КРАЈ НА ЕДНА 700-ГОДИШНА ТРАДИЦИЈА ВО БРИТАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Наследните аристократи остануваат без места во Домот на лордовите
Одлуката значи дека во горниот дом на парламентот повеќе нема да седат војводи, ерлови и виконти кои го наследиле своето место заедно со благородничката титула. Наследните лордови беа остаток од реформата од 1999 година, кога најголемиот дел од нив беа отстранети од парламентот, но 92 членови останаа како компромис.
Британскиот парламент изгласа укинување на правото на наследните аристократи да имаат места во Домот на лордовите (House of Lords), со што се става крај на повеќевековна традиција во британскиот политички систем. Одлуката значи дека во горниот дом на парламентот повеќе нема да седат војводи, ерлови и виконти кои го наследиле своето место заедно со благородничката титула.
Наследните лордови беа остаток од реформата од 1999 година, кога најголемиот дел од нив беа отстранети од парламентот, но 92 членови останаа како компромис. Со новата одлука и тие ќе ги загубат своите места, што владата го претставува како чекор кон помодерен и подемократски парламент.
Домот на лордовите (House of Lords) е горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство и има задача да ги разгледува, изменува и одложува законите што ги усвојува долниот дом – Домот на општините (House of Commons). Иако неговите членови не се избираат на избори, тој игра важна улога во законодавниот процес, бидејќи врши детална проверка на законите и предлага амандмани.
Во Домот на лордовите моментално има околу 780 членови. Поголемиот дел се таканаречени „доживотни лордови“, кои формално ги именува монархот на предлог на владата и остануваат членови до крајот на животот. Освен нив, во горниот дом седат и 26 бискупи од Англиканската црква (Church of England), како и мал број наследни благородници – категорија што со новата реформа практично исчезнува.
Поддржувачите на промената сметаат дека е нелогично луѓе да учествуваат во носење закони само затоа што се родени во аристократско семејство. Критичарите, пак, предупредуваат дека реформата е само делумна и дека и натаму останува нерешено прашањето за иднината на горниот дом, кој и понатаму е составен од неизбрани членови.