МИСТЕРИЈАТА ЗА ТРАГИЧНАТА СМРТ НА ГЕНЕРАЛОТ ВАСКО КАРАНГЕЛЕСКИ И НАТАМУ НЕРАСВЕТЛЕНА Случајна несреќа во лов или подмолна ликвидација?
Принципиелноста, според дел од подоцнежните сведоштва и анализи, го довела народниот херој Карангелески во судир со дел од југословенската воена и политичка елита. Во неформални кругови се зборувало дека бил обвинуван за „национализам“, односно за преголема грижа и застапување на македонските интереси во рамки на федерацијата.
На денешен ден, 3 февруари 1977 година, под неразјаснети околности, животот го загубил Васко Карангелески, народен херој на СФР Југославија и генерал-полковник на Југословенската народна армија. Веста за неговата смрт ја потресла јавноста, не само поради високата функција што ја извршувал, туку и поради фактот што официјалните информации биле оскудни и недоречени.
Карангелески загинал во реонот на Македонски Брод, а во јавноста тогаш била пласирана верзија дека станува збор за несреќен случај при лов. Формулацијата „трагично загинал во несреќа“ доминирала во официјалните соопштенија и во комеморативните текстови, без конкретни детали за тоа како точно се случил инцидентот.
Роден на 7 јули 1921 година во битолското село Брусник, Карангелески уште во младоста се приклучил на антифашистичкото движење. Во Народноослободителната борба се истакнал како храбар и дисциплиниран старешина, напредувајќи од командант на чета до повисоки командни функции во партизанските единици.
По ослободувањето, неговата воена кариера продолжила со забрзано темпо. Завршил воена академија во СССР, а подоцна и највисоки воени школи во ЈНА. Карангелески извршувал низа значајни командни и штабни должности, а на врвот на кариерата бил командант на Скопската армиска област, со чин генерал-пуковник.
За исклучителните заслуги во војната, на 29 ноември 1953 година бил прогласен за народен херој на Југославија – признание што го вбројува меѓу најистакнатите личности на тогашниот воено-политички систем. Во јавноста бил перцепиран како авторитетна, но и принципиелна фигура.
Токму таа принципиелност, според дел од подоцнежните сведоштва и анализи, го довела Карангелески во судир со дел од југословенската воена и политичка елита. Во неформални кругови се зборувало дека бил обвинуван за „национализам“, односно за преголема грижа и застапување на македонските интереси во рамки на федерацијата.
Особено внимание привлекува сведоштвото објавено години подоцна, според кое трагедијата при ловот не била едноставна и случајна. Во таа верзија се наведува дека Карангелески бил сам на чека, дека најпрвин бил повреден, а потоа и смртно погоден, при што околностите оставаат простор за сериозни сомнежи и прашања.
За неговата смрт пишува Ламбе Михајловски во своето дело „На генералски должности во скопска армиска област“. Според Михајловски, oпштинското раководство на Македонски Брод повеќе пати го повикувалo Васко да ги посети, со намера да го запознаат со своите проблеми и да бараат помош од Армијата. Тој проблем се однесувал на изградбата на мостот на реката Треска и на водоводот во градот. По тој повод бил организиран и дводневен лов на дивеч.
„Првиот ден од ловот – сведочи генералот Ламбе МИхајловски – кој траеше два дена, немаа успех, не се појави дивеч, освен една дива свиња на која стрелал Васко и ја ранил, но не така силно за да ја собори Останаа уште еден ден и се обидоа да ја остварат целта. На местото на несреќата затекната е следната состојба: телото на Васко со две прострелани рани нанесени од непосредна близина. Со пушката е повредена ногата над коленото, а со пиштолот смртно е повредена главата. Тука, покрај пушката и пиштолот е најден чатал и нож со кој истиот е изделкан. Васко беше тој ден сам на чеката. Десетарот од воената полиција, што го замена со Аѓутантот уште во Скопје, првиот ден беше со него на чеката, но ненадејно се прехлади и многу кашлаше, што би му пречело на чеката па затоа го оставил во градот со колата и возачот. Можел да го земе со себе возачот кој беше секогаш вооружен, но тој веројатно ценеше дека не му е неопходен.
Претпоставката на истражните органи беше дека до случајот веројатно дошло на овој неможен начин. Откако се распоредија по предвидени чеки и почнаа да се подготвуваат за стрелање, Васко, од неутврдени причини, можеби насетил приближување на дивечот, ја наполнил пушката, но не го испукал куршумот, ниту ја закочил, туку ја обесил со цевката надолу на гранката што претходно ја скршил од блиското стебло. Потоа пресекол друго стебло од која си направил чатал за наслон на пушката при испукувањето. Откако го направил чаталот, ја фаќа пушката со намера да го испроба. Пушката закачена со чкрапалецот за гранка од стеблото, испукала во неговата нога.
Ударот бил страотен зашто беше во прашање куршум со голем калибар за дивеч, а ударот е нанесен на коската од што таа го разнесе мекото ткиво на бутот. Поблизу поставените ловџии го чуја офкањето заедно со пукотот и пристапија кон чеката на Васко и кога пристигнаа чуја уште еден пукот. Со него Васко истрелал во себе од пиштолот што го носеше секогаш во својата опрема.
Тоа е оцената за смрта на Васко која е дадена на органите на секретаријатот за внатрешни работи на Република Македонија и од командата на Скопската армиска област. За случајот бев известен од органот на секретаријатот за внатрешни работи околу 10 часот дента, со навод декка имало несреќен случај во текот на ловот, во кој е повреден генералот Васко. За 20-30 минути потоа, од истиот извор бевме известени дека Васко загинал. За случајот да биде по трагичен, за целото време додека примав информации и се обидував да организирам прелет со хелихоптер до местото на несреќниот случај, покрај некои од соработниците, во мојата канцеларија беше и сопругата на генералот Васко, Јованка, која заедно со нас го следеше настанот. Таа дојде случајно во мојата кнацеларија, а повод беше информирањето за некоја зделка на органите на командата со работната организација во која таа работеше. Заедно со нас и со своите колеги, таа го следеше информирањето за несреќата“.
Иако официјалната верзија никогаш не е ревидирана, сомнежите со децении не стивнуваат. Дел од авторите и истражувачите внимателно, но упорно ја отвораат можноста дека смртта на Карангелески не била обична несреќа, туку можеби прикриена ликвидација во контекст на внатрешни политички пресметки.
Државата никогаш нема понудено детална реконструкција на настанот, ниту се објавени истражни или судско-медицински документи. Токму тој молк дополнително ја храни мистеријата што ја следи оваа смрт повеќе од четири децении.
Денес, Васко Карангелески останува запаметен како херој, генерал и трагична фигура од југословенската историја – човек чиј живот бил посветен на војската и државата, а чија смрт и натаму поставува прашања на кои нема официјален одговор.