КОЈ СЀ НИ ПЕЕШЕ ЗА НОВА ГОДИНА ПОСЛЕДНАВА ДЕЦЕНИЈА? Од Дино Мерлин и домашни ѕвезди до откажани скапи прослави

Додека Коце Трајановски успеа да направи „македонски пречек“ со мешавина од наши ѕвезди и тоа најчесто го правеше во организација со Телеком и Т-мобиле, неговиот наследник Петре Шилегов проба да ја зачини атмосферата со куќичките од Винтерленд, со „Парни Ваљак“, а беше критикуван за скапиот настап на Дино Мерлин.

565

Чекајќи го китењето на главниот град на Македонија и гледајќи како тоа го прават нашите помали градови или како веќе се накитија Белград, Загреб или Солун се поставува прашањето: а, кој ќе свири годинава? Музичката историја на скопскиот плоштад ја обележаа балкански ѕвезди, но имало времиња кога и нашите домашни естрадни уметници редовно ги забавувале луѓето.

Славјето на плоштад е доживување за многумина, а секој скопски градоначалник проба да ѝ даде свој шмек на новогодишната ноќ. Додека Коце Трајановски успеа да направи „македонски пречек“ со мешавина од наши ѕвезди и тоа најчесто го правеше во организација со Телеком и Т-мобиле, неговиот наследник Петре Шилегов проба да ја зачини атмосферата со куќичките од Винтерленд, со „Парни Ваљак“, а беше критикуван за скапиот настап на Дино Мерлин.






Скапи или евтини, културни или турбофолкерски, еве кој ни пееше во последните десет Нови години.

концертот на „Парни Ваљак“

2012

Градоначалникот Коце Трајановски спреми богата програма со нашите Каролина, Есма и раперот Тони Зен кој тогаш е во подем. Пред трговскиот центар Лумикс кој се наоѓа пред ГТЦ беа изложени девет мали дрвени куќички во кои се продаваат произиводи од унгарска и германска култура. Звучи познато? Унгарската Амбасада, како и германската беа спонзори, а главен организатор Т-мобиле.

2013

„Незаборавна журка со Тијана, Калиопи и Куку-Леле на скопскиот плоштад за Нова година“, пишува Денешен за тогашната прослава. Пак во организација на Т-Мобиле свиреле Нокаут, Тамара, Роберт Саздов, Тони Зен, Аделина Таири, Дани, Бени и неколку македонски диџеи.

Атмосферата ја краселе и големите екрани од Т-мобиле на кои луѓето можеле преку смс да испраќаат пораки, желби и честитки.

2014

Ова е времето кога се појавува спотот за проектот „Скопје 2014“, а плоштадот на големо е зафатен со градежни работи, арматури и делови од „Воинот на Коњ“. Коце Трајановски решава прославата да ја префрли на самата Триумфална „Порта Македонија“.

Вечерта ја одбележуваат „Куку-леле“ кои конечно се реобединуваат, Тијана Дапчевиќ, композиторот Мустафа Имери и поп-дивата Калиопи. Забавата почнува час подоцна, во 21 часот.

2015

Новата година ја донесуваат скопјани облечени во Дедо Мразовци во т.н. Дедомразовска трка, која е спонзорирана од Пивара Скопје. Подоцна трката ќе стане традиција. Уште повеќе, градот смислува Новогодишен волшебен парк кој има се состои од новогодишен маркет и детско волшебно катче.

Бината повторно е кај Триумфалната Капија, на малиот плоштад Пела, име на древната македонска престолнина. Пеат голем дел од ѕведите од претходната година, а се појавува и Маја Панчева. Сузана Спасовска и Наум Петревски го даваат фолкерскиот дел од ноќта.

2016

Шарената револуција и протестите не ја спречуваат прославата за новата 2016 година, а џентлменскиот шмек го дава Оливер Драгојевиќ кој ја дели сцената со Тамара Тодевска. Продолжува Дедомразовската трка. Родителите со своите деца трчаат 1,5 километар од плоштадот „Македонија“ кон Триумфалната порта во правец на Градската болница, вртат лево кон Холидеј ин и зградата на МНР, повторно лево преку тогаш новоотворениот Археолошки музеј и преку Камениот мост се враќаат кај Воинот на коњ.

2017

Раперите Адријан Гаџа и Слаткар, заедно со Каролина се договорени да ја одбележат ноќта, но во последен момент градоначалникот Коце Трајановски ја откажува прославата и сите 2 милиони денари решава да ги донира во социјални цели.

„Градот Скопје веќе 10 години троши минимални средства за организирање на овие забави, а финансирањето е од мобилните оператори во земјава“, напишале тогаш во соопштението од Градот.

2018

Новиот градоначалник, Петре Шилегов, поучен од Коце Трајановски, или можеби под притисок дека се трошат огромни пари, повторно ја откажува свирката, а парите одат во хумани цели. Сепак, журката ја спасува тогашниот градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кој на малиот „сквер Јадран“ ги носи „Некст тајм“, „Ај Кју‘“, Тамара и Кристина Арнаудова.

огномет од прославата во 2019 година

2019

Петре Шилегов се амбицира и ги повикува хрватите „Парни Ваљак“ и Аки Ракимовски на концерт кој многу скопјани го имаат во добра меморија. Настапува и рок-бенд од Косово. Изненадување е населбата „Винтерленд“ со дрвени куќички и топли пијалоци, а се сеќаваме и на лизгалиштето кое беше поставено пред хотелот „Мериот“ кое беше одржувано со топ за вештачки снег.

2020

Познатиот пејач Дино Мерлин го полни плоштадот, по лично инсистирање на Шилегов, а народот беше поделен околу неговото гостување. Сепак, дебатите за тоа каков тип на пејач треба да нè забавува ги засени фактот дека Мерлин пеел за хонорар од 100.000 евра, незамислив за многу домашни, но и регионални ѕвезди. Подоцна Мерлин во интервју изјави дека упорноста на Шилегов била пресудна да дојде во Скопје.

2021

Короната и ковид-мерките ги оставија скопјани засегнати од пандемијата. Според тогашните правила локдаунот на 31 декември требаше да настапи по 18 часот, кога сите кафулиња беа затворени. Скопјани излегуваа порано од работа и брзаа да се прошетаат покрај елката на плоштадот и во големата гужва со или без маска пробаа да прослават пред да падне мракот.

Поврзани содржини