МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЖЕНАТА ВО РЕГИОНОТ И ВО СВЕТОТ Во Иран и Авганистан не смее коса да им се види, во светот протести и маршеви, кај нас – лумперај на турбо-фолк
Како стасавме дотука? Да не се лажеме… И во СФРЈ нашите мајки го празнуваа по кафани, ама некако тогаш тоа не ми изгледаше, а и не беше толку грдо како сега… И покрај „сармите“ на глава, беше некако наивно и слатко, причина да се излезе во кафана, ама не и да се игра по маси на некојси турбофолк. A денес и онака нема веќе машко-женско, среќен 8 Март на сите!
Порано за 8 Март правевме честитки за мајките и за наставничките и се натпреварувавме чија ќе биде поубава. Ама ги правевме сами, а не чинеа колку што чини блокче со колаж хартија, по некое лепаче и фломастери. На мајка ми ѝ купувавме секогаш цвеќе, а татко ми знаеше да ја изненади и со нешто повеќе, нешто што секако знаеше дека ѝ треба. Или, уште почесто, ќе ни дадеше пари на мене и на сестра ми и ќе ни кажеше да ѝ купиме нешто од сите. Еден од подароците што најдолго ги употребуваше беше капутот со муф. Го носеше со години. Таа многу сакаше рози и мимози, ама градината ѝ беше полна со рози, па најчесто ѝ купувавме мимози. Каранфили и украсни чинии добиваше на работа.
Кога јас станав мајка, имав таква аверзија кон празникот што на син ми му беше страв да ми даде подарок. Не знам зошто и како се случи тоа, ако некогаш почнам да одам на психијатар веројатно ќе дојдеме до сржта на „проблемот“, ама знам дека овој ден ме оптоварувал од секогаш. Цел ден ти честитаат, а треба да честиташ и ти. Многу често честитките стасуваат од оние на кои по редот на нештата, ако си помлад нели, треба да им честиташ прво ти.
Повеќе за ова прочитајте на порталот „Мајка и дете“.