НЀ ОЧЕКУВА СТУДЕНА И СУВА ЕСЕН Времето излезе од календарскиот колосек

Постојат претпоставки дека оваа есен ќе има променливи временски услови кои не се вообичаени, за што потврдуваат и експертите од Секторот за метеорологија на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

1,116

Временската прогноза за оваа есен предвидува просечна температура и потпросечни количества врнежи на територијата на Македонија, но и необични временски услови во Европа поради глобалното затоплување и загадување.

Постојат претпоставки дека оваа есен ќе има променливи временски услови кои не се вообичаени, за што потврдуваат и експертите од Секторот за метеорологија на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).






– Официјалната временска прогноза за оваа есен е просечна температура и потпросечни количества на врнежи на територијата на Македонија – тврди за Плусинфо советничката за применета метеорологија во УХМР, м-р Лидија Стојова.

Според нејзината научна анализа, температурите во текот на есента ќе бидат потпросечни, односно времето ќе биде постудено од вообичаено, со денови со многу ниски температури.

– Врз основа на Анализата на годишната и хидролошката (X2023-IX2024) сума на врнежи по години, хидролошката сума во 2024 година би требало да биде поголема, а годишната сума на врнежи помала во однос на просекот. За да се постигне тоа, септемвриските врнежи би требало да бидат натпросечни, додека, пак, октомвриските и ноемвриските просечни до потпросечни – објаснува Стојова.

Климатските промени, односно глобалното затоплување, како и загадувањето, се основниот причинител за невообичаените временски услови кои нѐ очекуваат оваа есен, додава Стојова, дополнувајќи дека во Европа особено се истакнува влијанието на Атланскиот Океан.

Но, кои се експертските предвидувања за наредните години?

– Врз основа на Анализата на годишните суми на врнежи до 2030 година, би требало да бидеме во релативно сув период – прогнозира Стојова.

Југоисточна Европа ќе биде под студено влијание на Ла Ниња 

Околу временската прогноза во Европа, експертот специјализиран за долгорочно прогнозирање, Андреј Флис, објави на порталот Severe Weather Europe какво време ја очекува Европа во наредните месеци. Флис најави враќање на Ла Ниња во Тихиот Океан, што, како што вели, ќе влијае на есенските временски услови на северната хемисфера, а ова влијание ќе продолжи и во текот на зимата.

Ла Ниња е студената фаза од големата и моќна океанска осцилација ENSO. Станува збор за регион на тропскиот Тихи Океан кој се префрла помеѓу ладна и топла фаза. Ладната фаза се нарекува Ла Ниња, а топлата фаза се нарекува Ел Нињо.

Андреј Флис објаснува дека долгорочната прогноза за времето во Европа, за есента 2024 година, се заснова на моделот ECMWF.

Моделот ECMWF покажува топол сигнал за поголемиот дел од северната хемисфера, особено за северна и за централна Европа, додека постуден сигнал се очекува во југоисточна Европа.

– Моделот ECMWF се смета за еден од најсигурните модели на долгорочни прогнози. Врз основа на повеќе од една деценија наше искуство, тој е многу добар и широко користен систем за сезонско прогнозирање со причина, но ниедна долгорочна сезонска прогноза не може да се смета за сигурна – предупредува експертот.

Крајот на летото како доцна есен

Септември, пак, започна со огромни бури низ цела Европа. За неколку дена календарски почнува есента, а според временските услови таа како да е веќе длобоко навлезена.

Необично силните дождови и бури во септември предизвикаа катастрофални поплави во Европа и одзедоа човечки животи. Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови во Австрија, Чешка, Унгарија, Романија и во Словачка.

Во Полска, особено во јужниот дел, реките Висла и Одра се излеаја од коритата, илјадници луѓе беа евакуирани, а бројот на оштетените куќи во населените места постојано расте. По неколкудневните дождови, предизвикани од бурата Борис, коритата на реките од Полска до Романија се преполнети.

Во Чешка ситуацијата не е нималку подобра. Силниот дожд предизвика поплави во многу области. Илјадници луѓе беа принудени да ја напуштат својата земја и да побараат засолниште кај соседите. Четвртина милион домаќинства во Чешка останаа без струја поради дожд и силни ветрови во изминативе денови.

Експертите предупредуваат дека Дунав може да го достигне историскиот максимум во наредните денови, што претставува сериозна закана за Будимпешта и за околните населени места. Србија исто така е во состојба на аларм, а властите ги преземаат сите мерки за да се заштитат критичните точки на реката.

„Водостојот на реката Дунав ќе се зголемува во наредните денови. Се очекува достигнување и надминување на границите на редовна одбрана од поплави: кај Бездан на 19 септември, кај Апатин на 19-20 септември, а кај Богојево, Бачка Паланка и кај Нови Сад на 21-20 септември, со тенденција на натамошно зголемување“, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод на Република Србија, пишува српски Телеграф.

Поврзани содржини