчиња воопшто не се гаранција, зборува и оваа слика на која наидовме возејќи се по улица Лондонска, веднаш карши Сити Мол, во општина Карпош.

Тука, некои неандерталци, едноставно ги легнале столпчињата и ги залепиле на асфалтот и си ги паркираат тука своите големи автомобили.

Во овој момент, ваквите ленти воопшто не им служат на велосипедистите, но затоа се одличен бесплатен паркинг за автомобилите.

Ама така е тоа на Дивиот Запад, нели?

Поврзани содржини