МРАЧНО СЦЕНАРИО ЗА СВЕТОТ ВО КОЕ ЌЕ УМРАТ 5 МИЛИЈАРДИ ЛУЃЕ Само две земји би преживеале нуклеарна војна

Истражувачката Ени Јакобсен предупредува дека глобален нуклеарен конфликт би предизвикал „нуклеарна зима“, масовен глад и смрт на милијарди луѓе.

252

Во случај на глобална нуклеарна војна, во најлошото можно сценарио, само две земји, Австралија и Нов Зеланд, би имале реални шанси за долгорочно преживување.

Ова го тврди новинарката и истражувачка Ени Јакобсен, која ги анализира можните последици од нуклеарен конфликт во својата книга „Nuclear War: A Scenario“, како и во подкаст-разговори посветени на оваа тема.






Според нејзините проценки, огромен број луѓе би загинале уште во првите 72 минути по почетокот на нуклеарен напад.

Предупредувањето доаѓа во време на зголемени геополитички тензии на Блискиот Исток, каде што односите меѓу САД, Израел и Иран се сè понапнати.

Глобален нуклеарен судир би можел да однесе стотици милиони животи уште во првите експлозии. Но дури и оние што би ги преживеале почетните детонации би се соочиле со долгорочни последици што би биле подеднакво катастрофални.

Една од најтешките последици би била т.н. Нуклеарна зима. Јакобсен објаснува дека големи области, како американската држава Ајова или Украина, би можеле со години да бидат покриени со снег, што практично би го уништило земјоделството.

Чадот и пепелта од нуклеарните експлозии би ја затемниле атмосферата, температурите би паднале, озонската обвивка би била сериозно оштетена, а производството на храна низ светот речиси целосно би пропаднало во период од околу десет години.

Во такви услови, се проценува дека дури пет милијарди луѓе би можеле да умрат од глад, радијација и колапс на општествените системи.

Според Јакобсен, Австралија и Нов Зеланд би имале најголеми шанси да ја избегнат најлошата форма на „нуклеарната зима“, благодарение на нивната географска изолација и релативно поволните климатски услови, што би овозможило земјоделството барем делумно да опстане.

Но дури и таму животот не би бил лесен. Во постапокалиптичен свет со ограничени ресурси, луѓето би се соочиле со сурови услови и постојана борба за храна, а многумина веројатно би биле принудени да се засолнат и да живеат под земја.

Поврзани содржини