НАЈПОПУЛАРНАТА ЏЕЗ ПЕЈАЧКА ВО СВЕТОТ СВОЈАТА ТУРНЕЈА ЈА ПОЧНУВА ВО СКОПЈЕ Сите други концерти на Скопскиот џез фестивал се ексклузивни

Годинава скопскиот џез-фестивал почнува со најдобрата и најпопуларна француско-американска џез-вокалистка и трикратната греми-добитничка, Сесил Меклорин Салвант, па така, не мора да го чекаме ноември за да одиме да ја гледаме во Карнеги хол во Њујорк. Одлично нели?

3,578

Веројатно многумина не се ни свесни кого сѐ можевме да слушаме и да гледаме во Скопје изминативе 42 години, благодарение на Скопскиот џез фестивал.

Можеби затоа и буџетите наменети за овој реномиран светски, а скопски фестивал, низ годините постојано се скусуваат. Ова, смета првиот човек на скопскиот џез фестивал, не е случај само со СЏФ, туку и со некои други навистина вредни културни настани во градот и генерално, во целата држава.






Сепак, и годинава, традицијата продолжува и нашиот скопски џез-фестивал почнува со најдобрата и најпопуларна француско-американска џез-вокалистка и трикратната греми-добитничка, Сесил Меклорин Салвант, па така, не мора да го чекаме ноември за да одиме да ја гледаме во Карнеги хол во Њујорк.

Одлично нели? Не само затоа што е тоа отаде барата, туку и поради цената за билетот за самиот концерт која ќе биде сигурно пет пати повисока од оваа тука.

Значи, на 17 октомври токму со Сесил Меклорин Салвант (Национална опера и балет, 20 часот), се отвора 43. издание на „Скопје џез-фестивал“.

Таа ќе настапи со својот блескав квартет, во кој, меѓу другите, членува и еден од водечките американски џез-пијанисти – Саливан Фортнер.

Во рамките на фестивалот, кој трае од 17 до 20 октомври, ќе имаме можност да уживаме во настапите на некои од најголемите светски имиња на современиот џез и на креативната музика денес и сите, освен првиот концерт на Сесил Меклорин Салвант, ќе бидат ексклузивни, односно, како што најави Оливер Белопета, музичарите доаѓаат специјално за скопскиот џез-фестивал.

„Годинава, најголемиот број концерти се наполно ексклузивни и се случуваат само во Скопје. Исклучок е само првата вечер, кога настапува најдобрата џез пејачка во последната декада Сесил Меклорин Салвант, која исто така беше планирана како ексклузива, но потоа си направи мала европска турнеја, која започнува овој четврток во Скопје. Сите други концерти не се дел од турнеи и музичарите доаѓаат специјално од САД, Велика Британија, Скандинавија“, вели Белопета.

Инаку, Сесил Меклорин Салвант е композиторка, пејачка и визуелна уметница позната по својот специфичен пристап кон музиката.

„Опишана од Џеси Норман како ‘уникатен глас поткрепен со интелигенција и со апсолутна музикалност’, Салвант се прослави со својата способност да ‘откопува’ заборавени песни, ‘оживувајќи’ ги со силни наративи, неочекувани пресврти и со богата емоционална длабочина. Концертите на Сесил Меклорин Салвант се неповторливи доживувања, во кои таа покажува неверојатно чувство и талент за раскажување приказни“, посочуваат од „Скопје џез-фестивал“.

Денес, на прес-конференција, организаторите Оливер Белопета и Костадин Шурбановски ги најавија и другите изведувачи меѓу кои и нашите „Next to Silence“, кои викендов го промовираа своето второ студиско издание „Ruh“, кое е издадено под етикетата на СЏФ.

На 18 октомври, во МОБ (20 часот), концерт ќе одржи Родриго Амадо со квартетот The bridge.

Познат како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов, португалскиот саксофонист Родриго Амадо е мајстор на инструментот, со беспрекорна техника и со фасцинантна експресивност, кој со задоволство ја прифаќа сета слобода што му ја дозволуваат фри џезот и импровизираната музика.

Во квартетoт „The Bridge“, тој ги обединува маестралниот германски пијанист – Александар фон Шлипенбах, норвешкиот волшебник на контрабас – Ингебрит Хакер Флатен и легендарниот американски тапанар – Џери Хемингвеј.

Истата вечер, во МОБ (22 часот), ќе настапи и бендот „Тhe end“, експериментална музичка група што се појави во 2018 година, обединувајќи експлозивна екипа таленти од Норвешка, Шведска и од Австрија.

Предводени од легендарниот саксофонист Матс Густафсон и колегата виртуоз на саксофон Кјетил Мостер, The End се својствени и по моќните вокали на Софија Јернберг, а тука се и Андерс Хана и Борге Фјордхajм, со своето огромно искуство во бројни ноиз-џез и креативни состави. Нивната музика е уникатен спој на жесток грајндкор, фри џез и ноиз, збогатен со елементи од мавританската, етиопската, индиската и скандинавската народна традиција.

Њујоршкиот пијанист и композитор по потекло од Куба, Давид Вирејес, ќе настапи на 19 октомври, во МОБ (20 часот). Тој органски ги соединува кубанскиот фолклорен и њујоршкиот импровизаторски свет, интерес што го пројавува уште на 14-годишна возраст. Иако го смета своето творештво за „сто проценти традиционално“, во практика, тој создава синкретична нова лична музика, наместо проста мешавина од елементи или рециклирање.

Истата вечер и на истата сцена во МОБ, од 22 часот ќе може да се проследи настапот на „Rob Mazurek Exploding star orchestra“. Роб Мазурек е композитор, трубач, музички директор, визуелен уметник, апстрактивист и современа музичка икона на чикашката авангардна сцена од 1990-тите.

Нивниот настап на 43. „Скопски џез-фестивал“ претставува концертна премиера на новиот, штотуку објавен албум на „Exploding Star Orchestra“ – „Live at the Adler Planetarium“.

На полноќ, во Младинскиот културен центар, пак, ќе настапи бендот на Алабастер де Плум. Опишан како уметник чија „најголема вредност е отвореноста“, тој ги обединува џезот и перформативната поезија во една оригинална и општествено свесна уметничка форма. Со потекло од Манчестер, а со живеалиште во Лондон, Де Плум создава музика што им пркоси на сите категоризации, своевиден спој на ведри мелодии и на политички обоени химни, кои го критикуваат општествениот егоизам и самозадоволство и се залагаат за човечка интеракција.

Последната вечер, (20 октомври, 20 часот), во Националната опера и балет ќе настапи дуото Никол Мичел – Марк Сандерс.

Мичел е многупати наградувана креативна флејтистка, концептуалист, композитор, лидер на бенд и едукатор, а Сандерс е тапанар/перкусионист со британско-белизеско потекло, препознатлив по активното музицирање во сферата на фри џезот и на слободната импровизација.

Во 22 часот во МОБ настапува „Fire! Orchestra“, идејна творба на шведските музичари Матс Густафсон (саксофон), Јохан Бертлинг (бас) и Андреас Верлин (тапани), која низ годините прерасна во опасен колектив што им пркоси на конвенционалните жанровски граници, развивајќи свеж пристап кон импровизираната музика со влијанија од фри џез, психоделичниот рок, пост-боп, ноиз, краутрок и даб- музиката.

Дел од годинашниов „Скопје џез-фестивал“ е програмата плус, во рамките на која, на 16 октомври, во галеријата на МКЦ во 19 и 30 часот, ќе биде организирана изложба на Роб Мазурек кој е веќе во градот и ја подготвува истата, насловена – „Radical Chimeras“.

Истата вечер во Кино „Фросина“ од 21 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, додека на 19 октомври, на пладне, во „Јуроп хаус“ ќе биде одржана работилница за деца – „Jazz for Kids“.

Поврзани содржини