НА ПАРИСКИОТ АЕРОДРОМ ЗАПЛЕНЕТИ СТОТИЦИ ЧЕРЕПИ ОД МАЈМУНИ Необичната пратка пристигнала од Камерун
Примателите на пратката требало да бидат собирачи на трофеи и ловечки клубови во САД.
Царинските службеници на главниот париски аеродром заплениле стотици черепи од заштитени видови мајмуни, кои требало да се користат како награди или подароци.
Тие черепи и черепите на другите животни главно биле во пакети кои пристигнале од Камерун, соопшти вчера царината на аеродромот Шарл де Гол.
Примателите на пратката требало да бидат собирачи на трофеи и ловечки клубови во САД. Некои од пакетите содржеле цели животни. Ниту една од пратките немала потребна дозвола.
Од париските царински служби истакнуваат дека речиси секој ден откриваа такви пратки на најголемиот аеродром во Франција. Покрај мајмуните, шверцувани се и други видови како видри, големи мачки, мајмуни и птици грабливки, соопштија цариниците.
Заедно со последната пратка од Камерун, повеќе од 700 черепи од мајмуни и други животни запленети меѓу мај и декември 2022 година, царината во четвртокот му ги предаде на Природонаучниот музеј во Екс-ан-Прованс, кој има намера да ги истражи и изложи.
-Згрозена сум кога ќе помислам дека големите мајмуни се десеткувани, а на дождовните шуми им се одзема загрозениот биодиверзитет поради нешто што е и глупаво и скандалозно – вели експертот за мајмуни во музејот, професорката Сабрина Криф.