НАМЕРНО ЈА УСПОРИВМЕ ВОЈНАТА ПОРАДИ ЦИВИЛИТЕ Москва вели дека нема потреба од „бркање рокови“
Се разбира, ова го успорува темпото на офанзивата, но ова е направено намерно за да се избегнат жртви меѓу цивилното население, рекол Шојгу на состанокот на ОДКБ.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денес рече дека Русија намерно ја забавува својата офанзива во Украина за да им дозволи на цивилите да се евакуираат, додека висок безбедносен функционер рече дека Москва „не ги брка роковите“ во тримесечната војна, јавува Ројтерс.
– Се прогласуваат прекини на огнот и се создаваат хуманитарни коридори со цел да се извлечат луѓето од опколените населби – рече Шојгу во телевизиските изјави на 90-от ден од војната.
– Се разбира, ова го успорува темпото на офанзивата, но ова е направено намерно за да се избегнат жртви меѓу цивилното население – им рече тој на министрите за одбрана на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), воен сојуз на Русија и пет други поранешни советски републики.
Коментарите на Шојгу и други функционери сигнализираат дека Русија не гледа брз крај на борбите, но истовремено сака да го скрие впечатокот дека долготрајната и скапа „специјална воена операција“ е запрена, пишува Ројтерс.
Во одделни коментари, Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на претседателот Владимир Путин, рече дека сите цели на Путин во Украина ќе бидат исполнети бидејќи вистината е на страната на Русија.
– Ние не бркаме рокови – рече тој во интервју за весник во кое ја повтори целта на Русија да ја „денацифицира“ Украина, нешто што Киев и Западот го отфрлаат како лажен изговор за војна.
– Нацизмот мора 100 отсто да се искорени, или пак ќе крене глава за неколку години, во уште погрда форма – рече Патрушев.
И покрај коментарите на Шојгу за поштеда на цивили, Обединетите нации забележаа 3.930 цивилни жртви за време на конфликтот. Русија постојано негираше дека напаѓа цивилни области и ја обвини Украина дека ги користи луѓето како „човечки штит“.