КОГА РОБОТ ГО МЕРИ ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ И ВЕЛИ „ДА, МИНИСТРЕ“ Велика Британија ќе користи вештачка интелигенција за да го „пипне пулсот“ на граѓаните
„Консалт“ е дел од пакетот ВИ-алатки наречена „Хемфри“, именуван по високиот државен службеник во британската ТВ-шоу „Да, министре“, којшто Владата на премиерот Кир Стармер го предложи заради забрзување на работата на државните службеници за да го намали времето и парите потрошени на административни задачи.
Владата на Обединетото Кралство создаде и почна да ја воведува и користи својата алатка со вештачка интелигенција, којашто ќе се користи за анализи на податоци и испитување на јавното мислење, а со цел подобро управување и заштеда на средства, трошоци, како и времето на вработените во самата институција.
Вештачкоинтелигентната алатка „Консалт“ (Consult), имено, прво била користена од Шкотската влада за консултации при испитување на мислењето на јавноста за тоа како да се регулираат нехируршките козметички процедури. Алатката ги анализирала одговорите и можела, според надлежните, да произведе резултати идентични со човечките службеници.
Затоа, сега ќе се користи и за анализа на други консултации, а исто така, и натаму ќе се развива, така што, тоа ќе може да им помогне на човечките работници да заштедат вкупно 75.000 дена рачна анализа секоја година, што значи и околу 20 милиони фунти (23,7 милиони евра) годишно за персонал.
Некои консултации добиваат десетици, па дури и стотици илјади одговори, па според Владата, оваа алатка за вештачка интелигенција ќе ја намали потребата човекот рачно да го прегледува секој одговор и да го категоризира.
„Консалт“ е дел од пакетот ВИ-алатки наречена „Хемфри“, именуван по високиот државен службеник во британската ТВ-шоу „Да, министре“, којшто Владата на премиерот Кир Стармер го предложи заради забрзување на работата на државните службеници за да го намали времето и парите потрошени на административни задачи.
Секретарот за технологија, Питер Кајл смета дека тоа ќе ги намали севкупните административни трошоци.
– Никој не треба да губи време на нешто што ВИ може да го направи побрзо и подобро, а не пак, и да троши милиони фунти на даночните обврзници на човекови ресурси за таква работа. По демонстрацијата на овие ветувачки резултати, „Хемфри“ ќе ни помогне да ги намалиме трошоците во управувањето и да го олесниме собирањето и сеопфатното разгледување на она што стручњаците и јавноста ни го кажуваат за низа клучни прашања. Шкотската влада направи храбар прв чекор. Наскоро, јас ќе го користам „Консалт“, во рамките на „Хемфри“, во мојот оддел, а другите во Вајтхол исто така ќе го користат – забрзувајќи ја нашата работа за да го испорачаме планот за промена – изјави Кајл.
Британската Влада се надева дека оваа технологија и подобро ќе се искористи преку јавните услуги, со цел да заштеди околу 45 милијарди фунти во продуктивноста.