НАЈГОЛЕМИОТ ПРЕДИЗВИК НА ПИШУВАЊЕТО ЗА ВЕБ Имаш само 15 секунди или 2 скрина за да го зграпчиш вниманието на читателот!

Новинарите денес, како никогаш порано, имаат потреба да остварат силна и моќна интеракција со консументите на нивните содржини, при што предуслов за тоа е да ја поканат или дури и да ја предизвикаат публиката да влезе во нивниот „театрон“, да го зграпчат нејзиното внимание, да го фокусираат и да го одржат што е можно поинтензивно и подолго. Така треба и да пишуваат – магија од првиот збор!

672

Битни прашања поврзани со вештината на креирање медиумски содржини и со принципите и техниките на структурирање и пишување вести и стории за веб (Web) деновиве го окупираат моето внимание. Повторно се соочувам со истите дилеми, како и пред многу години, кога бев тренер на неколку генерации студенти на Едногодишната школа за новинарство на Македонскиот институт за медиуми, која подоцна прерасна во Висока школа за новинарство и односи со јавноста.

Препрочитувајќи ги моите две книги што ги објавив во тој период, во 2005 и во 2010 година („Биди новинар“ и „Научи да пишуваш“), кои упатуваат на важноста да се разберат потребите и навиките на „неговото височество“ Читателот, се потсетив и на една мудра мисла, која вели дека навиките на луѓето во суштина не се менуваат, туку се менува технологијата, а со тоа и начинот на кој ги консумираме медиумските содржини. Таквите промени во последниве неколку години се толку драматични што одново силно ја нагласуваат потребата новинарите и редакциите да ги анализираат клучните мотиви поради кои луѓето воопшто консумираат информации (сега и во иднина, првенствено на интернет), како и промените на навиките предизвикани од процесот на сеопшта дигитализација на општеството.






Драматична промена на начинот на консумирање на информативните содржини на интернет – консументите стануваат „медиуми по себе“

Познато е дека луѓето отсекогаш читале весници, слушале радио и гледале телевизија првенствено поради потребата од информации што им се битни за нивното прилагодување во секојдневниот живот. Тој базичен мотив го определува и степенот на засегнатост на публиката (импактот) од информациите што се објавуваат и поставува некои од најважните критериуми за тоа кои информации вредат да се објават и колку вредат (критериуми за тоа што е newsworthy, или, како што јас го преведов, вествредно). За ова е пишувано многу и не би сакал да се повторувам, иако понекогаш се наложува потребата дебатата за тие критериуми да се освежи.

Дополнително, медиумите на луѓето им помагаат и во процесот на социјализација. Во време на апсолутна премоќ на масовните медиуми над интерперсоналната комуникација (20. век се смета за ера на масовните комуникации и период на процут на мас-медиумите), каков било облик на социјализирање, заедништво и општественост, па дури и каков било политички ангажман, се буквално незамисливи без информациите од медиумите. Вестите допираат дури и во најзатворените заедници, каде што тоа дури е и забрането (во затворите, на пример).

Никако не смее да се потцени и фактот дека медиумските содржини се многу значаен ресурс за збогатување на образованието на луѓето, за забава, за „убивање“ на здодевноста и на денгубењето итн. Ова често се стигматизира како наводно нелегитимен мотив за консумирање содржини во медиумите, што е голема грешка.

Како и да е, овие три базични мотиви стануваат уште понагласени во денешната дигитална ера, чии зачетоци ги лоцираме некаде во почетокот на 21. век. Денес живееме во време кога зборуваме не само за неограничена достапност на интернетот, а со тоа и на море од информации до милијарди луѓе ширум планетата, туку и за фактот дека интернет платформите и социјалните мрежи (сѐ почесто се нарекуваат социјални медиуми) им овозможуваат на луѓето активна консумација на информативните содржини. Тоа значи дека буквално секој што е присутен и активен на социјалните мрежи денес може да споделува медиумски содржини, да го искажува својот однос кон нив (лајк, дислајк), да коментира, да трола итн.

Социјалните мрежи се и доминантните интернет платформи преку кои луѓето пристапуваат до медиумските содржини (во Македонија се смета дека најмалку 50% од сообраќајот на интернет порталите доаѓа преку социјалната мрежа Фејсбук).

Освен тоа, активните корисници на социјалните мрежи и самите креираат медиумски содржини и информации и така стануваат „медиуми по себе“. Тие најчесто се на местата каде што се случуваат настаните и со своите смартфони произведуваат медиумски продукти (фотографии, видеа, пишани информации) и инстантно ги споделуваат на мрежите. Денес и најмоќните глобални медиуми „позајмуваат“ фотографии, видеа и информации од социјалните мрежи, од местата што не им се достапни или каде што не можат да бидат присутни, бидејќи ниту еден медиум, макар биле тоа и гигантите како Си-Ен-Ен и Би-Би-Си, на пример, не можат да бидат присутни насекаде на планетата во секое време.

 

Gian Cescon (www.unsplaSh.com)

 

Дополнително, корисниците на социјалните мрежи се и т.н. искуствени извори на информации, тие имаат изворни сознанија за состојби и за појави во средините каде што живеат или работат и често ги споделуваат на Фејсбук, на Твитер и на другите мрежи. Тие информации се драгоцен ресурс и често почетна точка за новинарски истражувања кои на крајот резултираат со стории со голем импакт.

И секако, да не заборавиме дека социјалните мрежи се простор што многу поединци го користат за слободен пласман на ставови и мислења, често контроверзни и инспиративни, кои битно придонесуваат и за збогатување на јавната дебата, а не само за „загадување“ на јавниот дискурс со говор на омраза. Некои од тие луѓе се стекнуваат со имиџот на инфлуенсери и често имаат многу поголема популарност и поголемо влијание од коментаторите и од колумнистите во т.н. класични медиуми.

Заблудата за „добрите“ традиционални и „лошите“ интернет медиуми

Во дел од јавноста и особено во дел од новинарската заедница во Македонија денес за таа експлозија на можностите и за тој хаос кој му е инхерентен на интернетот, најчесто се зборува во негативен контекст. Се тврди дека новите интернет медиуми ги „убиваат“ традиционалните медиуми и го намалуваат квалитетот на македонскиот журнализам. При тоа, се разбира, се занемарува фактот дека веќе нема традиционален медиум што нема своја интернет платформа, свој веб-сајт, свој профил на Фејсбук, на Твитер, на Јутјуб и на Инстаграм, како и тоа дека самите медиуми сѐ повеќе ги селат содржините што ги произведуваат на своите нови дигитални платформи.

Освен тоа, во дебатата често се пренагласува и опасноста од ширење лажни вести и манипулации преку социјалните медиуми. Не така одамна бевме сведоци дури и на иницијативи за формирање владини институции за борба против ова „зло на денешницата“, кои беа отфрлени под притисок на јавноста, која во нив со право препозна тенденции за воскреснување на цензурата.

Се подзаборави и на улогата на социјалните мрежи во демократизацијата на многу општества, дури и на оние најконзервативните, со закоравени авторитарни режими. Кога на некои млади луѓе денес им го објаснувам значењето на Фејсбук за Арапската пролет (2010-2012 година) и зошто револуционерните промени во некои земји во арапскиот свет тогаш беа наречени Фејсбук-револуција, тие најчесто не знаат речиси ништо за тие настани што се случија само пред една деценија. Се разбира, тоа и не треба да чуди, зашто не е лесно на денешната т.н. дигитална генерација да ѝ се објаснат настани и процеси од период кога тие момчиња и девојки биле деца или тинејџери.

Како и да е, натамошната расправа на оваа тема – добрите и лошите страни на драматичните промени во медиумите и на социјалните мрежи – во оваа прилика им ја оставам на комуниколозите. Патем речено, за мојот вкус актуелната расправа е претерано исполитизирана и обременета со една нагласена пропагандна нота, што не остава доволно простор да допреме до некои други нивоа на една пообјективна анализа на овие феномени. Тешко е да се води дебата за новите догми и стереотипи, за „добрите“ традиционални и за „лошите“ интернет медиуми, за старото „добро“ и „квалитетно“ новинарство и за новото „лошо“ и „копи-пејст“ новинарство, за нужноста во секој ангажман на социјалните мрежи да гледаме хибриден напад, сајбер-булинг итн.

Наместо полемика на тие теми, за кои безмалку сите денес имаат свое мислење – како и за тоа кој треба да биде на власт, кој треба да игра во фудбалската репрезентација и кој треба да ја претставува Македонија на Евровизија – во оваа и можеби во некои други статии што ќе ги напишам, ќе се фокусирам на прашањето како експлозијата на интернет медиумите и на социјалните медиуми го менува начинот на консумација на содржините на веб, како се актуелизираат и се изоструваат некои веќе утврдени принципи и правила за пишување вести и стории, а истовремено се наметнуваат и некои нови правила што треба да се проучуваат и да се применуваат во новинарската пракса.

Митови за почетници: reach-oт не е клик, а кликот не е читаност!

За почеток, неколку ноторни факти. Ако во 2005 година, кога ја пишував книгата „Биди новинар“, се повикував на истражувања кои покажуваа дека луѓето секојдневно се соочуваат со огромен  број информации и дека трошат најмногу половина час дневно за читање весници – и тоа сознание драматично влијаеше врз начинот на кој креативните новинари и уредници го прилагодуваа начинот на пишување и на „продавање“ на вестите во печатот – денес сето тоа е изменето од корен. Дневните весници во Македонија и пошироко во регионот пропаѓаат (во Косово, како што разбрав, веќе воопшто ги нема), а тие што постојат кај нас се со минорни тиражи и речиси без никакво општествено влијание. Жал ми е што морам тоа да го констатирам јас, основач на три дневни весници, секој од нив најтиражен во своето време, но ете така денес стојат работите.

Тажна е состојбата и со информативните програми на радијата. Допрва ќе се разбива и предрасудата дека телевизиите се медиуми од кои луѓето во Македонија најмногу се информираат за политиката и за важните општествени теми. Истражувачите на јавното мислење ќе мора да ги сменат своите анкетни прашалници, откако претходно ќе проучат како телевизиите се прилагодуваат на дигиталната ера и откако ќе сфатат дека драматично опаѓа публиката што ги следи телевизиските информативни програми и дебати, па и филмовите и преносите од спортските натпревари, во т.н. реално време.

Големите технолошки промени и иновации го сторија своето. Денес најмалку 90 отсто од луѓето што следат информации на интернет го прават тоа преку своите паметни мобилни телефони (смартфони). Едно истражување вели дека во 2020 година 94 отсто од консументите во САД следеле онлајн содржини на смартфони. Мина времето на десктоп-компјутерите, а и лаптопите сѐ повеќе се користат за работа и сѐ помалку за следење медиуми. Дополнително, треба да се има предвид и фактот дека на пазарот сега речиси и не може да се најде телевизор што не е андроид.

Едно друго истражување покажува дека 74% од вниманието на луѓето кои „читаат“ вести и стории на интернет на своите смартфони, се задржува само на првите два скрина при скролањето на смартфонот.  Една статија од 2014 година во престижниот британски магазин Тајм, пак, се осврнува на уште еден драматичен податок, дека 55% од луѓето на интернет остануваат активни на страницата што ќе ја отворат помалку од 15 секунди.

 

Georgie de Lotz (www.unsplash.com)

 

Мит е тврдењето дека кликот на една страница на интернет значи дека читателот задолжително ја чита содржината на таа страница. Секој новинар и секој уредник треба да знаат дека уште поголем мит е тврдењето дека тоа што некој ја „видел“ нивната споделена содржина на својот њусфид (newsfeed) на Фејсбук, на пример, значи нешто претерано многу во поглед на читаноста. Reach-от на Фејсбук (во буквален превод: дофат или досег) не значи автоматски и клик, а видовме веќе дека и кликот не гарантира читаност. Најголем дел од луѓето што ќе ги видат фотографијата и насловот од нашата споделена содржина на Фејсбук, или во стори на Инстаграм, на пример, едноставно, продолжуваат да скролаат понатаму, без воопшто да кликнат и да ја отворат содржината, на која, рековме веќе, половината од нив ионака би се задржале одвај 15 секунди.

Тајната и проклетството на фамозните 15 секунди 

Во Македонија, меѓу некои луѓе, дури и меѓу медиумски професионалци, сѐ уште е актуелен митот дека кликот автоматски носи читаност. И малку се размислува за феноменот на фамозните 15 секунди. Случајно ли е тоа што видеата на најмладиот социјален медиум ТикТок (се појави во 2016 година, за веќе во 2020 година да има 2 милијарди корисници) во почетокот беа лимитирани на 15 секунди, а дури неодамна, во март оваа година, беше објавено дека лимитот се крева на 10 минути? Инаку, општата препорака за должината на кратките видеа (shorts и reels) на ТикТок и на Инстаграм и натаму останува тие да бидат исклучително кратки, најмногу до 15 или 20 секунди. Тоа бездруго не е случајно.

Постојат многу истражувања за тоа како овој феномен ја оштетува когнитивната способност на младите луѓе, како дефокусира, создава зависност итн. Тоа се навистина загрижувачки информации. Но, битката против технологијата и против промените во навиките на луѓето коишто таа ги предизвикува е бесмислена, нешто налик на Лудистичкото движење против Индустриската револуција од крајот на 18 и почетокот на 19 век, кога дел од работниците ги кршеле машините и ги палеле фабриките, сметајќи ги виновни за тоа што масовно останувале без работа.

Тоа што консументите на информации денес се понетрпеливи од кога било порано е последица на едноставниот факт што технологијата со која се служат луѓето им овозможува достапност до речиси неограничен број информации. Понудата е многу поголема од времето што луѓето го имаат на располагање за консумирање – а тоа, пак, време воопшто не е мало, многу истражувања покажуваат дека луѓето просечно поминуваат по 7 и повеќе часа дневно нурнати во малите екрани на своите смартфони. Дури и изборот што го прават алгоритмите на социјалните медиуми е преширок за да го насочи нашето внимание кон еден помал квантум на информации, колку што објективно може да „поднесе“ конзумот.

Читателите скролаат, скенираат, па одлучуваат дали ќе читаат – а што правиме ние во врска со тоа?

Тука некаде се крие и тајната зошто „читањето“ на содржините на интернет почнува – а често и завршува! – со скенирање на страниците (брзо идентификување слики, наслови, посебно форматирани или обележани делови од текстот, линкови, интерактивни содржини итн.), со интензивно скролање и селективно читање (skimming), а во ретки случаи со целосна консумација на содржината, односно со читање од почетокот до крајот на текстот.

Рековме веќе, вниманието на три четвртини од читателите се исцрпува во првите два скрина под врвот на страницата. Што значи тоа за нас, кои креираме содржини за веб?

Kelly Sikkema (www.unsplash.com)

 

Обидете се самите да го разберете предизвикот. Земете го вашиот смартфон в раце и кликнете на една содржина. Пред тоа, потсетете се на фактот дека самата одлука да кликнете е голем чекор од ваша страна, бидејќи во најголем број случаи насловите и фотографиите што прелетуваат пред вашите очи додека скролате на вашата омилена социјална мрежа, или на агрегаторот на вести што најчесто го посетувате, ви нудат доволно информации за воопшто да не мора да губите време и да кликате, па наместо тоа вие продолжувате да навигирате понатаму. Но сепак, откако веќе сте одлучиле да отворите некоја содржина, откако ќе се појави првиот скрин (она што го гледате на целината на вашиот екран на смартфонот), скролнете со прстот уште еднаш до вториот скрин и уште најмногу еднаш до два пати од горе надолу.

И тоа е тоа, вие веќе сте постапиле како три четвртини од луѓето, кои имено толку време, скенирање и скролање ќе ѝ посветат на таа содржина, не повеќе!

Внимавајте, тука има уште една битна работа. Во тие три или четири скрина на кои читателот ќе им посвети внимание кога ќе кликне (ако кликне), мора да се најде место за насловната фотографија (featured photo) и за водечкиот банер (реклама), кој секогаш се закупува во првиот скрин. Сите новинари и уредници коишто се убедени дека нивните генијални наслови или текстови се тие што ќе го привлечат вниманието на читателот, треба да се помират со фактот дека човековото око, при скенирањето на страницата, дефинитивно прво „се лепи“ на фотографиите, а дури потоа на буквите и тоа прво на големите и болдираните букви, а потоа на оние од текстот. Според тоа, кога добро ќе пресметате колку простор ви останува за вашиот текст, во принцип ќе изброите најмногу два параграфа, под услов двата да бидат кратки (општото правило за должината на параграфите ионака е едноставно – нека бидат што пократки).

Значи, во тој мал простор за текстот што влегува во полето на вниманието на три четвртини од посетителите на страницата, нашата задача е да пласираме добар наслов (посебна тема за дебата е што е добар наслов), поднаслов и многу често барем една реченица којашто на читателот ќе му го објасни импактот, односно важноста на она што го чита (тој дел од текстот вообичаено се нарекува nut graph и одговара на прашањето „зошто е важно ова што го читам“).

И кога конечно ќе стасаме до крајот на ова „економизирање“ на просторот – значи, кога ќе обезбедиме место за сето она што е важно да се види и да се прочита во првите два, три или најмногу четири скрина – останува местото за она најважното, што доаѓа всушност на почетокот на секоја новинарска вест или сторија: лидот.

Дефиниција за добар лид и за добар наслов – нека го покани читателот да чита!

Зборот лид е англицизам (на англиски јазик се пишува lead и поретко lede), a кај нас понекогаш се преведува со фразата глава на веста, а поретко и со зборот интро. Јас, сепак, инсистирам на зборот лид, кој веќе е одомаќен во поголем дел од новинарската заедница. Најопшто кажано, лид е првата реченица, поретко првиот параграф и во случајот на т.н. одложување на лидот, во целината на почетниот дел од текстот што го нарекуваме лид ја подразбираме и кусата нарација со која го одложуваме сумарниот лид, ама и него самиот, бидејќи тој мора да дојде веднаш после тоа одложување.

Ова на прв поглед изгледа збунувачки, но да појасниме. Во принцип, постојат два вида лидови.

Првиот се нарекува сумарен лид. Од него се очекува во една сумарна реченица да ја соопшти најважната работа, но и да одговори на колку што може повеќе од основните новинарски прашања (5+1 или – кој, што, кога, каде, како и зошто). Сумарниот лид се нарекува и директен и е карактеристика на т.н. тврдо аспектирање на веста или сторијата.

Уште од студентски денови ја помнам веста за која во дел од литературата се тврди дека била добитник на Пулицеровата награда. Иако не успеав да најдам потврда за ова тврдење, ја пренесувам оваа необична вест, која се сведува на нејзиниот сумарен лид. Одлично е напишана, без сомнение:

Џон Барингтон, црнец, вработен во кафулето „Три аса“ во Харлем, се обиде со запалено кибритче да провери дали има бензин во резервоарот на неговиот „шевролет“. Имаше 37 години, сопруга и три деца.

Вториот вид лид се нарекува наративен лид. Соодветствува со т.н. меко аспектирање на сторијата, или со принципот на сторителинг (storytelling). Поентата е во тоа што во овој случај во приказната влегуваме со една поента или куса нарација, со која го одложуваме сумарниот лид (поради тоа, наративниот лид се нарекува и одложен лид).

Лидот може да се одложи со воведна прашална реченица, со кус впечатлив цитат, со интересен опис, со духовита поента и на многу други начини. Смислата на ова одложување е во главата на веста да го зграпчи вниманието на читателот на еден поинаков начин одошто со обидот веднаш да се одговори на основните новинарски прашања. Понекогаш добрите автори умеат да го продолжат одложувањето на лидот, а сепак да ја одржат и дури и да ја засилат драмската тензија, со што уште повеќе ја зголемуваат љубопитноста на читателот.

Патем речено, многу често се практикува и насловот да не биде сумарум на веста, туку атрактивна реченица или фраза која ќе го привлече вниманието на читателот и ќе го покани да чита. Мојата лична преференција, која никому не му ја наметнувам како строго правило, е секогаш да се избере наслов што умешно и успешно ќе го покани читателот да кликне, да ја отвори страницата и да чита, ако е можно многу повеќе од два, три или четири скрина. Многу одамна некаде го имам сретнато терминот поканувачки лид (inviting lead) и можеби тој термин најмногу соодветствува на она што јас го препорачувам како стилска преференција.

Дали кликбејт насловите и лидовите секогаш се одлика на „лошо“ новинарство?

Морам тука да ги опоменам читателите на оваа статија дека овој пристап што го заговарам донекаде се судира со едно прилично широко распространето мислење кај нас дека т.н. кликбeјт (clickbait) наслови и наративни лидови се одлика на едно лошо, неквалитетно и манипулативно новинарство. Носителите на овој став заговараат исклучиво стандардни, информативни и неутрални наслови и сумарни лидови. Нема детално да полемизирам со ваквите тези, туку ќе го насочам вниманието кон клучниот проблем што авторите ги тера да смислуваат „наслови со мамка“.

Еве еден карактеристичен пример. Да претпоставиме дека пишуваме вест за драстично поскапување на цените на горивата, при што безоловниот бензин од 98 октани ќе поскапи за 8 денари, а дизелот за 10 денари за 1 литар. Еден добар, информативен наслов, би гласел можеби вака:

Од ноќеска на полноќ бензинот од 98 октани поскапува за 8, а дизелот за 10 денари

Многу голема е веројатнота дека повторувањето на овој или сличен на него наслов од страна на повеќе портали ќе ги „натера“ алгоритмите на агрегаторите да ги агрегираат вестите со вакви наслови во ист кластер и со тоа (можеби) ќе им дадат предност пред некои други вести со други наслови. Но, на тој што ќе ја здогледа веста споделена на Фејсбук, на Твитер или на Инстаграм, со ваков наслов, постот ќе му биде доволен, бидејќи тој во себе ги содржи клучните и најважни информации. Читателот го гледа постот и си вели: аха, добро, бензинот ќе поскапи толку, дизелот толку и тоа е тоа, не кликам, одам понатаму, да најдам нешто поинтересно за читање.

Има новинари кои ќе стават, на пример, ваков наслов:

Од ноќеска на полноќ драстично поскапување на горивата, ова се новите цени!

Дали е ова добар наслов? Знам дека многумина се ужаснуваат од ваков вид наслови, а има и реална причина за тоа. Имено, многу често ваквите наслови се шаблонизирани и неинвентивни, а нивното упорно и нападно повторување преминува во маниризам.  Но, треба да се разбере мотивот на новинарот да смисли таков наслов – тој не сака на читателот да му ја даде целата најважна информација во насловот и во постот на Фејсбук, туку сака да го покани да кликне и да го прочита текстот. Освен тоа, зборот драстично укажува на магнитудата на проблемот (станува збор, значи, за невообичаено големо поскапување) и нема ништо лошо тоа да се нагласи во насловот.

Еве што мисли жирито на Пулицеровата награда – краткиот сумарен лид е мртов?!

Што се однесува до лидот, како аргумент за мојата теза, ќе ја приложам „одбраната“ на лидовите добитници на Пулицеровата награда за 2022 година, во статијата на авторот Рој Питер Кларк на сајтот poynter.org (го препорачувам овој веб-сајт како еден од најдобрите ресурси за стручни статии и мислења од областа на журнализмот). Својата „одбрана“ на наградените лидови авторот ја почнува со реченицата: „Краткиот лид е мртов“. Со терминологијата кон која јас се приклонувам, авторот би рекол – краткиот сумарен лид е мртов.

Не можеме да кажеме дека тоа е баш така. Дури и авторот на оваа статија го издвојува лидот на репортерот Џон Вудро Кокс од „Вашингтон пост“. Ова се првите четири параграфи од неговиот извештај за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година:

Откако претседателот Трамп ѝ кажа на распространетата толпа пред Белата куќа дека никогаш не треба да го прифати поразот, стотици негови приврзаници упаднаа во Капитол, што претставуваше обид за државен удар за кој се надеваа дека ќе ги поништи изборите што тој ги загуби. Во хаосот, една жена беше застрелана и убиена од полицијата на Капитол.

Насилната сцена – голем дел од неа поттикната од запаливиот јазик на претседателот – беше како ниедна друга во современата американска историја и таа ненадејно го прекина конгресното потврдување на изборната победа на Џо Бајден.

Со јарболи со сините знамиња на Трамп, толпата се проби низ вратите и прозорците на Капитол, поминувајќи покрај полицајците неподготвени за нападот. Пратениците беа евакуирани непосредно пред вооружениот судир пред вратите на Домот. Жената која беше застрелана од полицаец беше пренесена во брза помош, соопшти полицијата, но подоцна починала. Канистри со солзавец беа испукани преку белиот мермерен под на ротондата, а на скалите пред зградата бунтовниците вееја знамиња на Конфедерацијата.

„САД!“, скандираа потенцијалните саботери на 244-годишната демократија.

Ова е пишувано пред дедлајнот и нема сомнение дека овде зборуваме за сумарен лид и сторија пишувана според правилото на превртена пирамида. Сепак, забележливо е дека четирите параграфи изобилуваат со описи на насилната сцена, со детаљи кои ги збогатуваат описите, како и со една прецизна оценка на настанот, при што авторот не остава простор за двоумење и веднаш на читателот му кажува дека станува збор за обид за државен удар и за саботирање на демократијата.

Но, во статијата на poynter.org може да се забележи фасцинацијата на авторот со еден друг награден лид, фасцинација што и јас ќе ја споделам овде. Имено, меѓу добитниците на Пулицеровата награда за 2022 година е и една истражувачка сторија со одличен, многу впечатлив лид, кој го зграпчува вниманието на читателот на несекојдневен начин. Станува збор за истражувачка сторија за една топилница на олово во Флорида, 18-месечен истражувачки проект на тројца новинари (Кори Џ. Џонсон, Ребека Вулингтон и Ели Мареј), озаглавен со еден единствен збор. „Отруени“.

Лидот во оригинал на англиски јазик содржи 88 зборови, поделени во седум кратки параграфи. Еве го:

Во единствената топилница на олово на Флорида, отрови во изобилство.

Кадмиум. Арсен. Сулфур диоксид.

Но, оловото преовладува.

Прашината облеана со олово тежи како густа магла што ја обвива фабриката каде што работниците ги отвораат акумулаторите на ислужените автомобили, го извлекуваат оловото и го топат во печка што работи на околу 1.500 степени. Растопеното олово се преобработува и се продава на компании кои произведуваат нови акумулатори за автомобили и други производи.

Стотици работници биле изложени на екстремни количества на невротоксинот.

А последиците se огромни.

Авторите одлучиле да го импресионираат и да го вознемират читателот со опис на сликата од која веројатно и самите биле вџашени – фабрика завиена во густа и отровна магла од оловна прашина, кадмиум, арсен, сулфур диоксид. Отрови. Во првите две реченици, ефектно поделени во два параграфа, се содржат практично најважните и највознемирувачките клучни зборови.

Oвде веќе немаме сумарен лид, немаме одговор на петте основни новинарски прашања, но сепак имаме пример на инвентивен front loading. Во првите два или три скрина на својот смартфон, читателот дефинитивно ќе ја проголта јадицата и ќе биде привлечен да ја прочита сторијата. Како што веќе видовме, во насловната фотографија на статијата објавена на tampabay.com е фабричкиот оџак и насловот од еден збор („Отруени“), напишан со црвени букви. Нема дилеми дека само овој графички елемент ќе биде доволен за клик, кој води до лидот што уверливо го кани читателот да ја прочита статијата.

Овој пример, како и многу други слични, покажува дека можеби е минато времето на здодевните сумарни лидови и дека доаѓа време на наративниот сторителинг, кој на еден поинаков начин може да го привлече вниманието на читателите, ограничено – да повториме по кој знае кој пат – на првите два, три до најмногу четири скрина на нашиот смартфон или на оние фамозни 15 секунди за кои веќе стана збор. Не верувам дека краткиот лид е мртов, но отворен е широк простор за поинакво аспектирање на новинските стории и соодветно на тоа, за нивно поинакво, поинвентивно структурирање.

Еве еден таков пример на лид од порталот Плусинфо:

Дали кога сте во доколица и кога некој ќе ве праша што правите, се шегувате – еве, чекаме плафонот да падне?

Немојте веќе така да се шегувате. Плафоните навистина умеат да паднат. Викендов падна покривот во една од занималните во градинката „Мајски цвет во Карпош.

Среќа во несреќа е што децата не биле во објектот и предизвикана е само материјална штета. Несреќа во среќа е што плафонот пак може да падне.

Барем така изјави градоначалникот Стевчо Јакимовски и најави дека ќе побара итни измени на општинскиот буџет, за да се обезбедат пари за брза санација на градинката.

Авторот на оваа вест влегол во приказната со една духовита поента, која ја нагласува апсурдноста на настанот, бидејќи плафоните, нели, паѓаат врз главите на луѓето само во шегите. А плафонот на оваа детска градинка навистина паднал, за среќа за време на викендот, кога во градинката немало деца.

Во оваа прилика, завршувам со полемиката тука. На оваа тема ќе ѝ посветам една посебна статија. Мислам дека сторителингот во нашата новинарска стилистика и во праксата не само што е запоставен, туку на извесен начин е и стигматизиран како неквалитетно, или дури и „опасно“ и „штетно“ новинарство. А тоа навистина заслужува една посебна расправа, чија цел ќе биде да се спротивставиме на таа стигма.

Зошто е толку тешко прво да се соопшти дека ловџијата ги спасил Црвенкапа и бабата?

За жал, ние имаме и еден многу посериозен проблем, на кој мора да се посвети посебно внимание.

Како што е познато, воведна вештина што треба да се совлада при пишувањето новинарски вести и стории е пишувањето сумарни или директни лидови (тие што содржат одговори на основните новинарски прашања), како и структурирањето на вестите и на сториите според принципот на опаѓање на важноста, популарно наречен Правило на превртена пирамида (inverted pyramid). За жал, не можам да не забележам дека за мене претставува извесно разочарување сознанието дека и денес, после толку години настава, обука и новинарски тренинг во пракса, во мноштвото плурални медиуми, сѐ уште среќавам вести и стории од помлади и од повозрасни автори, во кои евидентно отсуствува какво било чувство за темелниот принцип на структурирањето, кој гласи многу едноставно – најважното напред (во литературата која зборува за пишување за веб се среќава и терминот front loading, што веќе беше спомнат погоре).

На прв поглед, се чини дека нема ништо поедноставно од тоа на почетник новинар или на пишувач на друг вид содржини за веб (content writter), да му се објасни овој принцип. Значи, на почетокот, во првата реченица, но и во првите зборови на реченицата, се пласира она најважното, она што е најмногу вествредно (newsworthy). И авторите кои сугерираат да се внимава на принципите на SEO (search engine optimization, оптимизација за пребарувачките машини), советуваат при пишувањето на секој текст да се определи еден примарен и два или три секундарни клучни зборови, при што примарниот клучен збор мора да се содржи во URL на страницата (значи, во насловот), а сите клучни зборови во лидот. Потоа елементите на веста се редат (приоритетизираат) како што опаѓа нивната важност, односно, според Правилото на превртената пирамида.

Толку е целата „наука“ во врска со овој принцип. Се разбира, ако се оди во натамошна експликација на некои од прашањата (на пример, критериумите за тоа што е newsworthy), би можело многу нешта да се кажат. Но, се претпоставува дека во секојдневната редакциска работа, за релативно кусо време би требало секој да може да ја совлада оваа базична техника на пишување.

При тоа, го имам предвид и фактот дека овој начин на пишување битно се разликува од начинот на кој сме ги примале првите нарации во животот, приказните што сме ги слушале уште како деца. Да се напише најважното напред е како да се раскаже приказната за Црвенкапа, на пример, како новинарска вест, со следниот лид:

Црвенкапа и нејзината баба се спасија откако ловецот го уби страшниот волк што ги проголта утринава во куќата во шумата.

Прифаќањето на овој принцип на структурирање значи да се заборави на начинот на кој ги структуриравме и писмените работи по мајчин јазик, според советите на наставниците, кои ни велеа дека на почетокот доаѓа воведот, потоа разработка на темата и на крајот заклучокот. Сакам да кажам, разбирливо е дека е потребно извесно „прекршување“ кај секој почетник. Но сепак, нема ниту еден аргумент за да се тврди дека овде зборуваме за некаква голема „филозофија“ што е тешко да се научи, а уште потешко да се примени.

Од каде тогаш толку проблеми со лидот, толку свесни или несвесни отпори кон тоа да се отфрли т.н. хронолошки начин на пишување?

Долго време ме мачи ова прашање и решив малку подлабоко да истражувам во историјата на новинарството, во потрага по одговори. Дојдов до интересни сознанија и тези што сакам да ги споделам во оваа статија.

Како се посрамотил репортерот на АП известувајќи за атентатот врз Линколн

Под влијание на американските автори, во теоријата на журнализмот доминира мислењето дека структурирањето на вестите според Правилото на превртена пирамида почнува за време на Граѓанската војна во САД (1861 – 1865 година). Според тоа мислење, подигнато на ниво на аксиома, Граѓанската војна е таа што коренито променила многу нешта во оваа земја, меѓу другото и во американското новинарство во весниците.

Во телеграфските депеши, како единствен начин на пренесување на информациите од воената зона, се развива нова техника на известување, при што новинарите на почетокот испраќаат куси „наслови“, кои ги најавуваат подолгите приказни што следат. Телеграфските линии во тоа време се несигурни и често пати не успеваат да ги пренесат целите хронолошки структурирани извештаи, па новинарите се принудени на почетокот да ги соопштат најважните факти. Ако телеграфската линија се прекинела во текот на раскажувањето на долгите приказни од фронтот, ако ништо друго за објавување ќе останело она најважното. Теоријата вели дека така е создаден новиот начин на структурирање на приказните и така е измислен сумарниот лид.

Во 2015 година, на 150-годишницата од атентатот врз претседателот Абрахам Линколн (14 април 1865 година), „Вашинтон пост“ објави статија за тоа како известувале весниците за овој настан. Во теоријата се смета дека токму известувањето за овој трагичен настан го означило дефинитивниот пресврт кон Правилото на превртената пирамида. Како што е познато, Линколн е убиен во прилично необични и бизарни околности, додека присуствувал на театарска претстава.

Извештајот на Лоренс Гобрајт (Lawrence Gobright) од Асошиетед прес (Associated Press) се смета за првата депеша за овој настан. Авторот трчал од Белата куќа до Фордовиот театар со намера да состави што подобар извештај, попатно во рака му било дадено оружјето со кое бил извршен атентатот, а тој „патриотски“ го предал на властите. Еве ја таа депеша:

Вашинтон, 14 април – Претседателот Линколн и сопругата вечерва го посетија Фордовиот театар за да бидат сведоци на изведбата на „Американскиот братучед“. Во весниците беше најавено дека генералот Грант исто така ќе биде присутен, но тој господин го фати последниот воз за Њу Џерси.

Театарот беше густо исполнет и сите изгледаа воодушевени од претставата. За време на третиот чин, додека имаше кратка пауза за да влезе еден од актерите, се слушна остар пукот на пиштол, кој одвај привлече внимание и ништо не навестуваше нешто сериозно, додека еден човек не се упати кон предниот дел на претседателската ложа, мавтајќи со долга кама во десната рака, извикувајќи „Sic semper tyrannis“ и потоа веднаш скокна од боксот во вториот ред, на бината долу, и истрча на спротивната страна, успеа да избега среде збунетата публиката од задниот дел на театарот, се качи на коњ и побегна.

Тажните лелеци на г-ѓа Линколн први го открија фактот дека претседателот бил застрелан, по што сите присутни станаа на нозе брзајќи кон бината, многумина извикувајќи: „Обесете го, обесете го!“. Возбудата беше нешто што тешко може да се опише.

Имаше бркотница кон боксот на претседателот, кога се слушнаа извици: „Тргнете се и дајте му да дише!“ „Има ли некој стимуланс?“ Брзиот преглед откри дека претседателот бил застрелан во главата и во задниот дел од темпоралната коска и дека дел од неговиот мозок тече надвор. Тој беше однесен во приватна куќа спроти театарот, а главниот армиски хирург и други хирурзи беа испратени да ја следат неговата состојба.

Претседателот беше во состојба на синкопа, тотално неконтактибилен и дишеше полека. Крвта течеше од раната на задниот дел од главата. Хирурзите ги употребија сите медицински вештини, но сета надеж исчезна.

Разделбата на неговото семејство со претседателот на умирање е премногу тажна да се опише…

Ако се насмеавте додека го читавте овој извештај, тогаш ви е јасно дека ова е веројатно најдлабоко „закопаниот“ лид во историјата на новинарството. Читателот е принуден да чита речиси до самиот крај за да дознае дека Линколн е смртно застрелан и дека нема да преживее. Пред тоа, на почетокот на извештајот, „агилниот“ известувач ги опишува сите неважни детаљи, како името на претставата, фактот дека генералот Грант не дошол иако бил најавен (го фатил последниот воз за Њу Џерси), фактот дека театарот бил густо исполнет и фактот дека сите биле воодушевени од претставата итн. Сосема на крајот, „патриотски“ настроениот дописник на АП вели дека разделбата на семејството со претседателот на умирање е „премногу тажна да се опише“, па обземен и самиот од тага, нема ни да се потруди да ја опише.

И други американски весници се немаат прославено со извештаите за овој настан. „Ивнинг Стар“ (Evening Star), на пример, оди со ударен наслов на насловната страница „Атентат врз претседателот“, но веднаш до него, од левата страна и високо горе, како и ударната сторија, е пласирана реклама за љубовен еликсир. Лидот е подобар, но далеку од сјаен. Еве го:

Синоќа, во 22.30 ч., во Фордовиот театар, претседателот, додека седел во својата приватна ложа со г-ѓа Линколн, со госпоѓицата Харис и со мајор Ратбун, бил застрелан од атентатор кој ненадејно влегол во боксот. Тој се приближил зад претседателот. Атентаторот потоа скокнал на сцената, мавтајќи со голема кама или нож и избегал покрај задниот дел од театарот. Куршумот влегол во задниот дел од главата на претседателот. Раната е смртна. Претседателот е неконтактибилен од моментот кога а погоден, а сега умира.

Не само што недостасува извесниот смртен исход на атентатот во првата реченица, останува дилема зошто било толку важно во врвот на веста да се каже кој уште седел во приватната ложа на Линколн за време на атентатот. Патем речено, „Вашингтон пост“ се чувствува комотен да ги анализира извештаите на другите американски весници, зашто тој весник е покренат во 1877 година, значи цели 12 години после настанот во Фордовиот театар.

Генијалниот телеграфист со непогрешиво чувство што е најважно и што е лидот

„Бостон Глоуб“ (Boston Globe) во посебна статија пишува за тоа како неговиот претходник „Бостон пост“ известил за настанот. Ова е лидот на првата објавена депеша:

Околу дваесет минути пред единаесет часот, еден човек влегол во приватната ложа на г-дин Линколн и го застрелал во главата, па скокајќи на бината исчезнал од местото на настанот, кое изгледа го познавал и избегал.

Интересен е примерот на „Сан Франциско Хроникл“ (San Francisco Chronicle), весник основан неколку месеци пред атентатот. Овој настан, всушност, придонел „Хроникл“ буквално преку ноќ да израсне во популарен весник. Пред настанот, весникот главно објавува програми на театрите и осврти за пиесите, по некоја сатирична вест и анегдота (повеќето напишано од Марк Твен) и многу реклами.

Утрото на 15 април, кога Мајкл де Јанг, еден од двајцата основачи на весникот, ќе влезе во локалната телеграфска канцеларија, значи откако неговиот весник веќе е излезен од печат, телеграфистот, со непогрешливо чувство за тоа што е важно и што е лидот, ќе му рече: „Дали ја слушнавте веста? Линколн е убиен“. Де Јанг веднаш ќе отрча назад во редакцијата и со неговиот брат ќе подготват вонредно издание, со веста за убиството на Линколн на насловната страница.

И во „Сан Франциско Хроникл“ е објавена „славната“ депеша на АП, но насловите во вонредното издание вршат голема работа:

Последни депеши. Атентат врз Абрахам Линколн. Прва депеша, Вашинтон, 13 април. Генерал Х.В. Карпентер: Врз неговата екселенција претседателот Линколн беше извршен атентат синоќа во театар. Втора депеша. Претседателот Линколн умре утрово во 8:30…

Сите други весници кои утрото на 15 април ја „преспале“ смртта на Линколн буквално се посрамотиле.

Сумарниот лид сепак е роден во Прогресивната ера и е чедо на технолошкиот напредок

Настрана од овие интересни факти за овој „пресвртен настан“, во едно импресивно истражување на група автори од Универзитетот во Јужна Калифорнија (автор на статијата: Маркус Ерико, Marcus Erico) се оспорува целата теза дека Правилото на превртената пирамида доминира од периодот на Граѓанската војна во САД. Авторите на ова истражување клучниот пресвртен период го лоцираат во т.н. Прогресивна ера (1880-1910 година). Нивната теза е дека развојот на сумарниот лид не е производ на техничките ограничувања за време на Граѓанската војна во САД, туку обратно, резултат на развојот на науката и на образованието, токму во тој револуционерен период за американското општество, на преминот меѓу 19 и 20 век.

Хипотезата е уверливо докажана со егзактна метода. Имено, извршена е анализа на изданијата на неколку американски весници во тие клучни години, при што буквално се пребројувани сториите и сумарните лидови. Така, во 2.043 анализирани стории во 1860 година, откриени се само 2 сумарни лида (0,10 %). Во 1885 година, во 5.031 анализирана сторија, откриени се 19 сумарни лидови (0,38 отсто). Во 1910 година, во 4.689 анализирани стории, пронајдени се 517 сумарни лидови (11,03%). Во сите 46.841 анализирани стории во периодот од 1860 до 1910 година, забележани се 1.163 сумарни лидови (2,48 %).

Како дополнително објаснување на овие фрапантни податоци, авторите нудат и базична статистика, која укажува дека во 1870 година 20% од 38.558.000 Американци биле неписмени. Процентот на неписмени до 1910 година ќе опадне на 7,7%. Карактеристика на т.н. Прогресивна ера е силниот подем на транспортот, комуникациите, бизнисот, земјоделието и на образованието. Ова е период кога се појавуваат Дарвиновата теорија на еволуцијата (1859 година), социологијата (1883), психологијата (1893), антропологијата (1888), телефонот (1876), електричната светилка (1879), кинескопот (1889), радио трансмисијата (1895), експерименталниот авион (1896), револуционерниот Фордов автомобил модел „Т“ (1908), рендгентските зраци (1895), Ајнштајновата теорија на релативноста (1905) итн.

Популацијата во САД ќе порасне од 31 милиони во 1860 година на 92 милиони во 1910 година. Расте бројот на јавните училишта и на учениците. Паралелно со овие процеси битно се менува и медиумската индустрија, во секој поглед. Периодот од 1890 година до Втората светска војна се смета за почеток на златното време за печатот. Ова е време кога со новинарска работа се занимаваат и големи мајстори на пишаниот збор и на фикцијата, како Теодор Драјзер, Аптон Синклер и Џек Лондон, меѓу другите. Драјзер, на пример, се сеќава дека неговиот прв уредник во 1982 година го тера да бара одговор на петте основни новинарски прашања, за да напише сумарен лид, основа за добра сторија.

Со други зборови, целиот тој прогрес, зголемувањето на општата популација и на читателската публика, напредокот на медиумската индустрија и зголемената продукција на медиумски информации природно доведува до потребата на читателите да им се обезбедат брзи и релевантни стории, па стилот на хронолошките и раскошни новински нарации од втората половина на 19 век полека но сигурно станува демоде.

Шекспировиот „лид“ во прологот на „Ромео и Јулија“

Приказната за историскиот „биг бенг“, кога наводно се појавуваат сумарниот лид и превртената пирамида, ќе ја предизвикам и на поинаков начин, со еден обид да ја фокусирам расправата кон еден друг аспект на темата. Имено, ако се согласиме дека примарен мотив за конструирањето лидови е да се зграпчи вниманието на читателот, уверливо да се предаде аголот на приказната и вниманието да се одржи, мислам дека би можело да се каже дека тој ист мотив е забележлив во многу области на уметничкото творештво, долго пред појавата на печатот и на другите мас-медиуми.

Што е смислата на прологот или предговорот (prologue, preface) во античката драма, на пример? Или во драмата во стариот Рим, па и во Елизабетанската ера? Што е целта на тој „прелиминарен говор“ ако не да се објасни бекграундот и суштината на приказната што се драматизира? Авторите ја чувствуваат и ја почитуваат потребата на гледачот кој седи во театронот (гледалиштето) да го насочи вниманието кон драмското дејствие. Понекогаш е потребно да се експлицира и идејата на драмскиот текст, бидејќи авторите често на метафоричен начин алудираат на личности и настани и коментираат актуелни состојби во општеството. Смислата на прологот, значи, е да оствари почетна интеракција меѓу публиката, актерите и текстот, која во развојот на драмското дејствие ќе се продлабочи и ќе предизвика емоции и отворени и скриени пораки, често и од политички карактер.

 

www.pixabay.com

 

„Ромео и Јулија“, една од најпопуларните драми на Шекспир, прв пат изведена во 1597 година (според некои извештаи, доживеала инстант успех), почнува со пролог, кој ќе го споделам во верзијата во превод од Георги Сталев:

Два дома – со достоинство и двата –
во личната Верона, кај што ова
се ниже дејство, в борба ќе се фатат
од стара злоба крв леејќи нова.

Утробите на тие души злобни
две луди-млади родија: да вивне
жар љубовен. Со смртта своја кобна
направија омразата да стивне.

И таа љубов, смртта што ја краси
и бесот во родителска град класан
што смртта детска потем ќе го згаси
– се нуди пред вас во игра од два часа.

Слушајте нѐ; до што е грешка, сѐ
со добра игра ќе исправиме! 

Што е ова, ако не еден добар лид, ако така може да се каже, едно објаснување на главната приказна на популарната Шекспирова трагедија? Двајца млади, лудо заљубени, со својата смрт ќе ја платат кавгата на двете злобни и раскарани семејства. Шекспир почувствувал потреба веднаш во прологот (кој го изговара хорот) на посетителите на претставата да им го објасни бекграундот и да им го навести импактот на трагичната приказна што ја преточил во стихови. Претставена е и локацијата на драмското дејствие (личната Верона), па дури и времетраењето на пиесата. Откако ќе го ислуша прологот, гледачот е фокусиран и подготвен да го следи дејствието.

Во Шекспировиот „Макбет“ дејствието го воведуваат трите вештици, тие што ќе му претскажат на шкотскиот генерал Макбет дека ќе стане крал на Шкотска. Прологот е краток. Откако во динамичниот, можеби дури и недоволно јасен меѓусебен дијалог, вештиците ќе го спомнат Макбет, прологот завршува со два стиха, што наречниците ги изговараат заедно (препев: Богомил Ѓузел):

Красното е гнасно, а гнасното красно
Низ воздухот поган и низ магли вјасај.

Прологот на „Макбет“ е загадочен, тој отвора дилема и буди љубопитство – што е тоа истовремено и красно и гнасно? Спомнатиот Макбет? Вниманието е зграпчено и во натамошниот тек на дејствието, следејќи го пророштвото на трите вештици, но и амбициите на својата жена, генералот Макбет ќе го убие кралот Данкан и ќе го преземе неговиот трон. Опседнат со вина и параноја, со сомнежи, тој врши нови и нови убиства и станува тиран, за на крајот да заврши во лудило и смрт. Ете, тоа е и красно и гнасно.

Што е увертирата, таа најчесто оркестрирана композиција, која се изведува пред почетокот на музичко-сценските дела, оперите и балетите? Нејзината задача е да ја „отвори“ сцената, да го претстави оркестарот, да ја долови атмосферата на дејствието, да навести музички мотиви кои ќе се повторат и ќе се развијат подоцна, да остави силен впечаток и да го зграпчи вниманието на публиката. Кога ја слушате увертирата на „Севилскиот бербер“ на Росини, на пример, таа исклучително моќна композиција, вашите очекувања се подигаат и во неколку арии во операта ќе се потврди дека тие очекувања биле оправдани. Истото може да се каже и за увертирата на „Кармен“ на Бизе, како и за увертирите на повеќе други опери.

Послушајте ја увертирата на „Севилскиот бербер“ на Росини:

 

И филмот настојува веднаш да го зграпчи вниманието на гледачот. Сите добри филмови имаат силни, понекогаш необични, но во секој случај атрактивни наслови. Првите воведни сцени во филмот се исклучително важни. Денес, во време на хиперпродукција на филмски дела, од голема важност се трејлерите на филмовите, кои стануваат сѐ пократки и динамично изрежирани. Погледнете го, на пример, трејлерот снимен за 50-годишнината од филмот „Кум“ на Френсис Форд Копола:

Веројатно сте забележале дека со секој клик на некој филмски наслов на интернет платформата Нетфликс (221,6 милиони претплатници ширум светот во 2022 година), прво се отвора насловот-постер, додека во позадината оди мини-трејлер во неколку кадри и кус текст кој го воведува филмот. Што е тоа ако не лид? Платформата ви нуди можност уште еднаш, пред да кликнете на копчето „плеј“, да стекнете прв впечаток за каков филм станува збор. Тоа е прецизен гест со намера да се зграпчи вниманието на гледачот, но и почит кон неговото време, кое тој не мора да го троши залудно, туку може да продолжи да сурфа и да бара филм што повеќе ќе му се допадне.

Конечно, поинаку ли е со книгите, со белетристиката? Секој добар издавач знае дека ако сака добра продажба, книгата мора добро да ја отпечати, за да биде привлечна. Тоа подразбира и добра корица, со привлечна илустрација, по можност неколку збора и фотографија на авторот (ако неговото име само по себе е мамка за читателите), понекогаш и кус осврт на книгата во неколку реченици, а можеби и по една реченица од критиките на еминентни критичари и познати медиуми. „Опремувањето“ на производот не е првенствена одговорност на авторот, туку на издавачот и на уредникот на изданието, кои мора да се потрудат книгата да се види на полиците во книжарниците и да мами на читање. „Опремата“ на книгата, покрај нејзиниот наслов и името на авторот, ја врши истата функција како и насловот и лидот на новинската сторија, како и постот за истата сторија на Фејсбук, на Твитер или на Инстаграм.

Нерамна борба за привлекување и за насочување на вниманието на консументите

Уметничкото творештво низ историјата секогаш било и борба за внимание, како вовед во обидот за освојување на симпатиите и на наклонетоста на публиката.

Вниманието е феномен што го проучуваат невролози, психолози, социолози и луѓе од многу други научни области. Човековите ресурси за когнитивна обработка на информациите се ограничени. Вниманието е процес на селективно концентрирање на еден дел или еден аспект на информациите што ги регистрираме. Истражувачите од разни области со децении истражуваат како се врши таа селекција, што е тоа што влегува во центарот на човековото внимание, во полето кое често се нарекува фокус или спотлајт (spotlight), како со оддалечувањето на вниманието од фокусот кон маргината се намалува и густината на информациите, на кој начин се ориентираме, како се концентрираме, како функционираме во состојба на поделено внимание, што значи социјалниот аспект на темата итн.

Привлекувањето и фокусирањето на вниманието е исклучително важно прашање и за новинарите и за медиумите, особено во услови на планетарна хиперпродукција на медиумски содржини и пораки, но и на насочувачки и ограничувачки влијанија на алгоритмите на социјалните медиуми во поглед на достапноста на информациите. Новинарите мора да развијат решавачка свест за потребата од осмислен процес на селекција на информациите во услови кога капацитетот на „конзумот“ мора да се димензионира во границите на разумното, бидејќи сигурно нема да се променат фактите дека денот трае само 24 часа, човековото око не е супермоќна камера, а човековиот мозок не е супербрз хард-диск којшто може да прими и да складира неограничен број информации.

Прашањето на селекцијата на информациите и на сензациите, што го доведувам во врска со принципите и правилата на структурирање на медиумските содржини за кои веќе стана збор, можеби во историјата никогаш не било толку нагласено како денес. Но, нема дилема дека добрите автори во уметноста секогаш воделе грижа за темите, за мотивите и за пораките што ја засегаат публиката. Погрешно е мислењето дека големите уметнички дела во историјата се раѓале само во моменти на инспирација, „просветленост“ и уметничка езотерија. Како што духовито ќе забележи во една прилика Габриел Гарсија Маркес (и самиот новинар во еден период од животот), инспирацијата обично се појавува кога човек е на своето работно место.

Поинаку кажано, привлекување и насочување на вниманието на публиката се вештини за кои се развива свест, кои се совладуваат и се применуваат во секојдневната работа. И уметничкото творештво во голема мера е учење и прилагодување на авторите кон потребите и навиките на публиката и кон продукциските барања, кои често можат да бидат комплицирани и во спротивност со уметничките слободи.

Славниот Леонардо да Винчи, на пример, целиот живот живее и твори под покровителство на своите мецени, а Мона Лиза, Тајната вечера и другите негови најпознати недела се нарачки на неговите добротвори. Нема сомнение дека во тие дела бездруго се чувствува талент што се опишува како плод на „божествен допир“ (го насликал тој допир неговиот помлад современик Микеланџело во Систинската капела). Тоа е допир што се чувствува на прв поглед. Но, треба да се знае дека животната и работната биографија на Леонардо зборува за многу учење, многу прилагодување на социјалните прилики, многу работа во разни области и многу различни интереси кои рефлектираат и врз неговото творештво.

А така е во животот на секој уметник. Ако во уметноста нишката меѓу авторот, неговото дело, публиката и заедницата се остварува на перцептивно, на емотивно, на општествено, а понекогаш и на политичко ниво, би можело да се каже дека таа врска меѓу новинарите и публиката денес се остварува на сите начини, но експлозивно, на прва импресија, на прва емоција. И затоа новинарите имаат потреба да остварат силна и моќна интеракција со консументите на нивните содржини, при што предуслов за тоа е да ја поканат или дури и да ја предизвикаат публиката да влезе во нивниот „театрон“, да го зграпчат нејзиното внимание, да го фокусираат и да го одржат што е можно поинтензивно и подолго.

Така треба и да пишуваме. Насловот и лидот на нашата вест или сторија се нашиот пролог што треба да побуди љубопитство и да го воведе дејствието, нашата увертира што треба да остави силен впечаток, првите кадри од нашиот филм што ќе го „заковаат“ гледачот за фотелјата. Најважни се оние 15 секунди внимание што консументот на интернет ги одвојува за преглед на една содржина, оние први два решавачки скрина на смартфонот што читателот ги скенира и после паѓа неговата одлука дали ќе чита или не – тоа е нашата единствена шанса да го задржиме и да го „турнеме“ во нашата приказна.

Сурово? Да, секако.

Но, добриот новинар никогаш нема да ја критикува таа неизбежна реалност и нема носталгично да копнее по времето кога привилегираниот хроничар на настаните во Белата куќа можел да си дозволи дури и за драмата за атентатот врз Линколн да извести како за секоја друга банална театарска пиеса. Наместо тоа, амбициозниот новинар кај себе и кај другите развива свесност за новите, практично неограничени можности за ширење информации во ерата на дигитализација на современото општество. Тој истражува, учи, се прилагодува на мотивите и на новите навики на консументите и ги развива своите вештини за креирање содржини за веб.

Времето за тој гигантски исчекор е почнато. Вчера.

Поврзани содржини