„КОГА МАМА ЗАБОРАВИ ДЕКА МЕ САКА“ НА ШТАНДОТ НА „ТОПЕР“ Средба со авторката Драгица Русевска Христова
Книгата-првенец на Драгица Русевска Христова беше промовирана на 20.април, а средбата со авторката и потпишувањето се предвидени на третиот ден од годинешниот Саем на книгата во Арената „Борис Трајковски“, 5.мај (четврток) од 17 до 19 часот на штандот на „Топер“
На 20.април во опуштена атмосфера и во присуство на голем број посетители и пријатели во скопското Бифе Тафталиџе беше промовирана книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ на авторката Драгица Русевска Христова, во издание на „Топер“.
Промотори на книгата беа рецензентката Билјана Илиќ и д-р Габриела Новотни, авторка на предговорот во книгата која е всушност лична приказна на Русевска Христова за животот со нејзината мајка откако таа заболува од деменција.
„Книгата „Кога мама заборави дека ме сака“ издадена од Топер годинава, претставува романсирана исповед на ќерката-негувателка, како што се нарекува себеси авторката Русевска Христова, за животот со нејзината мајка Ракитка, откако таа заболува од деменција. Ѝ се восхитувам на искреноста на Драгица, која реши да ја заокружи оваа неколкугодишна одисеја раскажувајќи ни како изгледало соочувањето со нејзините сопствени демони, опишувајќи ги личните стравови и дилеми, честите падови и ретките издигнувања. Познато е дека старателите што негуваат болен од деменција во домашни услови често страдаат од депресија и анксиозност, беспомошност и безнадежност, како и од силно чувство на вина“, рече во своето обраќање Илиќ додавајќи дека книгата е и еден вид патоказ за оние кои во моментов во семејството имаат лице со деменција.
Можеби ќе ве интересира
Новотни во своето обраќање рече дека оваа книга сепак не е книга за болеста.
„Ова тука е парче расплетена душа преточена во емоции, ова е храброст и пркос, спротивставување на крадецот на спомените и споменик за Ракитка, задолжителна лектира и за нас докторите и за децата, сопружниците, саканите на лицата што живеат со деменцијата секој ден, секој миг и така со години, со овој непоканет член на семејството и со сите негови лица“, рече Новотни.
Таа потенцираше дека иако Алцхајмеровата болест удобно сместена во мозокот е способна да ги украде спомените за најсаканите, таа не може да ја украде љубовта која тие и понатаму ја чувствуваат длабоко во себе.
По убавата промоција оние кои се уште не успеале да ја купат, освен во книжарниците на „Топер“, книгата можат да ја најдат и на Саемот на книгата во Арената „Борис Трајковски“, каде што на 5.мај (четврток) од 17 до 19 часот на штандот на „Топер“ ќе можат да се сретнат и со авторката, која ќе ги потпишува купените книги.