МАЈМУНСКИТЕ СИПАНИЦИ МОЖЕ ДА ГО ОШТЕТАТ МОЗОКОТ СЛИЧНО КАКО АЛЦХАЈМЕР Вирусот мпокс разорува нервни клетки

Научниците користеле тридимензионални „мозочни органоиди“ за да испитаат како мпокс вирусот се шири во мозочното ткиво. Откриле дека вирусот предизвикува невродегенеративни промени слични на оние кај Алцхајмер. Лекот „тековиримат“ покажал ветувачки резултати, значително намалувајќи го присуството на вирусот во моделите.

76

Вирусот мпкос може да го инфицира човечкиот мозок и да ги оштети неговите клетки, покажува најновото истражување на швајцарски научници од Универзитетот во Берн, објавија денеска швајцарските медиуми.

Како што е наведено во соопштението на овој универзитет и на Институтот за вирусологија и имунологија, со оглед на неодамнешното зголемување на бројот на случаи на мпокс вирусот во светот, ова откритие има големо значење и од перспектива на заштитата на јавното здравје, пренесува Свисинфо.






Mпокс (мајмунски сипаници) брзо се шири во многу земји во последниве години. Болеста честопати има благи симптоми, слични на грип и на осип, но може да се појават и сериозни компликации, предупредија швајцарските научници.

Околу 3% од заразените меѓу 1985 и 2021 година развиле невролошки симптоми, како што е енцефалитис, а во некои случаи дошло до фатален исход. Влијанието на овој вирус врз човечкиот централен нервен систем сè уште не е доволно истражено, според студија од Берн.

За да проучат дали вирусот се шири во мозокот, научниците користеле таканаречени мозочни органоиди, тридимензионални минијатурни модели, направени во лабораторија од матични клетки, кои ги изложиле на примерок од вирусот. Тие заклучиле дека вирусот се шири и дека доведува до формирање невродегенеративни згуснувања што се јавуваат кај болести како што е Алцхајмеровата болест. Тимот истражувачи го тестирал и ефектот на лекот „тековиримат“, кој успеал значително да ја намали количината на вирус во делови од мозокот.

Резултатите од најновото истражување се објавени во научното списание „Nature Communications“.

Што се мајмунските сипаници?

Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од вирусот monkeypox, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат:

  • Треска
  • Главоболка
  • Болки во мускулите и грбот
  • Зголемени лимфни жлезди
  • Исцрпеност
  • Кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото

Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации.

Поврзани содржини