НА ПОЧЕТОКОТ И ЗА ТУТУНСКИТЕ ЦИГАРИ СЕ МИСЛЕШЕ ДЕКА СЕ ЛЕК! Дали електронските цигари се поздрава алтернатива од класичните?
Иако се смета дека пушењето електронски цигари е помалку штетно од пушењето тутун, тоа не значи дека вејпањето, односно, вдишувањето водена пареа е здравствено безбедна навика, особено затоа што сè уште нема сигурни податоци за долгорочните ефекти.
Електронските или е-цигарите, vape-pens или вајп-цигарите, се појавија на пазарот во првите години на 21 век, кога масовно беа рекламирани како алтернатива на „вистинските“ цигари и другите производи за пушење од тутун.
Официјално наречени електронски системи за испорака на никотин (ENDS), електронските цигари не согоруваат тутун и не создаваат чад, туку доставуваат никотин до пушачите од раствор кој како водена пареа е фино дисперзиран во форма на аеросол со посебен систем за греење и ладење.
Речиси истовремено со нивното појавување почнаа споредбите со класичните тутунски цигари, најмногу во однос на штетноста по здравјето. Денес, речиси 25 години откако електронските цигари се проширија низ глобалниот пазар – одговорот на прашањето дали „вејпањето“ е штетно сè уште не е дефинитивно утврден, но во најкраток и најискрен облик би гласел: „Зависи“.
Експертите главно се согласуваат дека пушењето електронски цигари носи помалку здравствени ризици од пушењето тутун, но никогаш не пропуштаат да посочат дека тоа не значи дека испарувањето е здравствено безбедна навика, особено затоа што сè уште немаме сигурни податоци за долгорочните ефектите од користењето е-цигари и не знаеме доволно детали.
Впрочем и цигарите кога се појавија како тутунски производ пред повеќе од 200 години (на почетокот на 19 век во САД), долго години не беа поврзувани со штетни ефекти врз здравјето, напротив, се сметале за своевидно лековито средство за ублажување на симптомите на белодробни заболувања (!), за подигнување на расположението и општата здравствена состојба. И дури 150 години подоцна, откако пушењето тутун за првпат беше недвосмислено поврзано со ракот на белите дробови и бројни други болести во 1940-тите и 1950-тите, беа потребни децении дополнителни медицински истражувања за да се докаже штетноста на цигарите.
Бидејќи електронските цигари се новина, стари само дваесет години и на почетокот (исто како и тутунските цигари некогаш) се рекламираа како безопасни и како навистина здрава замена за тутунот за пушење. Посериозни научно засновани истражувања за нивното влијание врз здравјето започнаа пред само неколку години.
Да го погледнеме пресекот на она што е досега познато за ефектите на е-цигарите врз здравјето.
Што велат за здравствените последици од „вејпањето“ медицинските истражувања кои се почесто се појавуваат и подетално се спроведуваат во последните десет години? Дали е-цигарите навистина се „поздрави од тутунот“?
Хемиски „лични карти“ на цигарите од тутун и на електронските цигари
Освен сувите исечени листови тутун, класичните цигари содржат и бројни адитиви како ароми и конзерванси, кои при согорување во цигарата создаваат околу 7.000 различни хемикалии, меѓу кои во незанемарлив процент се наоѓаат докажани токсични материи како што се водород цијанид, арсен, олово и јаглерод моноксид.
Десетици хемикалии во вдишениот чад од цигари се исто така канцерогени – односно супстанции за кои е докажано дека предизвикуваат рак – од кои повеќето потекнуваат од самите листови тутун, а не од адитивите.
Пушењето цигари го зголемува ризикот од развој на неколку различни видови на рак, како и ризикот од развој на опасни по живот болести на белите дробови и срцето. Наспроти врежаното мислење, хемикалијата која предизвикува зависност во пушењето тутун – никотинот – не предизвикува рак. Меѓутоа, освен што предизвикува голема зависност, никотинот може да има и други штетни ефекти врз телото на пушачот.
Здравствени импликации од никотинот
Никотинот останува во телото шест до осум часа по пушењето и може да предизвика зголемување на крвниот притисок и на фреквенциите на срцето, зголемување на дотокот на крв во срцевите шуплини (а со тоа да предизвика дополнително оптоварување на миокардот, срцевиот мускул) и стеснување на коронарните артерии (садови кои го хранат миокардот).
Никотинот, исто така, може да придонесе за атеросклероза (стврднување на ѕидовите на артериите), што во комбинација со недоволно снабдување може да доведе до срцев удар.
Како што е случајот со повеќето други супстанци кои создаваат зависност, на никотинот лесно се „навлекувате“, а постојат и бројни непријатни, па дури и штетни по здравјето несакани ефекти од одвикнувањето, при што треба да се истакне дека некои електронски цигари му „испорачуваат“ уште поголеми количини никотин на корисникот отколку традиционалните цигари.
Електронските цигари доаѓаат во многу облици и големини, но сите тие работат на истиот принцип: јадрото на батерии ја загрева, а потоа брзо ја лади течноста која испарува, која исто така се нарекува и е-течност или вајп џус, создавајќи аеросол без чад што корисникот го вдишува, или „вејпа“.
Вајп течноста може да содржи никотин кој е или синтетички или добиен од тутун, но не содржи екстракти од листови од тутун или други хемикалии кои се наоѓаат во таа билка.
Со оглед на недостатокот на чад и недостатокот на тутун во електронските цигари, луѓето кои целосно се префрлаат од тутун за пушење на електронски цигари се помалку изложени на токсични материи отколку поединците кои пушат „вистински“ тутунски цигари.
Сепак, не е сè така идеално: течностите за вајп цигарите содржат многу други супстанции, од кои некои – кога ќе се загреат – можат да создадат штетни, па дури и канцерогени соединенија.
Повеќето е-течности се состојат првенствено од растворувачи, никотин и ароми, а таа мешавина, кога се загрева, создава пареа и ги држи сите состојки во суспензијата. Точниот состав и меѓусебниот однос на состојките на вајп течноста во голема мера зависи од „рецептурата“ и производниот процес на одреден бренд.
Згора на сето тоа, освен вообичаените ограничувања кои забрануваат употреба на докажани токсични и канцерогени материи, сè уште нема целосно строги прописи за дозволениот хемиски состав на е-течностите и затоа е тешко недвосмислено да се утврди и процени колку се во принцип токсични е-течностите.
Колку е токсична вајп течноста?
Двата најчести растворувачи што се користат во е-течностите се пропилен гликол и глицерол, за кои Американската агенција за храна и лекови (ФДА) смета дека се безбедни во човечката исхрана во толку мали дози како оние што се наоѓаат во капсулата на е-цигарите. Меѓутоа, правилата на ФДА за овие хемикалии се донесени врз основа на претпоставки за нивната прехранбена консумација, значи за внесувањето во дигестивниот систем. Ова значи дека тие можеби не се безбедни за директно вдишување во белите дробови, што беше нагласено во извештајот на ФДА од 2021 година.
По вдишувањето, хемикалиите влегуваат преку алвеоларната мембрана директно во крвотокот без интермедијарно метаболизирање.
Народски кажано, директното вдишување на хемикалијата ги „заобиколува“ метаболичките безбедносни постапки, како што е на пример, детоксикацијата во црниот дроб, каде што инаку, цитохромските и другите ензимски системи служат како „тампон зона“ во која супстанциите внесени од дигестивниот систем хемиски се обработуваат пред да се пропуштат во остатокот од нашиот крвоток.
Познато е дека пропилен гликолот и глицеролот во форма на аеросоли ги иритираат дишните патишта, што значи дека можат да предизвикаат воспаление и други несакани ефекти во респираторниот систем, се наведува во тој извештај.
Она што важи за наведените вајп растворувачи, исто така важи и за аромите што се користат во е-течностите: иако тие се одобрени од ФДА како генерално безбедни за орална консумација, ниту една студија не покажува дека тие се безбедни за вдишување кога се прскаат како аеросоли.
Напротив, претходно спроведените тестирања на прехранбените ароми покажале дека некои од овие хемикалии може да бидат многу опасни за вдишување. На пример, диацетилното соединение со арома на путер е поврзано со тешка респираторна болест со латинско име bronchiolitis obliterans, хронично оштетување на респираторниот систем исто така познато како „popcorn lung“, „бели дробови пуканки“, бидејќи од неа по вдишувањето на диацетил заболуваат работниците во фабриките за пуканки за микробранова печка.
Формалдехид, ацеталдехид, никотин…
Покрај тоа што се токсични кога се вдишуваат, растворувачите и аромите од е-цигарите можат да создадат некои многу токсични нуспроизводи кога се разградуваат, како што е формалдехид, супстанца која е класифицирана како канцерогена за човекот (можна причина за рак).
Вдишувањето формалдехид претходно се покажа дека е штетно, а студија од 2017 година во списанието PLOS One покажа дека концентрациите на формалдехид од загреаните растворувачи на течна пареа може да ги надминат прифатливите граници поставени од Агенцијата за заштита на животната средина.
Според достапните докази, вдишувањето на вајп хемикалии кои се метаболизираат до формалдехид може да ги изложи пушачите на електронски цигари на зголемен ризик од развој на рак.
Како што беше претходно наведено, повеќето е-течности имаат и различни нивоа на никотин. Бидејќи чадот од тутунот од „класичните“ цигари има релативно ниска концентрација на никотин и е премногу агресивен за вдишување на големи количини одеднаш, за кратко време, многу е тешко да се предозирате со никотин додека пушите цигари, односно, за да се предозирате со никотин до токсични нивоа.
Но, од друга страна, електронските цигари може да содржат многу повисоки концентрации на никотин од цигарите од тутун, а пушачите често можат сами да ја дозираат количината на никотин испорачана во едно вдишување од е-цигара. Следствено, испарувањето може да го зголеми ризикот од предозирање со никотин.
Предозирање со никотин (интоксикација) е состојба чии симптоми вклучуваат треперење и грчење на мускулите, несвестица, повраќање, тахикардија и палпитации, невролошки напади и брзо и тешко дишење (тахидиспнеа).
Според извештајот на Клиниката Маунт Синај (Mount Sinai), труењето со никотин може да биде фатално ако предизвика доволно тешки симптоми кај почувствителни поединци (на пример, кај помлади лица и хронични срцеви и белодробни пациенти).
Впрочем, симптомите на интоксикација поврзани со „вејпање“ се многу присутни во секојдневната здравствена пракса.
Имено, зголемувањето на бројот на корисници на електронски цигари може многу доследно да се следи преку зголемувањето на бројот на интервенции на итната служба: студија на американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ) покажала значително зголемување на повиците поврзани со никотински вајп цигари — бројот на интервенции во токсиколошките центри се зголемил од еднаш месечно (во септември 2010 година) на 215 месечно (во февруари 2014 година), додека во текот на овој период бројот на интервенции поврзани со пушење тутунски цигари останал непроменет и стабилен.
Дали течноста за вејпање може да се контаминира со метали?
Не се сите потенцијални здравствени проблеми поврзани со растворувачите, аромите и никотинот во течноста за е-цигари: самите уреди за испарување (поточно, материјалите од кои се направени) можат да придонесат за токсична контаминација на аеросолот што го вдишуваат е-пушачите во нивните бели дробови.
Како што веќе беше споменато, за да се создаде аеросол („чад“) во е-цигара, неопходно е да се загрее е-течноста на доволно висока температура. Во зависност од моделот и технологијата на производство, грејачите во е-цигарите достигнуваат температури од 200 до 280°C.
Таквото загревање може да предизвика несакани хемиски реакции: не само што се формира значително поголем процент на токсичен формалдехид и ацеталдехид при температури на растворот над 250°C, туку таквото загревање на металното јадро на уредот може да предизвика во аеросолот да се ослободат никел, бакар, железо и други метали од кои е направен грејачот. А вдишувањето на таквите метали може да доведе не само до зголемен ризик од рак, туку и до оштетување на бубрезите, срцеви заболувања и хронични невролошки нарушувања.
Ризикот од контаминација со метали е поголем кај вајп цигарите со затворени капсули (оние што користат заменливи влошки со е-течности) отколку кај производите за еднократна употреба (дизајнирани да се користат некое време, а потоа да се фрлат). Контаминацијата со метал од е-цигара може да се промени во текот на нејзиниот животен век, според студијата објавена во 2023 година во списанието Toxics во која истражувачите откриле дека концентрациите на опасни метали во аеросолот на е-цигарата се зголемуваат колку што подолго се користи уредот.
Освен тоа, производите за електронско пушење кои е релативно лесно да се добијат на црниот пазар (а во некои држави се практично полулегализирани) кои содржат канабиноиди, поточно THC, психоактивна состојка во марихуаната, може да бидат контаминирани со ацетат на витамин Е, синтетичка форма на Е – витамини.
„Штедливите“ производители веројатно го користат како „економичен“ начин за намалување на производствените трошоци со разредување на концентрацијата на THC во е-течноста.
Но, вдишувањето на ацетат на витамин Е е директно поврзано со голем бран на тешки белодробни заболувања поврзани со пушењето електронски цигари од 2019 година наваму. Белодробната болест позната по кратенката EVALI (Е-цигара / Повреди на белите дробови поврзани со испарување/E-cigarette / Vaping-Associated Lung Injury) е сериозна компликација на токсичното делување на ацетатот на витаминот Е од е-цигарите.
Кои болести се поврзани со е-цигарите?
Досегашните истражувања покажуваат дека пушачите на „класични“ тутунски цигари кои, во обид да изберат „поздрава“ алтернатива за нивната зависност од никотин, немале успех со други замени (како што се никотинските мастики или фластери), имаат краткорочни придобивки од префрлувањето на е-цигари.
Меѓутоа, во однос на корисноста или штетноста на долгорочното вејпање, како кај „зависниците од тутун“ така и кај оние кои никогаш не пушеле, сè уште не е со сигурност разјаснето какви здравствени последици може да има употребата на електронски цигари.
Доказите собрани од досегашните истражувања се ограничени и сè уште нема сигурни студии кои обезбедуваат научно издржани податоци за долгорочните ефекти од е-пушењето. Сепак, повеќето прелиминарни истражувања – од волонтерско тестирање до лонгитудинални студии – јасно сугерираат дека вејпањето го зголемува ризикот од некои негативни здравствени состојби.
Белодробни повреди и белодробни заболувања
Според извештајот на Американското здружение за белодробни болести, пушењето електронски цигари може да доведе до неповратно оштетување на респираторната функција и развој на тешки хронични белодробни заболувања. Меѓу нив, на пример, е веќе споменатата „повреда на белите дробови поврзана со е-цигари или вајп производи“ (EVALI), што е прикажано со опсежна студија од 2020 година објавена од The American Journal of Medicine.
Симптомите на EVALI вклучуваат отежнато дишење, кашлица, болка во градите, гадење, абдоминална болка и треска. Околу една третина од EVALI-пациентите примени на единицата за интензивна нега мораа да бидат третирани со механичка вентилација (т.е. респиратор).
Иако се вели дека витамин-Е ацетатот игра централна улога во развојот на EVALI, причината сè уште не е целосно разбрана, бидејќи другите соединенија кои се наоѓаат во е-течностите што содржат никотин и THC, исто така, можат да придонесат за состојбата.
Дополнително, според метааналитичката прегледна студија од 2022 година објавена во списанието Annual Review of Physiology, пушењето електронски цигари е статистички значајно поврзано со зголемена инциденца на некои акутни и хронични белодробни заболувања, вклучувајќи пневмонија (воспаление на белите дробови), интерстицијална белодробна болест со респираторен бронхиолитис (претходно забележан најмногу кај тешки пушачи на тутун) и алергиски пневмонитис (вид на алергиска реакција на хемикалии вдишени во белите дробови).
Освен тоа, истражувањето објавено во списанието Cureus презентира докази дека вејпањето може да ја ослабне имунолошката одбрана на белите дробови, што резултира со зголемен ризик од инфекции со некои од многу непријатните предизвикувачи на болести, вклучувајќи го вирусот на грип и бактериите кои предизвикуваат сериозна пневмонија, како што е пневмококот (Streptococcus pneumoniae), а новите студии од 2023 година – како онаа објавена во списанието Current Opinion in Allergy and Clinical Immunology – покажуваат дека е-цигарите може да ги влошат симптомите на веќе постоечките хронични белодробни заболувања, како што е астмата.
Болести на очите
Според научна статија од 2021 година објавена во списанието International Ophthalmology, изложеноста на пареа од е-цигари може да доведе до посериозни нарушувања на очите: студиите сугерираат дека супстанциите во е-течностите, како што се алдехидите и аромите, можат да ја оштетат солзниот филм на окото и да доведат до воспаление, влошување на видот и намален проток на крв во окото.
Научниците се поблиску до разбирање на врската помеѓу употребата на е-цигари и нарушувањата на видот. На пример, една студија спроведена на лабораториски глувци и објавена во 2021 година во Journal of Molecular Medicine покажала дека изложеноста на пареа од е-течноста може да го поттикне имунолошкиот систем да ослободи повеќе цитокини – хемиски гласници кои предизвикуваат воспаление – кои потоа се акумулираат во површинските делови на окото одговорни за апсорпција на светлината и за исхрана и заштита на подлабоките очни ткива.
Животните изложени на е-цигари имале особено високи нивоа на интерлеукин 1 бета (IL-1β) и фактор за некроза на тумор алфа (TNF-α), две цитокински соединенија кои можат да ја оштетат деликатната бариера која го регулира транспортот на хранливи материи помеѓу окото и очниот крвоток.
Кариес
Има релативно малку истражувања за влијанието на вејпањето врз оралното и забното здравје. Сепак, неодамна објавените прелиминарни докази сугерираат дека луѓето кои пушат електронски цигари се повеќе изложени на ризик да развијат расипување на забите отколку непушачите. Кога испарувањата се внесуваат во усната шуплина за време на електронското пушење, шеќерот од е-течноста се лепи за забите, предизвикувајќи оштетување на забната глеѓ. Течноста за испарување може да го промени микробиомот во устата, правејќи ја усната шуплина посоодветен домаќин за бактериите што предизвикуваат кариес. Згора на тоа, електронското пушење го поттикнува расипувањето на забите во областите каде што вообичаено не се појавува, како што се долните рабови на предните заби, а не длабоките жлебови на задните заби.
Испарувањето може да го намали и производството на плунка (која во нормални услови помага да се неутрализира киселината што ја еродира забната глеѓ). Покрај тоа, плунката нормално обезбедува природно навлажнување на усната шуплина, а намаленото количество на плунка предизвикува сувост на устата, еден од најважните двигатели на кариес.
Оштетување на ДНК и рак
Иако претходните истражувања сè уште не прикажале научно непобитни докази дека пушењето електронски цигари навистина придонесува за развој на рак, треба да се истакне дека може да поминат и децении на експериментално и клиничко следење и спроведување на сложени студии за да се покаже статистички таков зголемен ризик во собраните податоци. Да потсетиме дека истото беше случај и со пушењето тутун, па да ја повториме реченицата од првите параграфи на овој текст: „Откако во 1940-тите и 1950-тите, пушењето тутун најпрво беше за првпат недвосмислено поврзано со ракот на белите дробови и многу други болести, беа потребни децении понатамошни медицински истражувања за да се докаже штетноста на цигарите“.
Првата научна студија која обемно и сериозно се посветила на поврзаноста на е-пушењето со појавата на малигни заболувања беше објавена оваа година во списанието Nicotine & Tobacco Research и го спореди степенот на оштетување на ДНК во епителните клетки на слузницата на внатрешноста на усната шуплина помеѓу три групи волонтери: а) корисници на е-цигари кои никогаш претходно не пушеле тутунски цигари; б) пушачи на тутунски цигари кои никогаш не пушеле вајп цигари и в) непушачи. Студијата покажала дека пушачите кои вејпаат и оние кои пушат тутун имаат слични нивоа на оштетување на ДНК во оралната слузница, а таквите промени на ДНК можат да бидат претходник на малигни промени (промени во клетките што доведуваат до рак).
И покрај тоа што нагласуваат дека ќе бидат потребни повеќе дополнителни истражувања за да се потврди и разбере оваа корелација, авторите на студијата како еден од куриозитетите на истражувањето го наведуваат податокот дека е-течностите со аромите на слатка мента и диво нане се покажало дека предизвикуваат најголема штета на нашата ДНК.