МОЖЕ ЛИ ПУТИН ЛИЧНО ДА ОДГОВАРА ЗА ВОЕНИТЕ ЗЛОСТОРСТВА? Еве ја постапката за изведување пред меѓународен суд

МКС ќе издаде налози за апсење доколку обвинителите покажат „разумна основа“ да веруваат дека се извршени воени злосторства. Но, има мали шанси Русија да се придржува кон ова и МКС не може да суди некого во отсуство. Неподготвеноста на САД да се приклучат на судот е исто така дипломатски непријатна и веројатно ќе поттикне критики на западното лицемерие.

756

Додека Западот и Русија меѓусебно се обвинуваат околу можниот геноцид во градот Буча во Украина, американскиот претседател Бајден повика неговиот руски колега да се соочи со судење пред некој меѓународен суд. Но, тоа во реалност би било далеку од едноставно да се изведе, анализира Гардијан. Ваквите постапки траат со години и не секогаш вродуваат со плод поради тешкото изведување докази.

Освен што за еден геноцид да биде потврден треба да му претходи долга меѓународна истрага, постојат и правни сопки за Путин директно да одговара за злосторства кои, наводно, ги извршила руската војска. Само по себе, тешко ќе биде за обвинителството да докаже дали Путин знаел за злосторствата, но и не можете да судите некого без тој да биде присутен во судницата. Од друга страна, полесно би било да се осуди еден човек за агресија, отколку државата Русија која не е земја-потписник во Меѓународниот кривичен суд, МКС.






Судењето може да биде и на други места, на пример, во Обединетите Нации, но тоа може да повлече руско вето, а некои предлагаат формирање посебен трибунал. Меѓу останатите проблеми е и фактот што во МКС, де факто не членуваат најголемите светски сили, а некои од нив, на пример САД, го оспоруваа судот кога требаше да се суди за евентуалните американски злосторства во Авганистан.

Проблем е и самото обвинение. Дали само за агресија или за помагање на геноцид? Еве како би течел еден таков процес.

Што се воени злосторства?

Меѓународниот кривичен суд (МКС), првиот постојан трибунал за воени злосторства во светот, ги дефинира воените злосторства како „тешки прекршувања“ на Женевските конвенции, збир на хуманитарни закони кои треба да се почитуваат во војна.

Џонатан Хафец, научник за меѓународно кривично право и национална безбедност на Правниот факултет на Универзитетот Сетон Хол, за Ројтерс изјави дека егзекуцијата на цивили, за кои постојат сомнежи во Буча, е „суштинско воено злосторство“. Од своја страна, Русија негираше и изјави дека „ниту еден цивил не се соочил со каква било насилна акција од страна на руската војска“.

фото: твитер/принтскрин

Како може да се изгради случај кој укажува на воени злосторства?

Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на САД, во понеделникот им рече на новинарите дека има четири главни извори на докази: информации собрани од САД и нивните сојузници, вклучително и од разузнавачки извори, сопствените напори на Украина на терен да го развие случајот и да ја документира форензиката од убиствата, материјал од меѓународни организации вклучувајќи ги Обединетите Нации и невладините организации и наодите на глобалните независни медиуми со фотографии, интервјуа и документација.

Но, дали тие докази ќе бидат доволни? Од шпекулации за тоа кога и како биле правени фотографии, до тоа кој е прикажан на сликите во Буча, постапката на докажување и изведување докази би била обемна.

Судењето би траело најмалку три години, тешко дека некој ќе биде осуден

Во постапката, обвинителството може да тврди дека Путин и неговиот близок круг извршиле воено злосторство со директно наредување нелегален напад или знаеле дека се вршат злосторства и не успеале да ги спречат. Овој случај можеби е тешко да се докаже изолирано, но ако одговара на пошироката шема низ Украина, станува попривлечна. САД ја обвинија Русија за воени злосторства уште пред Буча.

Филип Сендс, професор на Универзитетскиот колеџ во Лондон, за Асошиејтед прес изјави:

– Треба да докажете дека знаеле или можеле да знаат или требало да знаат. Постои реален ризик за три години неуспешно да заврши судењето на луѓе од средно ниво и на главните луѓе одговорни за овој ужас – Путин, Лавров, министерот за одбрана, разузнавачите, воените луѓе и финансиерите кои ова го поддржуваат – рече тој.

Судот обвинет за селективна правда

Меѓународниот кривичен суд(МКС) беше отворен пред 20 години за да ги гони сторителите на геноцид и злосторства против човештвото. Но, САД, Кина, Русија и Украина не се членови на судот, кој беше критикуван дека премногу се фокусира на Африка и применува „селективна правда“.

Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во февруари рече дека отворил истрага за воени злосторства како одговор на руската окупација на Украина. И покрај тоа што не е потписник, Украина претходно одобри истрага која датира од 2013 година, а која ја вклучува руската анексија на Крим.

Судот не може да суди некого во отсуство

МКС ќе издаде налози за апсење доколку обвинителите покажат „разумна основа“ да веруваат дека се извршени воени злосторства. Но, има мали шанси Русија да се придржува кон ова и МКС не може да суди некого во отсуство. Неподготвеноста на САД да се приклучат на судот е исто така дипломатски непријатна и веројатно ќе поттикне критики на западното лицемерие.

Доналд Трамп, порашениот американски претседатал, еднаш вака се изјасни на Генералното собрание на ОН:

– Што се однесува до Америка, МКС нема јурисдикција, нема легитимитет и нема авторитет.

САД нејќат да бидат судени за злосторствата во Авганистан?

Неговата администрација објави дека САД ќе воведат визни забрани за службениците на МКС вклучени во потенцијалната истрага на судот против Американците за наводни злосторства во Авганистан.

Но, Саливан во понеделникот рече:

– САД во минатото можеа да соработуваат со меѓународниот кривичен суд во други контексти и покрај тоа што не беа потписници. Но, постојат различни причини зошто некој може да размисли и за алтернативни места.

Освен МКС, може да се суди на друго место?

Освен Меѓународниот Кривичен Суд, Обединетите Нации би можеле да бидат почетна точка. Но, има еден проблем со поминувањето на предметот низ Советот за безбедност на ОН, а тоа е што Русија е постојана членка.

– Би било тешко да се замисли дека тие нема да се обидат да го искористат своето вето за да блокираат нешто – забележа Саливан.

Ќе треба да се формира посебен трибунал?

Според Филип Сандс, познат професор по меѓународно право на Универзитетскиот колеџ во Лондон, за случајот против Путин би морало да биде основан специјален трибунал слично како што за нацистите во Втората светска војна беше формиран Нирнбершкиот трибунал од страна на победниците во војната.

Трета опција би била да судат трибуналите кои ги судеја злосторствата во поранешна Југослација или геноцидот во Руанда во 1994 година. Друг таков суд е специјалниот суд за Сиера Леное поддржан од ОН, кој во 2002 година беше формиран да суди за граѓанската војна од 1996 година.

Полесно е да го судат Путин, отколку Русија

Би било многу полесно да се гони Путин, а не државата Русија за кривично дело од типот агресија, односно војна против друга земја. Ова е така затоа што судот МКС нема јурисдикција над Русија за кривично дело агресија бидејќи Русија не е земја-потписник или член на судот.

Минатиот месец десетици истакнати адвокати и политичари, вклучително и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба и поранешниот британски премиер Гордон Браун, започнаа кампања за создавање специјален трибунал за судење на Русија за кривично дело за агресија во Украина.

Колку долго би траело гонењето?

Веројатно многу години. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го обвини својот прв шеф на државата, тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, во 1999 година, а го одведе во притвор дури во 2001 година. Неговото судење започна во 2002 година и уште беше во тек кога тој се самоуби во Хаг во 2006 година.

Друг пример би бил Чарлс Тејлор, поранешниот претседател на Либерија, кој дури по четири години рочишта беше прогласен за виновен за помагање злосторства против човештвото за поддршка на бунтовниците во специјалниот суд за Сиера Леоне во Хаг.

Поврзани содржини