МАКЕДОНКА Е МЕЃУ 100-ТЕ НАЈВЛИЈАТЕЛНИ ВО СВЕТОТ СПОРЕД ТАЈМ Мојсов е заслужна за лекот „Оземпик“
Професорката и научник Светлана Мојсов е значајна поради нејзините револуционерни откритија поврзани со цревниот хормон, што го регулира шеќерот во крвта, наречен GLP-1. Нејзините откритија го отворија патот за блокбастер лековите за дијабетес и за обесност.
Професорката и научник Светлана Мојсов беше именувана за една од 100 највлијателни луѓе во 2024 година на листата на американски Тајм.
Светлана Мојсов е значајна поради нејзините револуционерни откритија поврзани со цревен хормон, што го регулира шеќерот во крвта, наречен GLP-1. Откритијата го отворија патот за блокбастер лековите за дијабетес и за обесност, како што се „Оземпик“, „Виктоза“, и „Вегови“. Овие таканаречени GLP-1 агонисти ја трансформираа клиничката пракса на управување со шеќерот во крвта и на помош при слабеењето.
Мојсов почнала да го истражува дијабетесот во Рокфелеровиот универзитет како студент и постдокторски соработник во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд. Во 1980-те, таа се преселила во Општата болница во Масачусетс каде што започнала да го истражува тогаш мистериозниот пептид GLP-1 (молекула слична на хормонот гликагон). Таа била првата која ја идентификувала биолошки активната секвенца на пептидот GLP-1, скриена во неговата целосна низа од 37 амино киселини.
Во соработка со други, Мојсов продолжила да докажува дека GLP-1 предизвикува ослободување на инсулин во панкреасот, што директно довело до терапевтски развој на агонисти на GLP-1, лекови кои го имитираат пептидот GLP-1 и поттикнуваат лачење инсулин.
Сега милиони ја користат оваа нова класа на лекови, а тоа ја усреќува Светлана Мојсов, објави Рокфелеровиот универзитет.
– Поради тоа сум професионално и лично исполнета – вели Мојсов.