КОЈ ТУКА ХАЛУЦИНИРА, НИЕ ИЛИ БОТОВИТЕ? Четири големи илузии поврзани со вештачката интелигенција

Писателката позната по книгата „Шок-доктрина“ идентификува четири големи халуцинации, но кај вештачката интелигенција, како што сметаат експертите, туку кај нас луѓето, кои мислиме дека зборуваме со вистинска личност, а не со машина.

433

„Халуцинација“ е новиот термин кој експертите го користат кога чат-ботовите прават грешки кои научниците не можат да ги објаснат. На пример, кога уште „неродениот“ Бард, во својата тест-верзија измислуваше неточни информации за телескопот Џејсон Веб(ЈВСТ) или кога кога било ќе добиете не-баш-точен одговор кој ќе ве натера да се посомневате во машините.

Дека вештачката интелегенција(ВИ) „халуцинира“ беше посочено и во писмото од стотици експерти кое го потпиша и Илон Маск во кое се бара да се стопира со развивањето на најновата четврта верзија на Чат ГПТ. Писмото не успеа да ги премисли креаторите на ЧатГПТ.






Научниците не можат точно да се справат со оваа „бујна фантазија“ на ботовите, која веројатно ќе расте како што тие стануваат попаметни, туку, во случајот на Чат ГПТ го направиле следното – впрегнале цела „армија“ на луѓе кои ќе го „учат“ чатот кои се точните информации преку внесување реченици и текстови. Неодамна беше објавено дека овие луѓе, со договор на дело заработуваат 15 долари, или по нашки, 1.000 денари на час.

Не е лошо за хонорарец!

Но, Наоми Клајн, позната колумнистка на Гардијан и писателка, пишува дека не халуцинираат ботовите, туку ние самите, луѓето кога замислуваме дека правиме муабет со човек, а не со машина, нешто што стручни се нарекува антропоморфизам.

Во опсежна колумна Наоми сега објаснува дека човештвото има четири големи „халуцинации“, односно заблуди за вештачката интелигенција: дека таа ќе ни го реши проблемот со климатското затоплување, дека ВИ ќе направи праведно да управуваме со светот, дека на технолошките гиганти кои ја развиваа ВИ наводно може да им се верува и дека ВИ магично ќе нѐ ослободи од болки.

Некои ја знаат Наоми по нејзиниот бестселер „Шок-доктрина“, а други како ко-директор на Центарот за климатска правда на Универзитетот во Британска Колумбија.

Таа смета дека терминот „халуцинација“ наместо се користи за да се мистифицира она кое ниту научниците можат да го објаснат.

„Тоа е точно – но зошто грешките воопшто да се нарекуваат „халуцинации“? Зошто не алгоритамскo ѓубре? Или баг? Па, терминот „халуцинација“ се однесува на мистериозниот капацитет на човечкиот мозок да воочи феномени кои не се присутни, барем не во конвенционални, материјалистички термини“, пишува Наоми за Гардијан.

 

фото: МИА

Халуцинација #1: ВИ ќе  ни го реши проблемот со климата

 Наоми Клајн го цитира поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит, кој рече дека ВИ треба да ги преземе најголемите проблеми во светот. Во случајот со климатските промени и загадувањето, таа смета дека халуцинацијата се состои во тоа што мислиме дека за овој стар проблем се потребен повеќе памет и интелигенција, а не она што е суштински – луѓето и компаниите да престанат да горат фосилни горива и да бидат поодговорни.

„Климатската криза, всушност, не е мистерија или загатка што сè уште не сме ја решиле поради недоволно робусни збирки податоци. Знаеме што би било потребно, но тоа не е брзо решение – тоа е промена на парадигмата. Чекањето машините да исплукаат повкусен или попрофитабилен одговор не е лек за оваа криза, тоа е уште еден нејзин симптом“, потцртува колумнистката.

Халуцинација #2: ВИ ќе донесе мудро управување со светот

Наоми тука го критикува извршниот директор на Опен АИ кој зборува за „најдобрите сценарија“ за неговите производи. Колку е реално да очекуваме дека алчните политичари ќе слушаат некој чат-бот за да донесат одлука и дали нема да го искористат ботот за да „протуркаат“ нешто на мала врата?

„Наместо тоа, се чини дека тој халуцинира свет целосно различен од нашиот, свет во кој политичарите и индустријата носат одлуки врз основа на најдобри податоци и никогаш не би ги изложиле безброј животи на ризик поради профит и геополитичка предност. Што нè доведува до друга халуцинација“, пишува познатата колумнистка и писталека.

Халуцинација #3: Можеме да им веруваме на технолошките гиганти дека нема да го уништат светот

 Ова е илузијата дека во битката меѓу Гугл, ОпенАИ или други гигантски компании во иднината, ќе подобрат „подобрите ангели“, како што ги нарекува Сем Алтман од Опен АИ.

„Подобрите ангели? Во Гугл? Прилично сум сигурен дека компанијата ги отпушти повеќето од нив затоа што објавуваа критички трудови за вештачката интелигенција или ја повикуваа компанијата за расизам и за сексуално вознемирување на работното место“, смета Наоми Клајн и потсетува дека компаниите носат одлуки врз основа на тоа што е најдобро за нив, а не за светот.

Халуцинација #4 : ВИ ќе нѐ ослободи од болките

Наоми предупредува дека она што се спрема во Силиконската долина е ништо друго освен лажен социјализам. Таа забележува дека тоа што ВИ нѐ прави навидум поповрзани не значи дека ќе живееме во подемократски општества.

Според неа, животите и професиите на многу луѓе веќе биле „десеткувани“ од вештачката интелигенција. Во иднина, вели таа, отпуштањата поради ВИ ќе бидат нешто секојдневно, како „грешка при заокружување“.

„Не грижете се, љубителите на вештачката интелигенција халуцинираат – ќе биде прекрасно. Па кој би сакал да работи?“, истакнува колумнистката.

Таа се осврнува на претходните идеи на извршниот директор на ОпенАИ, Алтман, дека вештачката интелигенција навистина може да ги оживее идеите на Карл Маркс во модерна форма: бесплатно здравство и издршка, неотуѓиви економски права…

Тука Наоми ја крши илузијата на Алтман со зборовите дека ние не живееме во некој рационален, хуман свет како оној од серијата „Ѕвездени патеки“, туку во суров капитализам.

„Живееме под капитализам и под тој систем, ефектите од преплавувањето на пазарот со технологии кои можат веродостојно да ги извршуваат економските задачи на безброј работни луѓе не е дека тие луѓе одеднаш се слободни да станат филозофи и уметници. Тоа значи дека тие луѓе ќе се најдат како зјапаат во бездната, а уметниците ќе бидат меѓу првите што ќе паднат“, заклучува Наоми Клајн.

 

 

Поврзани содржини