МОБИЛНИ ГИНЕКОЛОШКИ КЛИНИКИ ВО ТЕШКО ДОСТАПНИ РЕГИОНИ Зголемен пристап до гинеколошки услуги за најранливите групи
Во изминатите три месеци, мобилните гинеколошки клиники спроведоа прегледи во неколку општини – Свети Николе, Врапчиште, Градско, Лозово и Чешиново – Облешево. Имплементацијата на овие услуги е поддржана преку проектот „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19, во Македонија, финансиран од Фондот на ОН за одговор и заздравување од ковид-19.
Министерот за здравство, Беким Сали, претставници на семејството на Обединетите нации (ОН) во Македонија и претставници од димпломатскиот кор ја посетија локацијата на мобилната гинеколошка клиника во Чешиново – Облешево за да го видат спроведувањето на овие услуги на терен. Целта на воспоставувањето на мобилни гинеколошки клиники е да се овозможи зголемен пристап до гинеколошки услуги, особено за најранливите жени и девојчиња во тешко достапни региони што беа под големо влијание на пандемијата ковид-19.
„Заедничката Програма „Безбедни и иновативни здравствени услуги во време на ковид-19 во Македонија” се покажа како успешна активност со цел подобрување на пристапот до сексуално и репродуктивно здравје, имунизацијата и услуги за поддршка на родово базирано насилство на жените, адолесцентите и децата, со посебен фокус на најранливите категории во оддалечените места и недоволно опслужените области”, рече министерот за здравство, Беким Сали. „Сето ова немаше да биде реализирано без поддршка на УНФПА, УНИЦЕФ и СЗО во координација со канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, контрибуциите на владите кои придонесоа со свои средства во Фондот за одговор и закрепнување на ОН за ковид-19, како и националните партнери. За сето ова им изразувам огромна благодарност!”
Повеќе за ова на порталот „Мајка и дете“.