МЕДИЦИНСКИ АПАРАТИ ЗА МЕРЕЊЕ НА ШЕЌЕР ВО КРВТА УБИЛЕ СЕДУМ ЛУЃЕ Уредот што требаше да им го спаси животот – ги уби

Медицински уред е поврзан со седум смртни случаи и стотици сериозни здравствени инциденти. Компанијата повлече околу три милиони сензори ширум светот.

0

Производителот на медицинска опрема Абот повлече милиони сензори за континуирано следење на гликозата откако погрешните мерења беа поврзани со седум смртни случаи и најмалку 730 сериозни здравствени инциденти.

Едно од лицата што починаа од неточни мерења на гликозата во крвта е Мајкл Форд, кој имал дијабетес тип 2, а чиј син Давонте поднесе тужба против Абот Лабораторис минатиот месец поради смртта на неговиот татко, објави NBC News.






Покрај него, против компанијата се поднесени најмалку три групни тужби, а уште три лица низ САД планираат да ја тужат компанијата поради последиците од неточните мерења на уредот.

Осум дена по смртта на таткото на Давонте, Абот издаде итно предупредување до американските потрошувачи дека околу три милиони сензори на FreeStyle Libre 3 и Libre 3 Plus може да дадат лажно ниски вредности и дека компанијата добила извештаи за седум смртни случаи и повеќе од 730 сериозни повреди низ целиот свет.

Некои дијабетичари кои ги користеле сензорите на Абот велат дека откривањето на недостатоците во уредот на кој се потпираат за да останат живи е застрашувачко. Пред да го добие известувањето за повлекување од нејзината аптека, Анџела Ивери, 71, повеќе пати посетила итна помош бидејќи нејзиниот уред ја предупредил за низок шеќер во крвта. Во болницата, боцкањето во прст покажало дека нејзините нивоа на гликоза се нормални, рекла таа.

Почнала да има кошмари и се плашела дека ќе умре во сон. Сега користи исчитување на вредностите од прстот, но вели дека има постојана анксиозност.

– Не излегувам и не се дружам како порано. Параноична сум кога излегувам. Мислам дека шеќерот ми паѓа – рекла таа.

Компанијата вели дека причината за дефектот е поврзана со еден производствен погон и дека проблемот оттогаш е идентификуван и решен. Американската администрација за храна и лекови го класифицираше повлекувањето како Класа I, највисоко ниво на тревога за медицински помагала, што значи дека употребата на производот може да предизвика сериозни здравствени последици или смрт.

Повлечените сензори биле пронајдени и во големи болници. Ендокринолог кој работи во регионален центар за траума во Среден Атлантик во интервју за NBC News споменал дека испратил пациент дома од болница со уред на Abbott. Потоа го проверил серискиот број на сензорот што му го дал на својот пациент и сфатил дека е дел од повлечените. Веднаш го повикал пациентот за да закаже замена и ѝ рекол на болницата да ја фрли кутијата со повлечени сензори.

Иако континуираните монитори за гликоза генерално се сметаат за точни, Американското здружение за дијабетес изјавило дека тестирањето на гликоза со убод од прст треба да биде достапно како резервна варијанта, особено ако симптомите не се совпаѓаат со отчитувањата на мониторот.

Поврзани содржини