КОЈ Е МАНДАТАР НА НОВАТА СРПСКА ВЛАДА? Мацут досега имал само еден јавен настап
Професорот Мацут во Јагодина изјави дека во текот на својата медицинска практика не бил член на ниту една политичка партија или лоби и дека сè што постигнал е негово лично достигнување.
Мандатарот на новата српска влада е редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград кој е коавтор на повеќе од 140 оригинални научни трудови. Српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата соопшти дека го предлага Ѓуро Мацут да го состави кабинетот.
Но, Мацут во јавноста досега имал еден настап во Јагодина кадешто ја поддржа идејата на Вучиќ да го основа Движењето за народот и за државата. Тогаш тој изјавил дека во текот на својата медицинска практика не бил член на ниту една политичка партија или лоби и дека сè што постигнал е негово лично достигнување.
Мацут тогаш се обрати пред студентите кои протестираа против своите колеги на контрапротест поддржан од Вучиќ.
Милош Вучевиќ, премиерот во заминување во Србија, во понеделникот изјави дека Мацут и новата влада треба да внесат нова енергија, наведувајќи дека Мацут е личност „која може да отвори социјален дијалог“ бидејќи не е оптоварен со некои работи од претходниот период.
– Мацут ќе има полесна ситуација за разговор бидејќи не ја носи горчината што ја носам – рече Вучевиќ.
Иднината на Србија останува неизвесна. Неговиот избор е дотолку позачудувачки што станува збор за доктор кој практично и да нема политичко искуство. Некои аналитичар во Србија сметаат дека се работи за политичка одлука и дека влада на Мацут ќе значи само континуитет на претходната влада на Вучиќ.
Сценариото потсетува на случајот со поранешниот градоначалник на Белград, Зоран Радојичиќ, исто така лекар, кој по статирањето во водењето на главниот град, практично исчезна од јавниот живот.
Мацут е одликуван со орденот на Караѓорѓевата ѕвезда втор степен од страна на Вучиќ, а одликувањето се случи минатата година. Има сопруга и едно дете и говори англиски јазик.
Мацут е и гостин професор на Медицинскиот факултет во Атина. Неговото истражувачко поле се ендокринологијата, особено метаболичките и репродуктивните болести, како што се синдромот на полицистични јајници и инсулинска резистенција. Тој е началник на Одделот за тумори на ендокриниот систем и наследни синдроми на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот.
Роден е во 1963 година во Белград, каде што дипломирал на Медицинскиот факултет. По дипломирањето, тој ја завршил специјализацијата од интерна медицина, потоа специјализација од ендокринологија, а на крајот ја одбранил докторската дисертација. Тој завршил и специјализација во репродуктивната медицина организирана од Универзитетот во Женева и Светската здравствена организација (СЗО).
Од 2019 година, Мацут е редовен професор на Медицинскиот факултет во Белград, каде што предава на студентите по интерна медицина.