ЛОКАЛНИ РЕШЕНИЈА ЗА ГЛОБАЛНИ ПРОБЛЕМИ Тера Мадре 2022 и храната како мост до мирот
„Тера Мадре е оптимистичка заедница, која со дух на радост се соочува со големите предизвици на нашата планета. Овој оптимизам и верба во подобар свет е поважен од кога било, со оглед на кризите со кои се соочуваме. Потребно е посистемско преиспитување на нашиот свет – политичарите кои го признаваат ова се обвинети дека веруваат во утопии. Но, каква алтернатива постои“, запраша Паоло Џентилони, поранешен премиер на Италија и актуелен еврокомесар за економија во рамките на најголемиот меѓународен собир на Слоу фуд.
Terra Madre Salone del Gusto е најголемиот настан на Слоу Фуд, меѓународен собир што се случува на секои две години и е посветен на политиката за храна, одржливото земјоделство и животната средина. Оваа година се одржува во Парко Дора, Торино, од 22-ри до 26-ти септември, со над 600 изложувачи и серија работилници, конференции и дегустации кои покажуваат како можеме да ја обновиме нашата планета преку храна. Темата на ова издание е #Regeneraction.
Регенерирањето не значи обнова, туку оживување, од дрвјата од кои повторно растат исушените гранки до обновување на сиромашните почви и повторно раѓање на планинските заедници, обновувањето на екосистемите на свежа и солена вода и преиспитување на односот помеѓу градовите и селата.
Една од темите за кои се зборува на годинешното издание на Тера Мадре е и тоа дека пандемијата не го започна, туку само го забрза процесот на оттуѓување меѓу луѓето и заедниците, дека кризите со кои се соочивме пред ковид-19 се засилија, а нееднаквоста растеше паралелно со глобалните температури. Регенерацијата е покана до сите нас, по долгата пандемија, да погледнеме на светот со свежи очи и нов ентузијазам. Храната мора да биде во срцето на оваа регенерација и да делува како мост до мирот.
Повеќе за ова на порталот „Арт кујна“.