НАЈГОЛЕМИТЕ РИЗИЦИ ЗА СВЕТОТ ВО 2024 ГОДИНА Ќе доминираат три војни, две се активни, третата се очекува
Американските претседателски избори ќе претставуваат најголем политички ризик за светот во 2024 година, без разлика кој ќе победи, а институциите на најмоќната демократија секако ќе ги трпат последиците, се наведува во годишниот извештај на консултантската компанија за политички ризик „Евроазија груп“.
Во 2024 година во светот ќе доминираат три војни – Русија против Украина, сега веќе трета година, Израел против Хамас, сега во третиот месец, и САД против самите себе, конфликт подготвен да започне во секој момент, се наведува во годишниот извештај на консултантската компанија за политички ризик „Евроазија груп“.
Американските претседателски избори ќе претставуваат најголем политички ризик за светот во 2024 година, без разлика кој ќе победи, а институциите на најмоќната демократија секако ќе ги трпат последиците, соопшти „Евроазија груп“ и наведе дека изборите на 5 ноември ќе бидат тест за американската демократија на ниво што нацијата не го доживеала 150 години, мислејќи на граѓанската војна во земјата, објави Гласот на Америка.
„Со оглед на тоа дека гласањето во суштина е фрлање паричка, барем засега, единствената сигурност е континуираната штета на општественото битие на Америка, политичките институции и меѓународната положба“ – се вели во извештајот.
Во него се додава дека ако републиканскиот фаворит Доналд Трамп повторно загуби од претседателот Џозеф Бајден, магнатот со недвижности најверојатно уште еднаш ќе биде обвинет за масовна измама и ќе поттикне силна кампања на заплашување на изборните службеници.
Соединетите држави во вториот мандат на Бајден, исто така, би можеле да се соочат со политичка криза без преседан доколку Трамп оди во затвор за еден од безбројните случаи во кои е обвинет, иако насилството од големи размери е малку веројатно, се наведува во извештајот.
„Доколку загуби, се очекува Бајден да го признае поразот. Но, многу демократи, исто така, ќе го сметаат Трамп за нелегитимен, а некои ќе одбијат да ја поддржат неговата победа, наведувајќи ја уставната забрана за преземање на функцијата за секој што учествувал во бунт“ – истакнува консултантската компанија во годишниот извештај.
„Евроазија груп“ го оцени насилството на Блискиот Исток како втор најголем глобален ризик, а војната меѓу Израел и Хамас веројатно ќе биде само првата фаза во поширокиот конфликт во 2024 година. Групата проценува дека ситиуацијата на Блискиот Исток дополнително ќе се влошува во наредните месеци.
„Не постои очигледен начин да се стави крај на борбите, а каков и да е воениот исход, драматично зголемување на радикализацијата е загарантирано. За израелските Евреи, кои се чувствуваат глобално изолирани, па дури и омразени откако се соочија со најлошото насилство врз нив од Холокаустот. За Палестинците, кои се соочуваат со она што тие го сметаат за геноцид, без можност за мир и без изгледи за бегство“ – пишува во извештајот.
Третиот најголем ризик ќе биде Украина и во извештајот се наведува истата прогноза како и за Блискиот Исток: ситуацијата се влошува.
„Евроазија груп“ укажува дека оваа година Украина ќе загуби значаен меѓународен интерес и поддршка, а особено од САД, бидејќи војната во Украина таму стана далеку втор и сè повеќе трет или помал приоритет и покрај стотиците илјади жртви, милиони раселени луѓе и убиствената омраза кон рускиот режим што го дели речиси секој Украинец и кој со децении ќе го дефинира националниот идентитет на десетици милиони луѓе.
Сето ова води до поголем очај за украинската влада, додека Русија на Владимир Путин останува целосно изолирана од Западот, се вели во извештајот, додавајќи дека е поверојатно конфликтот да ескалира, а Украина е на пат да биде поделена.
Меѓу другите ризици што му се закануваат на светот во 2024 година, во извештајот се наведува вештачка интелигенција и бавноста со која владите ширум светот не успеваат да го регулираат развојот на вештачката интелигенција. Сојузот и меѓусебната поддршка на Русија, Иран и Северна Кореја се исто така високо на ризичната листа. Веднаш како следен ризик се наведува Кина и нејзината економија.
Побарувачката за природни минерали, глобалната инфлација и климатските промени исто така се наведуваат како предизвици со кои ќе се соочи светот во 2024 година. Деловната неизвесност во САД е последна на листата на ризици, а како додаток на листата во извештајот се споменуваат и кризата во односите меѓу Америка и Кина, популистичките лидери во Европа и БРИКС.