КОИ СЕ 10-ТЕ НАЈМОЌНИ ЗЕМЈОТРЕСИ ВО ИСТОРИЈАТА? Најсилниот бил во Чиле со магнитуда 9,5 – однел над 1.600 животи поради разорното цунами

Историјата бележи бројни катастрофални земјотреси кои трајно ја промениле судбината на заедниците, географските услови и сфаќањето за сеизмичката опасност. Камчатка, покрај разорниот земјотрес кој ја погоди во средата, била домаќин и на еден од најсилните земјотреси во светот, регистриран во 1952 година и рангиран меѓу десетте најмоќни во историјата.

1,642

По силниот земјотрес што денеска ја погоди руската Камчатка и покрена серија предупредувања за цунами низ Пацификот, јавноста сè почесто се потсетува на разорната моќ на природата.






Земјотресот предизвика цунами бранови во Јапонија и во Алјаска со јачина од 8,8 степени, што активираше предупредувања за Хаваи, Северна и за Централна Америка и за острови до Нов Зеланд. Властите предупредуваат дека опасноста од цунами може да трае повеќе од 1 ден.

Во овој контекст, едно потсетување за десетте најмоќни земјотреси досега забележани во светот, според податоци од Геолошкиот институт на САД, кои ги сподели Асошиејтед прес:

1. Чиле, Биобио – 1960 година (магнитуда 9,5)

Најсилниот земјотрес некогаш измерен. Познат како „Валдивискиот земјотрес“, овој катастрофален настан однесе над 1.600 животи, најмногу поради последователното цунами. Илјадници биле повредени, а штетите се проширија надвор од границите на Чиле.

2. Алјаска, Принц Вилијам Саунд – 1964 година (магнитуда 9,2)

Најсилниот земјотрес во САД траел речиси 5 минути. Над 130 лица загинаа од потресот и од цунамито, кое предизвика масивни свлечишта и поплави. Следуваа илјадници афтершокови.

3. Суматра, Индонезија – 2004 година (магнитуда 9,1)

Овој земјотрес и цунамито што следуваше уништија цели заедници и однеле околу 230.000 животи во Југоисточна и во Јужна Азија, како и во Источна Африка. Над 167.000 загинаа само во Индонезија.

4. Јапонија, Тохоку – 2011 година (магнитуда 9,1)

Моќен потрес покрај североисточниот брег предизвика гигантски бранови што го оштетија нуклеарниот реактор во Фукушима. Над 18.000 лица загинаа или исчезнаа, а дел од телата никогаш не беа пронајдени.

5. Камчатка, Русија – 1952 година (магнитуда 9,0)

Иако без пријавени жртви, земјотресот предизвика цунами со бранови високи до 9 метри што удрија во Хаваи. Материјалната штета беше значителна.

6. Чиле, Биобио – 2010 година (магнитуда 8,8)

Силен земјотрес го погоди централниот дел на земјата, го стресе главниот град 90 секунди и предизвика цунами. Загинаа повеќе од 500 луѓе.

7. Еквадор, Есмералдас – 1906 (магнитуда 8,8)

Земјотрес и цунами усмртија околу 1.500 лица. Последиците се почувствуваа долж централноамериканското крајбрежје, па дури и во Сан Франциско и во Јапонија.

8. Алјаска, Острови Рат – 1965 година (магнитуда 8,7)

Цунамито достигна височина од 11 метри. Иако штетите беа релативно мали, имаше оштетени писти и објекти.

9. Тибет – 1950 година (магнитуда 8,6)

Загинаа најмалку 780 луѓе. Десетици села беа уништени, некои целосно лизнати во реки. Свлечиштата предизвикаа натрупување на реки, што доведе до секундарни поплави.

10. Суматра, Индонезија – 2012 година (магнитуда 8,6)

Иако не предизвика значителна штета, овој потрес ја зголеми тектонската нестабилност на раседот што беше одговорен за катастрофата во 2004 година.

Историјата бележи низа катастрофални земјотреси кои засекогаш ги промениле заедниците, географијата и сфаќањата за сеизмичката закана.

За потсетување, Македонија ја памети една од најголемите природни катастрофи што го погодија главниот град – земјотресот кој се случи на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути.

Овој потрес, со јачина од 9 степени според Меркалиевата скала (или 6,1 според Рихтеровата), претставува една од најразорните природни непогоди во историјата на Скопје и на целата земја.

Земјотресот траеше околу 20 секунди, а потреси со помала јачина се чувствуваа сè до 5 часот и 43 минути, оставајќи длабоки траги во меморијата и во историјата на Македонија.

 

Поврзани содржини