НАЈСМРТОНОСНИОТ ЗЕМЈОТРЕС ШТО УБИ РЕЧИСИ МИЛИОН ЛУЃЕ Планините се распаднаа, земјата се отвори, реките го сменија текот

Сеизмолозите проценуваат дека земјотресот во Шанси, Кина, имал магнитуда од 8 до 8,3 степени според Рихтеровата скала, со екстремна јачина на тресење, околу 11 степени според Меркалиевата скала. Уништени биле цели градови и села во повеќе од 10 провинции.

181

На денешен ден (23 јануари) во 16. век се случи најсмртоносниот земјотрес во човечката историја. Ја погоди Кина и одзеде речиси милион животи. Се проценува дека земјотресот имал магнитуда поголема од 8 степени според Рихтеровата скала.

Земјотресот се случил во 1556 година во регион Шанси во северна Кина.






Сеизмолозите проценуваат дека земјотресот имал магнитуда од 8 до 8,3 степени според Рихтеровата скала, со екстремна јачина на тресење, околу 11 степени според Меркалиевата скала. Уништени биле цели градови и села во повеќе од 10 провинции, а земјата буквално се распукала, создавајќи длабоки раседи и свлечишта.

Во времето на природната катастрофа, со Кина управувала династијата Минг. Минг владееле со Кина 200 години, а овој период бил обележан со безбедност и со културен просперитет. Земјотресот го запрел овој просперитет во регионот.

Повеќето умреле по несреќата од чума и од глад

Според достапните извори, земјотресот директно убил околу 100.000 луѓе истиот ден кога се случил. Клучна причина за огромниот број жртви бил начинот на живеење во регионот.  Тоа биле претежно луѓе кои живееле во вештачки пештери, односно пештерски куќи во областа со трошен лес (мешавина од камен и глина), кој е подложен на ерозија.

Овие природни живеалишта, кои биле практични и евтини, масовно се урнале при потресот, затрупувајќи илјадници луѓе додека спиеле. Жртвите претежно биле закопани живи.

Записите од тоа време опишуваат сцени на целосен хаос.

„Планините се распаднаа, реките го сменија текот, а земјата се отвори под нозете на луѓето“, наведуваат хроничарите од династијата Минг.

Потресите продолжиле и во наредните месеци, дополнително зголемувајќи ја смртноста и разурнувањето.

По почетниот шок, преживеаните мигрирале во околните села, во кои се населувале. Оваа ситуација довела до епидемија на чума и на глад, што предизвикало многу умирања. Вкупниот број на жртви се проценува на над 800.000.

Регионот останал изолиран и напуштен

Во 16. век не постоеле ниту основни знаења за сеизмичката заштита, ниту организирани служби за спасување. Повредените останале без медицинска помош, а гладот и болестите што следеле по катастрофата однеле уште стотици илјади животи.

Во годините по земјотресот, регионот бил изолиран и напуштен. Немало реконструкција по земјотресот, но преживеаните постепено граделе и реновирале населби во текот на неколку генерации.

Династијата Минг се соочила со многу критики по земјотресот, но падот на династијата не се случил сè до средината на 17 век, кога Пекинг бил освоен од новата династија Ќинг.

Во времето кога Кина била погодена од овој земјотрес, Португалците ја основале својата прва трговска населба во Макао, која е најстарата европска колонија во Кина. Со ова почнал нов период на трговија помеѓу Далечниот Исток и Европа. До 19. век, трговските односи се претвориле во империјалистички политики, кога започнал еден век европска експлоатација на Кина.

Иако поминаа речиси 5 века, земјотресот од 1556 година и денес служи како трагично потсетување на разорната моќ на природата и на важноста од безбедна градба и навремена подготовка.

Земјотресот во Таншан 

Во Кина низ историјата се случија и други катастрофални земјотреси, со многу загинати, од кои позначаен е потресот во Таншан, на 28 јули 1976 година, во 3.42 часот.

И овој земјотрес се случил во Северна Кина, во провинција Хебеј, околу 150 километри од Пекинг.

Потресот, што го погоди индустрискиот град со милион жители беше со јачина од 7,6 степени, според Рихретовата скала и со огромна разорна моќ.

Официјално, во овој земјотрес загинаа 242.769 луѓе, а 164 илјади беа тешко повредени. Според неависни проценки, бројот на загинати е меѓу 400 илјади и 650 илјади.

Овој потрес се смета за најсмртоносниот земјотрес на 20. век. Како причини се наведуваат тоа што бил среде ноќ и луѓето спиеле, немале време за бегство, а квалитетот на градбите бил лош, односно индустриските објекти и станбените блокови биле без сеизмички стандарди, изградени од бетон без армирање. Иако имало чудни појави пред потресот, властите не наредиле евакуација. Многу луѓе биле живи затрупани.

Како последица од земјотресот, биле уништени 90 отсто од градот Таншан, а железничките линии и патиштата биле прекинати, комуникациските врски биле уништени и помошта доцнела со  денови. Властите долго време ги прикривале вистинските размери на катастрофата.

Подоцна државата имала масовен ангажман во разурнатата област. Испратени биле над 200.000 војници испратени и илјадници доброволци. Градот подоцна бил целосно реконструиран.

Земјотресот се случил неколку месеци пред смртта на Мао Це Тунг.

Многумина го сметале за лош знак и за симбол на крајот на една ера.

Овој земјотрес драстично ја смени кинеската политика за сеизмичка градба, мониторинг и истражување.

Денес Кина има еден од најголемите сеизмолошки системи во светот.

Од 5 најсмртоносни земјотреси, 3 биле во Кина

Земјотресот во Шанси е најсмртоносен во познатата историја, со околу 830.000 жртви.

Втор по смртноста е потресот во Хајуан, Кина што се случил на 16 декември 1920 година. Имал магнитуда од 7,8 степени, а загинале околу 273 илјади луѓе. Предизвикал масивни свлечишта, колапс на многу населени места, а по катастрофата имало екстремен студ.

Трет е земјотресот во Антиохија, денешна Турција, кој се случил многу одамна, во мај 526 година. Магнитудата е непозната, се проценува дека била над 7 степени. Загинале околу 250 илјади луѓе, а била уништена една од најголемите антички метрополи.

Четври е земјотресот во Таншан во 1976 година, со над 242 илјади официјално признати жртви.

Петти најсмртоносен потрес е од поново време, оној во Индискиот Океан  на 26 декември 2004 година. Магнитудата на овој земјотрес беше неверојатна, 9,3 степени. По потресот се случи катастрофално цунами, кое однесе околу 227 животи во 14 држави, од кои најпогодени беа Индонезија, Шри Ланка, Индија и Тајланд.

Поврзани содржини